Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „братски“ изгласаа да се градат хациенди на Водно
За време на презентирањето на планот, најостро реагираа советниците од Левица, ЗНАМ и од „Шанса за Центар“, кои постојано им се обраќаа на советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и им велеа да не гласаат по партиски наредби, туку по свое убедување и да не дозволат, како што велеа, ново уништување на Водно во интерес на неколку моќници.
На продолжението од 9. седница на Советот на Општина Центар мнозинството советници на СДСМ заедно со опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ со 13 гласа „за“, братски го изгласаа Нацрт-деталниот урбанистички план со кој се предвидува изградба на хациенди на Водно, поточно под Јужна обиколница, во пределот над полициската станица.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Имено, овие советници го изгласаа Нацрт-деталниот урбанистички план Градска четврт Ј05-Барутана, а против овој план беа советниците од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, потоа од Левица, ЗНАМ, а против гласаа и по еден советник од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.
Планерите со пофалби за новиот план, маркичките за градба се од 2002 година
Откако оваа точка дојде на дневниот ред на Седницата, од Општина Центар и планерската куќа „Билд урбан“ направија презентација на планот, за кој соопштија дека „мора да се донесе“, бидејќи претходниот план бил укинат од Уставниот суд и додадоа дека овој нов план е, како што велат, со значително намалена површина за градба, која сега изнесува 29.000 квадратни метри во однос на претходните 43.000 метри квадратни.
Исто така, претставничката од планерската куќа се пофали и дека со овој Нацрт-ДУП, процентот на озеленетост ќе изнесува 40 отсто, што, како што вели таа, е двојно повеќе од законскиот минимум.
Во планската документација за изработка на ДУП-от е наведено дека е изработен по барање на Друштвото за градежништво, промет и трговија „Лутарико“. Со планот, Општината ќе дозволи изградба на дваесетина објекти со приземје и два ката.
Раководителката на Секторот за урбанизам во Општина Центар Танкица Христова-Спасовска нагласи дека парцелите во овој ДУП се приватни и маркичките биле нацртани уште во 2002 година, со што доколку не се изгласал овој Нацрт-ДУП, според неа ќе се одземело веќе стекнатото право на градба.
Немањето одговор од ДЗС значело немање негативно мислење
За време на презентирањето на планот, најостро реагираа советниците од Левица, ЗНАМ и од „Шанса за Центар“, кои постојано им се обраќаа на советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и им велеа да не гласаат по партиски наредби, туку по свое убедување, како и да не дозволат, како што велеа, ново уништување на Водно за интерес на неколку моќници.
При презентацијата, советничката Александра Цветановска од ЗНАМ праша дали за овој план за градење хациенди на Водно се добиени позитивни мислења од градежни институции и дали со донесувањето на овој план директно се загрозува планината за нови свлекувања на земјиштето, односно да ја загрози безбедноста на граѓаните.
На овие прашања, раководителката на Секторот за урбанизам Христова рече дека за овој Нацрт-ДУП било побарано мислење од Дирекцијата за заштита и спасување на кое не добиле одговор, и со ова, како што вели Христова, според Законот, ако не се одговори тогаш тоа значи дека нема негативно мислење, со што Општината може да ја продолжи постапката.
„Ние побаравме мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, но на нашето барање не добивме одговор и, според Законот, ако не се одговори, тогаш ние можеме да продолжиме со постапката односно немаме негативно мислење. Што се однесува за тоа што ДУП-от е во спротивност на ГУП-от, ние тука немаме ништо. Град Скопје го одобрил овој нацрт-план, ако е спротивен на нивниот, тие требало да ни го одбијат. Уште еднаш ќе повторам, веќе стекнато право не можеме да поништиме, во спротивно Општината ќе биде тужена“, рече Христова-Спасовска.
„Шанса за Центар“: За 100 жители, градот се става во опасност
Свое излагање имаше и советничката Билјана Филиповска-Тодорчевска од „Шанса за Центар“, која потенцираше дека овој предел е шума што била насадена токму за да се заштити Водно од ерозија на земјата, а со овој план ќе се уништи шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да се изградат повеќе од десет објекти.
– Овој предел е шума што ја засадиле нашите сограѓани по Втората светска војна за да се заштити Водно од ерозија на земјиштето. Сите знаеме што значи ако почне да се јавува ерозија и свлечишта. Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да се градат 13 објекти за да гради некој инвеститор. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради. Па зарем за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? – праша Филиповска-Тодорчевска.

Таа додаде дека за да се стигне до овие планирани објекти, ќе биде потребно да се пробијат улици, што ќе чини многу повеќе од парите што Општината ќе ги добие од наплатените комуналии. Таа истакна дека со носењето на овој план, кој е наменет за 100-тина центарци, се доведуваат во опасност сите жители на Скопје.
– Планот што сега се предлага и претходните се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто-површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 метри квадратни. Сега со планот се предвидува 29.000 метри квадратни бруто-површина за градба. Ние со носење план за 100 жители ги доведуваме во опасност сите граѓани на Скопје. Иницијативата е потпишана од Општината, а ние не сме требале ни да поведеме иницијатива за изработка на овој план, кој е погрешен и укинат од Уставниот суд. Таму има еден страшен стрмен терен што паѓа 13 метри на улицата каде што е предвидено пробивање улица, што е невозможно. За кого работите вие, за кого сме избрани, за овие сто моќници или за сите жители на Центар? Ве замолувам да гласате со своја глава и да не го дозволиме овој план – рече советничката од „Шанса за Центар“.
Советникот од Левица Андреј Куцуловски, пак, праша дали ако сега сопствениците на земјиштата побараат дозвола за градба, Општината може да им издаде дозвола врз основа на претходниот план со кој стекнале право, а од секторот Урбанизам одговорија дека сега нема да може да се добие дозвола оти планот од 2002 година веќе не е со важност, а последниот план е укинат од Уставниот суд, што значи дека за да се овозможи градење на Водно, потребно е да се донесе нов Детален урбанистички план за Градска четврт Ј-05.
Герасимовски: Новиот план предвидува старечки дом и намалена катност
Градоначалникот Горан Герасимовски во своето излагање изјави дека советниците со ова гласање не носат нов план, туку дека овие луѓе веќе имаат стекнато право на сопственост со планот донесен уште во 2002 година и Општината сега тие маркички не може да ги избрише.
– Денеска се кажаа многу небулозни работи и многу невистини. Овој план е направен и преземен од сите претходни планови што биле во Општината. Медиумите цело време пренесуваат дека ќе има 25 нови парцели, а тоа е лага. Истите тие парцели ги има и во претходните ДУП-ови, ние како Општина законски не можеме да избришеме која било од тие парцели. Нема нови дополнително нацртани парцели, туку има намален простор за градење. Мене целта не ми е да бранам некого, туку да носам ДУП-ови за да не останат црни точки во општината – рече Герасимовски.

Тој додаде дека од овие парцели има една парцела од јавен интерес, која ќе биде предвидена за изградба на старски дом, а потенцираше и дека со новиот план е намалена катноста, која претходно била подземје, два ката и поткровје, во споредба со постојниот, кој предвидува само приземје и два ката.
Откако се изгласа, Нацрт-планот сега треба да помине на јавна анкета, на која граѓаните ќе можат да ги изнесат своите забелешки, по што се прави конечна верзија во која треба да се вметнат прифатените забелешки и планот тогаш повторно оди на гласање на Советот.


