Основно јавно обвинителство - зграда / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Поранешниот директор на СОЗР Пеце Мирчески е обвинет дека летал приватно со владиниот „Лирџет“, а со службената картичка си плаќал хотели и ресторани

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчески, приватно летал со владиниот „Лирџет 60“, а со службената картичка си плаќал хотели и ресторани. Додека бил на функцијата, пак, владиниот авион го управувал пилот кој немал соодветна обука, а склучувал и договори со рентакар-фирма од која изнајмувал возила без надомест, тврди Скопското обвинителство.

Против Мирчески е поднесен обвинителен предлог за „злоупотреба на службената положба“ и „фалсификување службена исправа“.

– Обвинетиот, во периодот од 03.07.2021 до март 2024 година го злоупотребил службеното својство како директор, ги пречекорил службените овластувања и без да постои основ за упатување на службен пат надвор од земјата, за себе и за повеќемина вработени во СОЗР потпишувал решенија и патни налози за патување. За приватни потреби и без да постои основ го користел владиниот авион „Лирџет 60“, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи. Освен тоа, за хотелски и угостителски услуги обвинетиот неосновано користел средства од службената картичка издадена на негово име. На тој начин го оштетил буџетот на СОЗР за значителен вкупен износ од 2.562.139 денари – соопшти Обвинителството.

Пеце Мирчески е приведен, во полициска станица е и бизнисменот кој наводно му дал поткуп

Иако лично присуствувал на состанокот „Flight Safety Atlanta“ и бил информиран дека пилотот и со дополнителните обуки нема да ги исполни прифатливите стандарди потребни за летање со „Лирџет 60“, тој не го задолжил пилотот согласно Договорот за вработување да ги надомести трошоците за обуката и не го известил надлежниот сектор за да му го прекине работниот однос.

-Пилотот продолжил да зема плата за работно место капетан водач на воздухоплов, а со оваа злоупотреба на службената положба обвинетиот предизвикал штета на буџетот од 5.431.624 денари – велат од Обвинителство.

Кривичното дело Фалсификување службена исправа обвинетиот го извршил во постапките за јавни набавки за изнајмување на возила за превоз на делегации и за транспорт на цивилно население од Исламската Република Авганистан во земјава.

-Сите договори биле склучени со иста рентакар фирма од Скопје, а во службените исправи – изјави за непостоење на судир на интереси, обвинетиот внел невистинити податоци дека нема приватен интерес при реализација на јавната набавка или каква било материјална или нематеријална корист. Наспроти ова, почнувајќи од периодот пред склучување на јавната набавка, за време и по престанокот на неговиот мандат, тој и неговата сопруга користеле возила без надомест од истата фирма за патувања во земјава и во странство – додаваат оттаму.

Мирчески претходно беше приведуван за примање поткуп и финансиска проневера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот