Робин Вилијамс - Фото: Hollywood Pictures/ American Zoe / AFP / Profimedia

Како дете го исмевале поради изгледот, но поради талентот стана светски познат и покрај тешката лична приказна – животот на култниот Робин Вилијамс

Актерот и комичар кој го насмеа светот со својата неверојатна енергија зад себе остави незаборавно наследство, но и приказна за човек кој долго време се борел со лични демони

Робин Вилијамс беше актер кој со својата неверојатната способност за импровизација и уникатниот хумор, можеше да ја освои секоја публика, што го направи еден од најпрепознатливите во светот на филмот и комедијата. Но, зад неговиот секогаш ведар лик, се криела многу тешка лична приказна. Во текот на животот се соочувал со зависности, депресија, здравствени проблеми и стравови кои ретко ги покажуваше пред јавноста.

Робин Вилијамс почина на 11 август 2014 година, на 63-годишна возраст.

Ова се некои од неговите највпечатливи животни моменти, кои ги пренесе „Ролинг стоун“.

Човекот кој ги насмеа војниците, но ги откри и своите болки

Во декември 2007 година, пејачот Кид Рок очекувал дека патувањето со Робин Вилијамс ќе биде исполнето со хаос, смеа и непредвидливи моменти. И не погрешил.

Вилијамс, чиј татко бил офицер во морнарицата, веќе двапати патувал во Авганистан за да ги забавува американските војници преку програмата на организацијата за поддршка на војската. Овојпат му се придружил и Кид Рок.

Двајцата се запознале неколку месеци претходно, откако Вилијамс присуствувал на еден негов настап. По концертот, зад сцената, актерот почнал своја импровизирана изведба, преплавувајќи ги стиховите на Кид Рок со карактеристичниот хумор што го направи славен.

Нивното дружење продолжило и за време на турнејата. Во Ирак, двајцата спонтано извеле блуз-пародија, а со нив биле и велосипедистот Ленс Армстронг и комичарот Луис Блек. Сите заедно спиеле во скромни воени услови, во соби без посебен комфор.

Додека другите се обидувале да одморат, Вилијамс повторно почнувал со своите импровизации, шегувајќи се со сè што ќе му паднело на ум – дури и со ’рчењето и непријатните звуци што ги правел Армстронг.

Но кога останале сами, Кид Рок видел сосема друга страна од својот пријател.

„Беше горе, горе, горе, а потоа ќе седнеше со мене, ќе заплачеше и ќе почнеше да зборува за својот приватен живот. Тоа беше нешто што никогаш не го очекував“, раскажал Кид Рок.

Во тој период Вилијамс минувал низ развод со својата втора сопруга, што многу тешко го погодило. Кид Рок забележал и дека актерот често оди во тоалет, речиси на секои 15 минути, не знаејќи дека зад тоа стои влошена срцева состојба.

„Знам дека комичарите можат да бидат мрачни, но беше чудно да се биде во Авганистан и некој да седне до тебе и толку искрено да се отвори. Кога стануваше сериозен, тој навистина стануваше сериозен“, рекол тој.

Робин Вилијамс – ФотоEPA/DANIEL DEME

Генијалец со мозок што работеше со брзина на машина

Во тој период Робин Вилијамс веќе беше институција.

Беше познат не само по својата комедија, туку и по хуманитарната работа. Помагаше во собирање средства за бездомници преку хуманитарните настапи на „Комик рилиф“ заедно со Били Кристал и Вупи Голдберг, а редовно донираше и за организации кои им помагаат на луѓето заболени од сидa.

Актерот имаше освоено Оскар за најдобра споредна машка улога за филмот „Добра волја“ (Good Will Hunting) од 1997 година, а неговата кариера се движеше меѓу големи комерцијални хитови и сериозни драмски улоги.

Публиката го обожаваше во филмовите „Госпоѓа Даутфајр“ (Mrs. Doubtfire), „Пач Адамс“ (Patch Adams), „Будења“ (Awakenings), „Една фотографија“ (One Hour Photo) и „Несоница“ (Insomnia).

„Тој беше како компјутер. Исфрлаше имиња од некој филм што го гледал еднаш во 1956 година. Беше вистински генијалец. Јас му се восхитував“, рекол актерот Мартин Шорт, кој го запознал Вилијамс во 1979 година.

Но зад огромниот талент постоела и борба која малкумина ја гледале.

Во текот на кариерата, Вилијамс отворено зборувал за проблемите со алкохолот, наркотиците, разводите и личните кризи.

„О, јас немам внатрешен мир. Не мислам дека некогаш ќе бидам човек кој ќе каже: ’Сега сум едно со себе’. Тогаш веќе си мртов, во ред? Веќе не си во своето тело“, рекол тој во интервју во 1988 година.

Тој често ги претворал мрачните мисли во шеги, дури и кога станувало збор за самоубиствени размислувања. Но на луѓето околу него долго време им изгледало дека ја држи ситуацијата под контрола.

„Зборуваше за пиењето и малку за депресијата, но секогаш на лесен начин. Секогаш беше под контрола. Сите мислевме: добро, имал проблеми со алкохолот и бил малку депресивен. Кој не бил? Мислевме дека се справува со тоа. Но не беше така“, рекол Боб Змјуда, еден од основачите на хуманитарната организација „Комик рилиф“.

Робин Вилијамс – Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

Детството во кое се родила потребата да ги засмејува другите

Приказната за Робин Вилијамс започнала во Чикаго во 1951 година. Тој бил единственото дете на Роберт Вилијамс, висок извршен директор во компанијата „Форд“, и Лори Вилијамс, жена која во младоста работела како модел и актерка.

Уште од најраните години, Робин научил дека смеењето може да биде начин да се добие внимание и блискост.

За неговата мајка, која ја опишувал како жена со силна енергија и љубов кон забавите, тој често се обидувал да биде забавен.

„Првата смеа е секогаш онаа што те привлекува. А најчесто доаѓа од мајката или таткото. За мене тоа беше мајка ми. Секогаш се обидував да ја насмеам“, рекол Вилијамс.

Сепак, неговото детство не било толку безгрижно како што можеби изгледало однадвор. Тој подоцна раскажувал дека како дете често бил мета на исмевање поради изгледот и дека имало периоди кога плачел и не сакал да се врати во училиште.

Самодовербата почнал да ја гради дури кога се приклучил на училишниот тим за борење.

Вилијамс растел во голема куќа и имал цел кат само за себе. Често поминувал време сам со својата огромна колекција на играчки војници, на кои им давал различни гласови и создавал сопствени приказни.

Подоцна велел дека најголем дел од воспитувањето го добил од семејната помошничка Сузи.

Комичарот Дејвид Стајнберг, кој го познавал речиси четири децении, сметал дека во детството на Вилијамс имало голема доза осаменост.

„Има некаква осаменост кај сите комичари, бидејќи постојано живеат во сопствениот ум. Но кај него имаше посебна осаменост што не сум ја видел кај многу луѓе“, рекол тој.

Фото: Профимедиа

Први чекори кон сцената и откривањето на импровизацијата

Во 1967 година, откако неговиот татко се пензионирал, семејството се преселило во Тибурон, богат град во областа на заливот Сан Франциско, каде Робин го завршил средното образование.

Додека студирал во Калифорнија, тој посетувал часови по глума и таму ја открил магијата на импровизацијата. Со поддршка од родителите, решил професионално да се занимава со актерство.

Во 1973 година се преселил во Њујорк и се запишал на престижната школа за глума „Џулијард“, каде студирал заедно со идните ѕвезди Кристофер Рив и Вилијам Харт.

На почетокот не му било лесно да се вклопи.

„Не му беше удобно во Њујорк. Тој беше момче од Калифорнија кое носеше карате облека и беретка и не се вклопуваше со луѓето околу него“, подоцна рекол Кристофер Рив.

Сепак, Вилијамс не останал долго во школата. Во 1976 година го напуштил „Џулијард“, се вратил дома и наскоро ја добил првата сериозна актерска улога во драмата „Љубовникот“ (The Lover) на Харолд Пинтер.

Бил толку сиромашен што режисерката Синтија „Кики“ Волис морала да му даде пари за да купи облека за улогата.

Иако претставата била сериозна, дури и тогаш се гледала неговата желба за комедија.

Една вечер, кога не успеал да ја насмее публиката, тој импровизирал со гласот на Тарзан и веднаш го добил посакуваниот ефект.

„Ја доби смеата, но го прекрши правилото на претставата“, му рекла режисерката.

Но токму таа потреба да комуницира со публиката подоцна ќе стане негов заштитен знак.

Робин Вилијамс – Фото: United Archives/IFTN / DPA / Profimedia

Комедијата како спас и раѓањето на уникатен талент

По првите актерски обиди, Вилијамс почнал да настапува како стендап комичар во Сан Франциско.

„Жената со која живеев ме остави и морав да направам нешто за да излезам од депресијата“, рекол подоцна.

Во 1977 година се преселил во Лос Анџелес, каде добил неколку телевизиски улоги, но брзо станало јасно дека неговиот најголем адут е тој самиот.

На еден стендап настап за телевизијата „Ејч-би-о“, наместо само да ги изведува однапред подготвените шеги, тој почнал да разговара со публиката и веднаш да создава нов материјал.

„Слезе од сцената, отиде меѓу публиката, почна да разговара со нив и од тој разговор создаваше комедија. Беше брилијантно“, раскажал Дејвид Стајнберг.

Во тој период се развивала неговата препознатлива техника – неверојатно брза импровизација, менување гласови, ликови и идеи во само неколку секунди.

Неговиот талент наскоро ќе му ја донесе улогата што ќе му го промени животот.

Робин Вилијамс во „Морк и Минди“ – Фото: American Pictorial / Hollywood Archive / Profimedia

„Морк и Минди“ – ликот што го претвори во ѕвезда

Во 1978 година, продуцентот на серијата „Среќни денови“ (Happy Days), Гери Маршал, барал актер за улога на вонземјанин кој требало да се појави само како гостин.

Вилијамс дошол на аудицијата и, според легендата, за време на средбата застанал на глава.

Тој го добил ликот на Морк – вонземјанин кој со детска наивност го набљудува човечкиот свет и неговите чудни навики.

Неговата изведба била толку впечатлива што продуцентите одлучиле ликот да добие сопствена серија.

Така се родила „Морк и Минди“ (Mork & Mindy).

На снимањето, Вилијамс речиси целосно ја користел својата импровизација. Во сценаријата понекогаш стоело само: „Робин го прави своето“.

Серијата станала огромен хит кога започнала да се емитува во 1978 година, а неговата плата за епизода за втората сезона пораснала од 15.000 на 40.000 долари.

„Не можеше да му биде доста. Го сакаше тоа. Изгледаше навистина среќен и исполнет со возбуда поради успехот, парите и можностите“, рекол Мартин Шорт.

Истовремено, неговата стендап кариера доживеала огромен подем.

Тој можел во еден настап да премине од филмски референци, преку имитација на претседателот Џими Картер, па сè до измислени сценарија со ликови кои никој друг не би можел да ги замисли.

Неговата брзина и креативност влијаеле врз цела генерација комичари.

„Не можете да погледнете модерен комичар и да кажете: ’Тоа е наследникот на Робин Вилијамс’, бидејќи тоа не е можно. Тој правеше нешто толку уникатно што никој не можеше да го копира“, рекол режисерот Џад Апатоу.

„Нану, нану“ – фразата што го освои светот

Со успехот на „Морк и Минди“ (Mork & Mindy), животот на Робин Вилијамс се променил преку ноќ.

Настапите во познатиот клуб „Студио 54“, играчките со ликот на Морк и неговата препознатлива фраза „Нану, нану“ го претвориле во феномен.

Неговата слава станала толку голема што речиси невозможно било да помине незабележано во јавноста.

„Ќе возевме некаде и тој ќе кажеше: ’Морам да застанам овде’. Тинејџери ќе трчаа по него низ паркинзите. Тој ќе трчаше, а зад него ќе имаше група луѓе што викаа: ’Нану, нану’“, раскажал писателот Армистед Мопин, негов близок пријател.

Но и покрај огромната популарност, оние што го познавале го опишувале како човек кој останал скромен и искрено фасциниран од другите луѓе.

Во 1980 година, Вилијамс отпатувал во Торонто за да му се придружи на Мартин Шорт во импровизаторска група. Бидејќи немал многу време за себе, престојувал во домот на Шорт.

Еден ден поминал дури три часа гледајќи како децата од соседството играат хокеј на улица.

„Беше премногу познат за да излезе и да каже: ’Може ли и јас да играм?’. Но сакаше само да ги гледа. Беше неверојатно добар и како невино дете“, се присетил Шорт.

Неговата слава му овозможила и средби со луѓе на кои некогаш им се восхитувал.

На една забава кај музичарот Хари Нилсон, каде што бил претставен преку продуцентот Џорџ Мартин, го сретнал Џорџ Харисон од „Битлси“.

Харисон го прегрнал и му рекол:

„Човеку, ја обожавам твојата работа“.

Вилијамс, кој често ги нарекувал луѓето „капетане“, само одговорил:

„Ви благодарам, капетане“.

Подоцна, излегувајќи на балконот со Мопин, покажал кон собата и рекол:

„Таму е еден член на ’Битлси’!“

За Мопин, тој момент многу зборувал за промената што му се случила на Вилијамс.

„Сите растеме восхитувајќи се на некого. А потоа дојдовме до момент кога некој се восхитуваше на Робин“, рекол тој.

профимедиа

Успехот и темната страна на славата

Во првите години пред „Морк и Минди“ (Mork & Mindy), Вилијамс живеел релативно скромно. Но со огромниот успех дошол и пристапот до сè што славата можела да му понуди.

Тој подоцна отворено зборувал за периодот кога користел наркотични средства и за бурниот живот во Холивуд во седумдесеттите години.

Кид Рок, кој еднаш го прашал што се случувало зад сцената на „Морк и Минди“ (Mork & Mindy), се присетил на одговорот:

„Тој ми рече: ’О, планини од кокаин!’. Јас си помислив: ’Знаев!’. Но никогаш не сум одел на работа под дејство на такво нешто“.

За време на снимањето на својот комичен албум „Реалноста… Каков концепт“ (Reality… What a Concept) во 1979 година, Вилијамс поминал низ период на тешка злоупотреба на кокаин.

Подоцна објаснил дека за него тоа не било само забава, туку начин да се дистанцира од луѓето и од светот околу него.

„Користев кокаин за да не морам да разговарам со никого. За мене тоа беше како средство за смирување, начин да се повлечам од луѓето и од светот од кој се плашев“, рекол тој во 1988 година.

Неговото однесување почнало да ги загрижува и блиските луѓе.

Комичарот Џеј Лено, кој тогаш сè уште бил млад колега, еднаш се вмешал кога слушнал гласини дека Вилијамс ја изневерува својата партнерка Елејн Буслер.

Тој ги седнал двајцата и директно разговарал со него.

Кога Вилијамс рекол дека само бара „рамнотежа“, Лено му одговорил со шега:

„Да, но го користиш својот полов орган како потпора“.

Смртта на Џон Белуши – момент што го промени неговиот живот

Во март 1982 година, дивиот период на Вилијамс ненадејно добил трагичен пресврт.

Откако слушнал дека актерот Џон Белуши сака да го види, тој отишол во неговиот апартман во хотелот „Шато Мармон“ во Лос Анџелес.

Но Белуши не изгледал расположен за посета, па Вилијамс си заминал.

Неколку часа подоцна, Белуши починал од предозирање.

Вилијамс подоцна бил повикан да сведочи пред голема порота.

„На крајот бев таму само пет или десет минути. Го видов и си заминав. Тој навистина не ме сакаше таму. Очигледно имаше други работи што ги правеше“, рекол Вилијамс.

Тој момент длабоко го погодил.

„Ова беше место на злосторство. Ова беше сериозна работа. Тоа сигурно го разбуди“, рекол Боб Змјуда.

По трагедијата, Вилијамс целосно се откажал од наркотиците. Кога Армистед Мопин му понудил марихуана кратко време потоа, актерот одбил.

Фото: Профимедиа

Од телевизискиот успех до борбата за филмска кариера

И покрај огромната популарност на „Морк и Минди“ (Mork & Mindy), неговите први филмски улоги не биле лесен пат.

Во филмовите „Светот според Гарп“ (The World According to Garp) и „Москва на Хадсон“ (Moscow on the Hudson), тој се обидел да покаже драмски способности и да се ослободи од ликот на Морк.

За „Москва на Хадсон“ (Moscow on the Hudson) дури учел руски јазик.

Сепак, публиката сè уште го поврзувала со телевизискиот лик и филмовите не постигнале голем успех.

Вилијамс бил особено горд на овие улоги и дури го прашал пријателот Армистед Мопин дали мисли дека ќе добие номинација за Оскар.

Вистинскиот пресврт дошол со филмот „Добро утро, Виетнам“ (Good Morning, Vietnam).

Тој го играл радио-водителот од воздухопловните сили, Едријан Кронауер, лик кој совршено ги споил неговата комичност и неговата емотивна длабочина.

Режисерот Бери Левинсон се присетил дека Вилијамс на почетокот бил несигурен бидејќи немал публика пред себе.

Во една сцена дури понудил самиот да плати за повторно снимање, убеден дека не бил доволно смешен.

„Му реков: ’Робин, тоа не е нешто за кое треба да се грижиме. Верувај ми, неверојатно е смешно’. Тој навистина беше изненаден и рече: ’Навистина? Така мислите?’“, раскажал Левинсон.

Успехот на „Добро утро, Виетнам“ (Good Morning, Vietnam) му ја донел првата номинација за Оскар и повторно ја отворил вратата кон големите филмски улоги.

Робин Вилијамс – Фото: 20thCentFox Collection / Everett / Profimedia

Холивуд го откри драмскиот талент на комичниот гениј

По успехот на „Добро утро, Виетнам“ (Good Morning, Vietnam), кариерата на Робин Вилијамс влезе во нова фаза.

Иако публиката најмногу го познаваше по неговата неверојатна енергија и комичен талент, тој постојано се обидуваше да покаже дека може да носи и сериозни, драмски улоги.

Во следните години тој се појави во низа филмови кои денес се сметаат за дел од неговото најголемо наследство.

Меѓу нив беа „Клубот на мртвите поети“ (Dead Poets Society), „Будења“ (Awakenings), „Кралот на рибарите“ (The Fisher King), „Госпоѓа Даутфајр“ (Mrs. Doubtfire), како и анимираниот хит „Аладин“ (Aladdin), каде што го позајми гласот на Џинот.

Неговата способност да преминува од комедија во драма го направи еден од најценетите актери на својата генерација.

Сепак, со текот на времето дел од критичарите почнаа да сметаат дека премногу се насочил кон семејни филмови. Публиката не се согласуваше со тоа.

Филмот „Пач Адамс“ (Patch Adams), кој критичарите го оценија поделено, во 1998 година заработи околу 135 милиони долари ширум светот.

До тој период, Вилијамс наводно заработувал и до 20 милиони долари за филм.

Но зад големиот успех се случувале и сериозни промени во неговиот приватен живот.

Робин Вилијамс/Фото: Profimedia

Првиот развод и новото семејство

Кон крајот на осумдесеттите години, токму кога неговата кариера достигнувала нови височини, животот на Вилијамс се соочил со првата голема криза.

Тој се разделил и се развел од својата прва сопруга Валери Веларди.

Двајцата се запознале во Сан Франциско, каде што таа работела како келнерка, а се венчале во 1978 година, уште пред почетокот на огромниот успех на „Морк и Минди“ (Mork & Mindy).

Комичарката Елејн Буслер, која била во врска со Вилијамс пред неговиот брак со Валери, сметала дека таа била вистинската личност што можела да му помогне да остане приземјен.

„Не можам да замислам подобра личност која би го одржувала стабилен и би му помогнала да напредува во тие први години на успех. Кога сте толку познати и заработувате за толку многу луѓе, никој не ви кажува ’не’, а токму тоа е она што ви треба повеќе од сè“, рекла Буслер.

Сепак, бракот имал проблеми. Веларди подоцна признала дека неколкупати го напуштала домот на одреден период.

Двајцата се разделиле, а разводот официјално бил завршен во 1988 година.

Набргу потоа Вилијамс започнал нова врска со Марша Гарсес, која претходно била дадилка на неговиот син Закари.

Актерот секогаш тврдел дека неговиот прв брак веќе бил завршен кога започнала врската со Гарсес, но медиумскиот интерес и озборувањата околу приказната силно го погодиле.

Тој ја опишувал Марша како „нежна и прекрасна душа“.

Двајцата подоцна станале и деловни партнери, работејќи заедно на филмови како „Пач Адамс“ (Patch Adams) и „Госпоѓа Даутфајр“ (Mrs. Doubtfire).

Фото: Профимедиа

Потребата да ја засмејува публиката никогаш не исчезнала

И покрај огромната слава, за луѓето околу него било јасно дека Робин Вилијамс секогаш имал потреба од реакција од публиката.

Некои негови блиски тоа го нарекувале „повратна информација“ – моментот кога ја чувствувал енергијата од луѓето околу себе.

За време на снимањето на филмот „Ноќниот слушател“ (The Night Listener), Армистед Мопин забележал нешто карактеристично за него.

„Ако имаше две девојчиња што се смееја на крајот од улицата и не можеа да поминат преку оградата, Робин ќе отидеше до нив и ќе ги воодушевеше три минути, а тие ќе си заминеа променети“, раскажал тој.

Но таа потреба за постојано забавување на другите понекогаш откривала и нешто подлабоко.

Боб Змјуда еднаш го посетил Вилијамс во неговата канцеларија во Сан Франциско за да разговараат за проект.

Кога влегол во просторијата, таму биле само двајцата.

„Беше многу непријатно. Тој почна да се поти, бидејќи немаше публика. Не можеше да ги состави проклетите зборови“, се присетил Змјуда.

Но кога во просторијата влегла Марша Гарсес, ситуацијата веднаш се променила.

„Како да притисна прекинувач и почна да настапува. Скока наоколу, прави сè. Тој го правеше тоа само за тебе. Се смееш до солзи“, рекол Змјуда.

Вилијамс престанал дури кога Гарсес плеснала со рацете како наставник и му рекла:

„Робин, престани!“

Според Змјуда, тогаш тој ја наведнал главата како мало дете што било искарано.

„Ова не беше само човек кој сака да биде смешен. Ова беше нешто што мораше да го прави. Ако не го правеше тоа, му стануваше непријатно“, рекол тој.

Велосипедите како негово засолниште од славата

Во периодот околу раѓањето на неговата ќерка Зелда во 1989 година, а потоа и синот Коди во 1991 година, Вилијамс развил голема страст кон велосипедизмот.

Откако трчањето станало физички потешко за него, велосипедот станал негов начин за движење, ослободување и мир.

До крајот на животот имал повеќе од 50 велосипеди и често посетувал продавници за велосипеди во округот Марин, каде што купувал и многу скапи модели.

Еднаш, кога продавницата била затворена за попладневна пауза, тој мирно чекал повеќе од еден час. Времето го поминал во соседен фризерски салон, каде што ги забавувал жените што работеле таму.

Неговата љубов кон велосипедите го зближила со Ленс Армстронг.

Двајцата често возеле заедно, а Вилијамс присуствувал и на неколку трки „Тур де Франс“.

По секоја победа на Армстронг му подарувал часовник, а еден од нив имал изгравирано:

„ВОЗИ ПОНАТАМУ, ДРУГАР“.

„Никогаш не го прашав зошто толку многу сака велосипеди. Но многу луѓе го гледаат возењето велосипед како бегство, како безбедно место каде што можат да се оддалечат од сè“, рекол Армстронг.

За Вилијамс велосипедот бил совршен начин да ја балансира славата.

„Можеше да вози низ градот, луѓето да го препознаат и да му кажат: ’Еј, Робин!’, а тој да одговори: ’Еј!’ и само да продолжи. Му даваше и дружељубивост и приватност. Тоа беше одличен начин да се справи со славата“, рекол Мопин.

Фото: Профимедиа

Кризата што започна зад камерите

Иако Робин Вилијамс продолжуваше да создава впечатливи улоги, почетокот на новиот милениум донесе нови предизвици во неговиот живот.

Во 2003 година, додека го снимаше црниот хумористичен филм „Големото бело“ (The Big White) на Алјаска, започна период кој подоцна ќе го опише како еден од најтешките во својот живот.

Во годините претходно тој се обидуваше да се оддалечи од имиџот на човек кој постојано мора да биде смешен.

Се појави во низа посериозни и потемни улоги, меѓу кои беше и ликот на вознемирен фотограф во филмот „Фотографија на час“ (One Hour Photo), потоа сериски убиец во трилерот „Несоница“ (Insomnia), каде што играше покрај Ал Пачино, како и вознемирувачкиот лик на поранешна детска телевизиска ѕвезда во „Смрт за Смуџи“ (Death to Smoochy).

Особено улогата во „Фотографија на час“ (One Hour Photo) беше доказ дека Вилијамс може целосно да ја потисне својата комичарска природа и да создаде длабоко вознемирувачки карактер.

Режисерот Марк Романек објаснил дека актерот имал потреба да се пошегува меѓу сцените, за потоа целосно да се внесе во драматичниот лик.

„Беше толку навикнат да ги забавува луѓето и да ги насмева што мораше да ја исфрли таа енергија меѓу снимањата, за кога ќе започнеше сцената да може целосно да се ослободи од таа потреба“, рекол Романек.

Сепак, овие филмови не го постигнале успехот на неговите најголеми хитови како „Госпоѓа Даутфајр“ (Mrs. Doubtfire).

Вилијамс почнал да се грижи за својата кариера.

Токму тогаш, додека бил на Алјаска, влегол во една продавница, купил мало шише виски и го испил веднаш откако излегол.

„За една недела купував толку многу шишиња што звучев како ѕвонче додека одев по улица“, подоцна раскажал тој.

Проблемот со алкохолот станал толку сериозен што во една прилика се опијанил за време на семејна прослава за Денот на благодарноста.

По интервенција од неговото семејство, во 2006 година повторно побарал професионална помош и влегол во установа за рехабилитација во Орегон.

Ленс Армстронг тогаш го посетил.

„Кога замина таму, немав поим дека има проблем. Само неколку месеци претходно бевме заедно на Канскиот фестивал. Немаше никакви видливи знаци на стрес“, рекол Армстронг.

Според него, Вилијамс бил исклучително добар во криењето на своите проблеми.

„Ќе се пренасочеше, ќе избегнеше и повторно ќе се враќаше на тоа да ги насмевнува луѓето“, рекол тој.

Смеата како штит пред внатрешните борби

Со текот на времето, неговите пријатели почнале да забележуваат одреден образец.

Робин Вилијамс многу брзо започнувал со импровизации и шеги, дури и во моменти кога луѓето околу него се обидувале да разговараат за посериозни теми.

За многумина тоа било неговиот начин да не зборува за сопствените проблеми.

„Со нас разговараше за зависностите, но не и за депресијата. Тоа остануваше приватно. Тој секогаш беше позитивен“, рекол Бинг Гордон, близок пријател на актерот.

Но понекогаш пријателите забележувале моменти кога неговата вообичаена енергија исчезнувала.

На едно патување со брод, по период со многу работа, Гордон забележал дека Вилијамс изгледа целосно исцрпен.

„Само седеше таму и гледаше пред себе“, се присетил тој.

Но кога некој споменал германски збор, Робин одеднаш се вратил во својот препознатлив стил.

Почнал да измислува зборови и да прави цела приказна за тоа како би изгледала германската верзија на „Љубовниот брод“.

Опреацијата на срцето која му го промени животот

Во 2009 година, за време на неговата стендап-турнеја „Оружје на самоуништување“ (Weapons of Self Destruction), Вилијамс почувствувал проблеми со дишењето.

Бил пренесен во болница во Мајами, а потоа во Клиниката Кливленд.

Таму лекарите извршиле повеќечасовна операција со која му бил заменет аортниот залисток и бил коригиран неправилниот срцев ритам.

По операцијата му останала голема лузна на градите.

Како и секогаш, Вилијамс и тоа искуство го претворил во шега.

„Имам кравји залисток, што е одлично. Пасењето беше забавно. А давам и добар литар павлака“, се пошегувал тој.

Неговите пријатели не биле изненадени што дури и во тежок момент успеал да создаде комедија.

„Тоа имаше големо влијание врз него. Но, нормално, тој беше Робин – го претвори во комичен настап“, рекол Армстронг.

Робин Вилијамс и Сузан Шнајдер- Фото: EPA/PAUL BUCK

Нов почеток со Сузан и нови професионални сомнежи

Во 2011 година се чинело дека Робин Вилијамс повторно започнува ново поглавје.

На неговиот 60-ти роденден присуствувале пријатели како Били Кристал и Армистед Мопин.

Меѓу гостите била и Сузан Шнајдер, сликарка од Сан Франциско, со која се запознал во 2009 година.

Кога првпат се сретнале во продавница на „Епл“ (Apple), таа се пошегувала на сметка на неговите панталони.

„Како функционира таа камуфлажа?“, го прашала.

„Одлично, бидејќи ја забележа“, ѝ одговорил Вилијамс.

И двајцата биле во период на трезвеност, а Сузан му помогнала во закрепнувањето по срцевата операција.

Три месеци по роденденската прослава, тие се венчале.

„Изгледаше дека таму имаше многу среќа. Бев пресреќен за него“, рекол Мопин.

Но паралелно со личната среќа, Вилијамс повторно се соочувал со професионални несигурности.

На врвот на славата снимал по два или три филма годишно.

Но во 2010 година немал ниту едно филмско остварување.

Иако неговата улога во „Најдобриот татко на светот“ (World’s Greatest Dad) беше одлично оценета, филмот не привлече големо внимание.

Поради нестабилноста на филмската кариера, тој одлучи повторно да се врати на телевизијата, повеќе од три децении по „Морк и Минди“ (Mork & Mindy).

Новата серија беше „Лудите“ (The Crazy Ones), создадена околу ликот на рекламниот директор Сајмон Робертс.

Идејата била улогата да има сличности со самиот Вилијамс – човек кој некогаш бил на врвот, но кој почнува да се прашува дали сè уште го има истиот талент.

Серијата, сепак, не успеала да се одржи и била откажана во 2014 година.

За Вилијамс тоа било тежок удар.

Но според неговите блиски, најмногу го погодило тоа што голем број луѓе останале без работа.

„Не се грижеше за тоа како ќе изгледа во медиумите. Го болеше што толку луѓе ќе бидат погодени“, рекол неговиот менаџер.

Неколку недели подоцна, тој повторно заминал на рехабилитација, овојпат за да ја зацврсти својата трезвеност.

Во истиот период дознал дека му е дијагностицирана Паркинсонова болест – неизлечливо нарушување на нервниот систем кое може да влијае врз движењето и говорот.

Тоа откритие дополнително ја променило неговата состојба.

За човек чиј идентитет бил поврзан со брзината на мислите, физичката енергија и способноста да ги насмевнува другите, можноста да ги изгуби тие способности била особено тешка.

robin wiliams
Фото: EPA-ЕFE/BALLESTEROS

Последните знаци дека нешто не било во ред

Во последните месеци од животот, Робин Вилијамс почнал да се повлекува и да изгледа поинаку за луѓето што го познавале.

Неговиот пријател Питер Ашер го посетил во неговиот дом во Малибу и забележал дека актерот повеќе не бил истиот човек со заразната енергија што сите ја паметеле.

„Беше тажен. Не беше среќен. Воопшто не изгледаше весело. Не беше нешто конкретно. Не беа парите. Сите бевме загрижени за него“, рекол Ашер.

Според него, враќањето на Вилијамс во рехабилитациски центар во летото 2014 година не било целосно изненадување.

Во тој период актерот се соочувал со повеќе тешки промени одеднаш – проблеми со здравјето, неизвесност околу кариерата и сознанието дека има Паркинсонова болест.

За човек чиј живот бил изграден околу брзината на мислата, импровизацијата и способноста да го контролира вниманието на публиката, самата помисла дека тие способности можеби ќе бидат нарушени била особено тешка.

„Робин имаше некаква смиреност во себе, сосема спротивна од она што го гледавме на сцената – таа неверојатна, нереална енергија. Но разочарувањето што го чувствуваше кон самиот себе можеше да биде нешто многу длабоко“, рекол комичарот Дејвид Стајнберг.

Деновите пред смртта

Во последните недели од животот Вилијамс водел многу потивок живот.

Во јули 2014 година, според сведоштва, присуствувал на состанок на група за поддршка на лица кои се борат со зависност, во Мил Вели, Калифорнија.

Еден локален телевизиски снимател кој бил присутен го опишал како „многу повлечен“.

Една недела пред неговата смрт, Вилијамс разговарал со пријателот Бинг Гордон.

Тие зборувале за своите семејства, а Гордон му подарил дрон со кој планирале заедно да летаат над заливот во Сан Франциско.

„Не беше претерано весел, но тешко е да се процени некого преку телефон“, рекол Гордон.

На 9 август, само два дена пред неговата смрт, Вилијамс присуствувал на отворање на уметничка галерија во близина на својот дом.

На присутните им изгледал нормално и ништо не укажувало на трагедијата што следувала.

Иако серијата „Лудите“ (The Crazy Ones) била завршена, тој сè уште имал неколку филмски проекти кои требало да бидат објавени.

Требало да се појави во комедијата „Среќен Божиќ, по ѓаволите“ (A Merry Friggin’ Christmas) со Џоел Мекхејл, во третото продолжение од серијалот „Ноќ во музејот: Тајната на гробницата“ (Night at the Museum: Secret of the Tomb), како и во независниот филм „Булевар“ (Boulevard).

Требало да го позајми и гласот на кучето Денис во филмот „Апсолутно што било“ (Absolutely Anything).

Неговите менаџери дури чекале и сценарио за продолжение на „Госпоѓа Даутфајр“ (Mrs. Doubtfire), проект кој можел повторно да го врати во една од неговите најпознати улоги.

Трагичниот крај на еден голем уметник

На 10 август 2014 година, Робин Вилијамс останал буден до доцна во својот дом во Тибурон, Калифорнија.

Следното утро, неговата сопруга Сузан Шнајдер го напуштила домот околу 10:30 часот.

Неговиот асистент подоцна отишол да провери како е и го пронашол актерот мртов.

Робин Вилијамс имал 63 години.

Неговата смрт била прогласена за самоубиство.

Веста предизвикала огромен шок ширум светот.

Милиони луѓе кои пораснале со неговите филмови, настапи и незаборавни ликови се обидувале да разберат како човек кој со децении носел толку многу радост можел да минува низ толку голема лична болка.

Неколку дена подоцна, неговата сопруга јавно соопштила дека тој бил дијагностициран со Паркинсонова болест.

Тоа откритие помогнало да се разберат дел од неговите последни борби, но не ги одговорило сите прашања.

Како што рекол комичарот Дејвид Стајнберг:

„Тука постои мистерија“.

robin williams
Фото: EPA-EFE/TRACEY NEARMY

Наследството на човекот кој ја менуваше атмосферата каде и да се појавеше

Тешко е да се опише влијанието што Робин Вилијамс го остави врз комедијата и филмот.

Тој беше актер кој можеше во еден момент да предизвика неконтролирана смеа, а во следниот да прикаже тивка, длабока човечка болка.

Неговата кариера беше доказ дека комичарот не мора да биде ограничен само на хумор.

Тој можеше да биде вонземјанец што ја набљудува човечката природа во „Морк и Минди“ (Mork & Mindy), професор кој им ја враќа страста за живот на учениците во „Клубот на мртвите поети“ (Dead Poets Society), лекар кој верува во моќта на човечката добрина во „Пач Адамс“ (Patch Adams), или татко кој со неверојатна посветеност се претвора во дадилка во „Госпоѓа Даутфајр“ (Mrs. Doubtfire).

Но зад сите тие ликови стоел човек кој, според неговите пријатели, цел живот се борел со сопствените внатрешни демони.

Во последните години од животот, тој сè уште се обидувал да ги насмее другите, дури и кога самиот минувал низ тешки моменти.

Еден од неговите колеги од серијата „Лудите“ (The Crazy Ones), Џејмс Волк, се присетил на една ноќ на снимањето.

Додека екипата чекала да продолжи работата, некој извадил гитара.

Вилијамс веднаш почнал да импровизира песна.

Било два часот по полноќ, а човекот кој веќе не бил млад комичар на почетокот на кариерата повторно ја покажал истата незапирлива енергија.

„Само продолжи да пее, да вика и да го пушта тој блуз во темнината на ноќта“, се присетил Волк.

Тоа бил Робин Вилијамс до самиот крај – човек кој на светот му подарил безброј причини за смеа, додека неговата сопствена приказна останала многу посложена и подлабока од сцената што сите ја гледале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот