Мечка заглавена на бандера - Фото: Принтскрин/ Икс

ВИДЕО | Мечка се заглави на бандера висока 10 метри, снимката стана вирална, но приказната има тажен крај

Необична сцена од Ново Мексико ги остави луѓето без зборови, црна мечка беше снимена како стои на врв на телефонски, односно електричен столб висок околу 10 метри, додека се обидува да се задржи со предните шепи, пренесува „Њујорк пост“.

Снимката брзо се прошири на интернет, а ја привлече вниманието и на американското Министерство за внатрешни работи, кое ја сподели со шеговита порака.

„Ја цениме желбата за американска енергетска доминација, но ова не е она што го мислевме“, напиша Министерството, алудирајќи на необичната сцена.

Видеото го снимила Шенон Маленс, која патувала од Ново Мексико кон Оклахома по патот 56. Таа за „Сторифул“ раскажала дека во првиот момент не можела да поверува што гледа.

„Навистина не верувавме во тоа што го видовме, па се вративме за уште еднаш да погледнеме. Прво мислевме дека мечката е мртва, но кога се приближивме сфативме дека сè уште е жива“, изјавила таа.

На снимката се гледа како мечката тешко дише додека со предните шепи се држи за горниот дел од столбот, а задните нозе ѝ висат од двете страни.

Сведокот кој го снимал видеото се јавил во службата за итни случаи и пријавил дека „мечка се наоѓа на врвот на столб“. Операторот одговорил дека веќе имале добиено неколку пријави за животното и дека биле известени надлежните служби за заштита на дивиот свет.

Сепак, спасувањето било исклучително ризично. Стручните лица објасниле дека не можеле да ја успијат мечката со средства за смирување, бидејќи по дејството на лекот животното најверојатно би паднало од голема височина и би се здобило со тешки повреди.

За жал, необичната авантура завршила трагично. Од Одделот за риби и диви животни на Ново Мексико потврдиле дека мечката подоцна угинала откако доживеала струен удар, и покрај напорите на локалните служби да ја спасат.

Експертите за диви животни објаснуваат дека вакви ситуации се случуваат кога мечка, особено млада или исплашена, ќе се вознемири од луѓе, автомобили или кучиња. Во паника таа може да се искачи на столбот, кој го доживува слично како високо дрво.

Сличен случај имало и во 2021 година во Аризона, кога друга мечка се искачила на електричен столб, но тогаш животното било успешно спасено.

Сериски крадец кој обожава слатки — јапонските власти ја бараат мечката која ги празни фрижидерите на локалното население

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот