Од футроли без сигнал до јакни против препознавање, германски стартап создава облека што ги збунува камерите со вештачка интелигенција
Облека со необични дезени што ги збунуваат системите за препознавање лица, специјален крој што го отежнува препознавањето на полот и футроли кои целосно го исклучуваат мобилниот телефон од мрежата. Ова се дел од производите што ги развива стартап од германскиот град Лајпциг, чија цел е да им овозможи на луѓето поголема заштита од сè почестиот дигитален надзор, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Основачите Никол Шелер и Даниел Пројс веќе неколку години работат на облека и додатоци кои не го прават човекот невидлив, но значително го отежнуваат неговото следење со помош на паметни камери и системи засновани на вештачка интелигенција.
Модата како средство за заштита на приватноста
Јакните што ги произведува компанијата се украсени со дезени кои потсетуваат на човечки лица. Таквите мотиви имаат задача да ги збунат системите за препознавање лица, додека асиметричниот и поширок крој дополнително го отежнува одредувањето на полот на лицето што е снимено.
„Главниот проблем е тоа што не знаеме каде завршуваат податоците. Дигиталните податоци денес се нов ресурс“, вели дизајнерката Никол Шелер.
Како пример таа ја посочува компанијата што стои зад општествената мрежа „Инстаграм“, која, меѓу другото, продава и очила со вградени камери.
Најпродаван производ на стартапот е специјална футрола за мобилен телефон која целосно го изолира уредот од мобилната мрежа. Со тоа се блокира и сателитското позиционирање, па телефонот повеќе не може да се следи преку неговата локација.
Шал што испраќа порака до фотографите
Идејата за ваков проект Никол Шелер ја добила додека студирала моден дизајн и работела на проекти поврзани со спротивставување на системите за надзор.
„Системите за надзор се насочени кон откривање на идентитетот, додека модата служи за негово изразување. Токму затоа сметам дека е интересно модата истовремено да го штити идентитетот и да ја подигнува свеста за ова прашање, бидејќи ваквите производи веднаш привлекуваат внимание.“
Меѓу највпечатливите производи е шал со дводимензионален код. Кога некој ќе се обиде да го фотографира, на екранот од телефонот се појавува порака со барање да не се фотографира.
Според Даниел Пројс, интересот за ваквите производи постојано расте.
„Имаме впечаток дека интересот и свеста за оваа тема се зголемуваат. Сè повеќе луѓе се занимаваат со неа и таа станува сè повидлива на различни платформи, што е одлично. Исто така, забележуваме дека луѓето сè повеќе реагираат на ова прашање.“
Сè повеќе паметни камери во јавниот простор
Потребата од вакви производи би можела дополнително да се зголеми бидејќи современата технологија има сè поголемо влијание врз секојдневниот живот.
Во март, германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт најави план железничките станици да бидат опремени со паметни камери кои ќе собираат биометриски податоци.
Организацијата „Алгоритам воч“ остро го критикуваше предлогот.
„Повеќепати предупредивме дека планираните мерки за надзор ќе создадат услови за масовно следење на сите луѓе во јавниот простор и практично ќе значат крај на анонимноста. Постојаното чувство дека некој ве следи ги обесхрабрува граѓаните да бидат политички активни или да преземаат одредени активности, како што е барањето советување за прекин на бременост.“
Од друга страна, Германскиот полициски синдикат ја поддржува примената на видеонадзор со помош на вештачка интелигенција на железничките станици.
„Употребата на видеосистеми засновани на вештачка интелигенција во јавниот простор претставува корисна поддршка за полициската работа. Со оглед на сè поголемиот број интервенции, ограничениот број полициски службеници и огромното количество снимки, ваквите системи можат побрзо да откриваат неправилности, попрецизно да ги насочуваат полициските службеници и да ја забрзаат анализата на видеоматеријалите.“
Паметни камери веќе функционираат во повеќе германски градови, но во најголем дел без биометриска анализа. Наместо препознавање на идентитетот, лицата на снимките се прикажуваат како поедноставени линии.
Исклучок е германската покраина Хесен, каде полицијата тестира биометриско препознавање лица во реално време, меѓу другото и во околината на главната железничка станица во Франкфурт. Целта е навремено да се идентификуваат лица кои би можеле да извршат терористички напад, како и полесно да се пронаоѓаат исчезнати лица или жртви на киднапирање.
Камери со вештачка интелигенција во Грција казнувале непостоечки патници


