Фото: Архива - Илустрација

Герасимовски вети од септември, но основците во Центар ќе добијат бесплатен оброк дури во 2028 година

Наместо целосно преземање на обврската од септември, Општината предложи и советниците изгласаа дека со почеток од септември па сè до завршување на последниот договор со добавувачите на храна во основните училишта, учениците, односно родителите, ќе добиваат субвенции од по 1.000 денари месечно како надоместок шо делумно би ги покрил трошоците за оброк.

Иако градоначалникот Горан Герасимовски во неговата предизборна кампања вети дека од овој септември целосно ќе биде покриен оброкот на 2.500 основци од целодневна настава, на последната седница на Советот на Општина Центар, по двочасовна дискусија, реплики и образложенија, советниците изгласаа наместо целосен надоместок, родителите на основците од прво до четврто одделение од септември да добиваат месечен надомест од 1.000 денари како субвенција. Општината, пак, целосно ќе може да го покрие оброкот дури во 2028 година.

Поради агендата и обврските, нема фиксни термини за средба со Герасимовски

Токму ова менување на датумот на отпочнување на проектот за бесплатен топол оброк предизвика долги дискусии, во кои од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Герасимовски си го побива своето ветување и се обидува да „купи“ време преку надоместок од 1.000 денари месечно, додека, пак, од локалната самоуправа посочија дека сè додека не завршат сите договори со добавувачите на храна, тие не можат да ја преземат обврската за целосно покривање на трошоците за оброк.

Активните договори се единствената пречка

Претседателката на Комисијата која заседавала за ова прашање, советничката Ана Китановиќ, соопшти дека не е дека градоначалникот не сака да го исполни тоа што го ветил, туку не може поради правните пречки со кои се соочува Општината, затоа што сè уште има активни договори со добавувачите на храна, кои ќе завршат дури во 2028 година.

– Поради постојните активни договори со економските оператори или добавувачите на храна во пет од осумте училиште, се предлага проектот бесплатен оброк за сите ученици во текот на оваа учебна година да започне преку исплата на надоместок за оброк на секој ученик. Оваа фаза на реализација би траела до истекот на активните договори за набавка на топол оброк. Во училиштата каде што договорите веќе завршиле, ќе се склучат нови договори со рок на важност усогласен со преостанатите договори со другите училишта – изјави Китановиќ.

Во овој момент, односно до 31 август 2026 година единствено завршува договорот во училиштето „Коле Неделковски“, во пет училишта договорите важат до 31 август 2027 година, а во две училишта договорите важат до 31 август 2028 година, соопшти советничката од СДСМ.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „братски“ изгласаа да се градат хациенди на Водно

Општината ќе почека за да не плаќаат училиштата пенали

Таа додаде дека на овој начин, со почетокот на учебната 2028/29 година Општината ќе може целосно да ја преземе обврската за финансирање на исхраната на учениците и проектот бесплатен оброк за учениците треба да биде целосно имплементиран во сите основни училишта и потенцираше дека доколку овие договори не се испочитуваат и предвремено се раскинат, училиштата ќе треба да платат повеќе од 6,5 милиони денари во пенали.

– Доколку овие договори бидат предвремено раскинати, тоа значи дека училиштата ќе имаат обврска да исплатат пенали кон добавувачите на страна. Според договорите, висината на пеналите се движи од 2,4 милиони денари во пет училишта, во две училишта 4,17 милиони средства, односно вкупно 6,6 милиони денари јавни средства што ќе треба да се дадат без каква било корист на учениците и на граѓаните. Поради тоа предлагаме точката бесплатен оброк за сите ученици да се измени со тоа што до завршување на учебната 2027/28 учебна година ќе се обезбедува надоместок за оброк, односно до истекот на сите договори со економските оператори – изјави Китановиќ.

Според сега веќе изгласаниот предлог, овој тип субвенционирање во висина од 1.000 денари месечно ќе се одвива сè до завршување на последниот договор во август 2028 година, по што Општината треба да направи една јавна набавка, со која ќе го покрие оброкот на учениците од сите основни училишта на почетокот од учебната 2028/29 година.

Герасимовски: Откако ќе се прошири „Јохан Хајнрих Песталоци“, целосно се воведува едносменска настава во основните училишта во Центар

Опозицијата бараше да не се менува првичното ветување

Пред гласањето на овој предлог, имаше речиси двочасовна дискусија помеѓу советниците, а меѓу најгласните беше советникот Горан Андреевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој потенцираше дека со цел ветувањето на Герасимовски да не биде популистичко, мерката за бесплатен оброк треба да ја задржи формата, по што тој праша зошто Општината не може да направи анекси на веќе постојните договори со што целосно сега би ја презела обврската.

– Бидејќи веќе има постојни договори, Општината може да направи анекси и да ги преземе обврските на родителите и директно да им исплаќаат средства на добавувачите. Ние поддржуваме ваква мерка, но бараме комплетно да се оствари ветувањето, односно да не биде субвенционирање на одредена сума, туку да биде покриен целиот оброк – изјави Андреевски.

На ова прашање, претставник од правниот сектор на Општината потенцираше дека целосното преземање на обврските е невозможно, повикувајќи се на законите за локална самоуправа, јавни набавки и други, според кои, како што изјави претставникот, локалната самоуправа нема правна можност да ги преземе обврските од договорот помеѓу Советот на родители и добавувачите на храна.

Андреевски предложи и Општината да ја зголеми висината на субвенцијата повеќе од предложените 1.000 денари по ученик месечно, на што секретарот на локалната самоуправа Георги Трајчев посочи дека 100-процентно покривање на оброкот преку субвенција е невозможно бидејќи субвенциите покриваат надоместок во висина од 30 до 50 отсто, како што претходно била практиката на Општината.

Општина Центар не постави ни камери ни чувари на детските игралишта, сега пак бара повеќе полицајци на терен

Тој исто така се повика и на извештајот на Државниот завод за ревизија во кој е забележано дека Општината целосно субвенционирала изработка на фасади, со што Општина Центар е опомената и добила забелешка, која, како што вели градоначалникот Герасимовски, е најпожелно да се почитува.

Наместо целосно преземање на обврската од септември, Општината предложи и советниците изгласаа дека со почеток од септември па сè до завршување на последниот договор со добавувачите на храна во основните училишта, учениците, односно родителите, ќе добиваат субвенции од по 1.000 денари месечно како надоместок што делумно би ги покрил трошоците за оброк.

Со оглед на тоа што, како што информираа од Општината, има повеќе договори со добавувачи на храна кои имаат различни датуми на завршување, додека не заврши последниот договор со добавувачот кој е до 31 август 2028 година, преостанатите седум училишта ќе ги обновуваат со преостанатите добавувачи на една година, со цел да нема прекин во снабдувањето на храна во основните училишта.

Герасимовски: Бесплатен оброк за ученици, двосменско работење на градинките и два нови базени

Доколку овој план помине без никакви компликации, до крајот на август 2028 година истовремено ќе завршат сите договори на училиштата со економските оператори, по што Општината ќе направи јавна набавка со која од септември 2028 година целосно би ја презела одговорноста и самостојно ќе го покрива оброкот на сите ученици.

По изгласаната одлука на продолжението од 9. седница на Советот на Општина Центар, може да се заклучи дека иако Герасимовски во предизборието вети бесплатен оброк за сите ученици, реалноста е дека ова ветување и мерка може да се спроведе дури на почетокот на учебната 2028/29 година, а дотогаш Општината само ќе субвенционира помалку од половина од месечната сума на оброците, со оглед на тоа што во некои училишта родителите плаќаат повеќе од 2.500 денари месечно за снабдување со рана за нивните деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот