Имотот во Скопје ќе се даночи според пазарната вредност — новата проценка на имотите започна од Карпош и од Центар
Град Скопје во соработка со УНДП врши репроценка на недвижниот имот, земјиште и објекти во пвие две општини, кои се најатрактивни и каде вредноста на становите е највисока. Наскоро ќе бидат изготвени и даночните решенија.
На почетокот на месецов поголемиот број жители на Скопје ги добија решенијата за данок на имот за 2026 година во електронска верзија, со износ ист како и во изминатите години. Ова не важи за граѓаните од две општини, Карпош и Центар, до кои пресметките за данок допрва треба да стигнат, затоа што сѐ уште се прави проценката колку пари ќе треба да издвојат од домашниот буџет за плаќање на данокот оваа година.
Препорачано
Пред два месеци Советот на Град Скопје го усвои новиот Правилник за унифицирање на цените на градежното и земјоделското земјиште и зоните на населени места на подрачјето на Град Скопје, којшто претставува законска обврска согласно методологијата за процена на пазарната вредност на недвижниот имот.
Според член 4 од Правилникот при утврдување на данок на имот, како и при вршење ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот на секои 4 години, даночна основа претставува пазарната вредност на недвижниот имот утврдена во овој Правилник.
Оваа обврска, како што брифираат од Градот за „Слободен печат“ не била почитувана во изминатите години, поради што биле должни да извршат усогласување на вредностите со реалните пазарни цени постигнати во купопродажните договори од претходните години.
Ние имаме обврска да го обновуваме тој Правилник, кој не бил обновен 7-8 години. Во меѓувреме се значителчно променети цените на становите. На пример, стан е продаден за 2500 евра, таков купопродажен договор ни се доставува, а се даночи по цена од 1200 евра, како што бил проценет во минатото. Од тие причини е донесен новиот Правилник кој се темели и на праксата што ја имаме од договорите за купопродажба – објаснуваат од Градот.
Даночните решенија ќе стигнат до скопјани на крајот на јуни, Градот ја ревидира вредноста на имотите
Оттаму додаваат дека паралелно, во соработка со УНДП се врши и репроценка на недвижниот имот, земјиште и објекти во Карпош и Центар кои се најатрактивни општини и каде вредноста на становите е највисока.
Тоа значи дека даночните решенија кои се изготвуваат за сопствениците на имот во овие две општини и кои ќе се достават наскоро, ќе бидат со повисок износ од претходно, заради зголемената вредност на становите. Но како што е познато, цената на становите е зголемена во цело Скопје, иако не е толку висока како во Карпош и Центар.
Целта е во цело Скопје да се даночи според пазарната вредност – велат од Град Скопје, од што произлегува дека и во останатите општини во наредниот период ќе се изврши преоценка на имотите.
Инаку годинава, за првпат даночните решенија не беа доставени до граѓаните уште во март како што се практикуваше низ годините, туку во јули. Но и сега тие се прикажани само на електронскиот портал на Град Скопје, а уште не се знае кога ќе бидат доставени во хартиена форма. На правните лица им се доставени решенијата по електронски пат со цел намалување на трошоците и тие нема да ги добијат на хартија.
Проблемот со физичката достава на решенијата е што АД „Македонска пошта“, која досега имаше ексклузивно право за достава на мали пратки до 50 грама, ја укинало услугата за масовно ковертирање и достава. Поради тоа, како што велат од Градот, им пропаднал претходно објавениот тендер за достава на решенијата.
Градот обезбедува машина за печатење и ковертирање и распишува нов тендер за достава, а паралелно во врска со доставата сме во контакт и со десетте скопски општини – брифираат од Градот.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги подмират заостанатите обврски во однос на данокот на имот од 2022 до 2025 година, за да не се повтори ситуацијата од пред неколку месеци кога беа блокирани повеќе од 15 000 сметки на правни и физички лица за неплатен данок за 2021 година.


