ФОТО | Најпознатиот јутјубер во светот се ожени на приватен остров, на свадбата имало само 70 гости
Еден од најпознатите креатори на содржини во светот, Мистер Бист, чие вистинско име е Џими Доналдсон, се ожени со јужноафриканската гејмерка и интернет-личност Теа Бојсен.
Препорачано
Двајцата 28-годишници стапиле во брак на интимна церемонија на островот Некер, приватен остров во сопственост на британскиот милијардер Ричард Бренсон. На венчавката присуствувале околу 70 членови на семејството и блиски пријатели.
Свадбената прослава започнала на 14 јули и траела една недела. За гостите биле организирани бројни активности, меѓу кои сурфање со змеј, нуркање и дружење со животните што живеат на островот.
Церемонијата ја водел ракоположен свештеник и семеен пријател на двојката. Невестата носела венчаница изработена по нарачка од модната куќа „Никол + Фелисија“, додека Мистер Бист избрал смокинг од „Ралф Лорен“.

По размената на брачните завети, младенците го одиграле првиот танц на песната „Die With a Smile“ од Лејди Гага и Бруно Марс. На свадбената трпеза имало суши, говедско месо вагју, риба и торта од моркови, која е омилена на Бојсен.
Иако Мистер Бист е познат по своите спектакуларни и скапи видеа, тој претходно нагласувал дека сака свадбата да остане приватен настан, без телевизиски камери и снимање за неговите канали. Единствено бил ангажиран професионален свадбен фотограф.
„Можеби звучи чудно, но ова беше само формалност. Уште откако почнавме да се забавуваме, знаевме дека целта ни е брак. Разликата е што сега и светот знае дека сме во брак“, изјавила Бојсен.
Таа ја опишала прославата како „рај“ и истакнала дека за нив било особено важно што успеале на едно место да ги соберат блиските луѓе со кои, поради бројните професионални обврски, ретко имаат можност да поминуваат подолго време.

Мистер Бист и Теа Бојсен се запознале во 2022 година во Јужноафриканската Република, за време на една од неговите посети на земјата. Се сретнале на вечера организирана од заеднички пријател, а набргу потоа започнале врска на далечина.
„Кога го запознав, ме изненади колку е приземен и интелигентен. Мислев дека јутјуберите се само некаква јавна личност, но видов дека тој навистина е добро момче и дека нема его“, изјавила Бојсен.
Двојката се свршила на Божиќ во 2024 година, во нивниот дом и во присуство на членовите на двете семејства. Доналдсон тогаш ѝ го врачил прстенот, клекнал и ја запросил.
Мистер Бист важи за еден од највлијателните и најуспешните јутјубери во светот. Тој се прослави со видеа во кои организира големи натпревари, подарува високи парични награди и реализира хуманитарни акции, додека Теа Бојсен е гејмерка, коментаторка на е-спортски натпревари и авторка.


