ВИДЕО | Почина 18-годишната актерка Кејли Хотл, позната по улогата во „Годзила против Конг“
Младата глува актерка Кејли Хотл, која го толкуваше ликот на Џија во филмските хитови „Годзила против Конг“ и „Годзила и Конг: Новото царство“, почина на 18-годишна возраст. Нејзиниот татко Џошуа Хотл потврди за медиумите дека Кејли загинала во сообраќајна несреќа што се случила во вторникот наутро во Мериленд, пишува „Верајети“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Подоцна на Фејсбук тој објави видео во кое на американски знаковен јазик зборуваше за околностите на нејзината смрт.
„Одам на лет на кој никогаш не би сакал да одам“, напиша тој покрај видеото.
Џошуа за порталот „ТМЗ“ изјави дека утрото на 21 јули дознал за тешката несреќа и дека му било соопштено дека таа починала на патот кон болницата. Во видеото додаде дека лета од Тексас за Мериленд за да го преземе телото на својата ќерка.
Семејството бара приватност
Кејли и нејзините родители се глуви лица, а според пишувањето на весникот „Хјустон хроникл“, глувоста е присутна дури четири генерации во семејството на нејзиниот татко. Тексашкото училиште за глуви лица, кое го посетуваше Кејли , објави соопштение по повод нејзината смрт.
„Со длабока тага ја споделуваме потресната вест дека една од нашите матурантки, Кејли Хотл, вчера трагично загина во сообраќајна несреќа во Фредерик, Мериленд. Нашите срца се со семејството на Кејли, пријателите, соучениците и сите кои ја познаваа и ја сакаа во овој неверојатно тежок момент. Во овој момент имаме многу малку информации и ги замолуваме сите да ја почитуваат приватноста на семејството на Кејли и да се воздржат од споделување или шпекулирање за околностите на несреќата“, објави училиштето на Фејсбук.
Кариера започната преку реклама
Во едно недамнешно интервју Кејли раскажа дека нејзината актерска кариера започнала во 2017 година, кога се појавила во реклама за апликација. Таа реклама го привлекла вниманието на продуцентите на филмот „Конг: Островот на черепите“, кои заклучиле дека таа одговара на описот за ликот Џија, сираче кое со Кинг Конг комуницира преку знаковен јазик.
Во филмот „Годзила против Конг“ таа глумеше покрај многу познати актери. Нејзиниот лик, Џија, е посвоена ќерка на д-р Илин Ендрус, која ја толкува Хол. Кејли, Хол и Брајан Тајри Хенри ги повторија своите улоги и во продолжението од 2024 година. Ново продолжение е најавено за март 2027 година, но според достапните информации, Кејли и Хол не биле дел од тој проект.
Покрај улогата во популарната франшиза, Кејли во 2021 година глумеше и во една епизода од серијата „Магнум П.И.“. За улогата во филмот „Годзила и Конг: Новото царство“ во 2024 година таа беше номинирана за наградата „Сатурн“ за најдобра изведба на млад актер.


