ФОТО+ВИДЕО | Помеѓу мијачката магија и новото време — како си поминавме на Галичка свадба
Ако некогаш сте пробале да замислите како се доживуваат љубовта и традицијата споени во едно, тогаш треба да го посетите Галичник за Петровден. Оваа година, „Слободен печат“ заедно со Македонски Телеком имаше привилегија да биде дел од култната Галичка свадба и одблизу да ги документира автентичните обичаи кои со векови го чуваат генетскиот код на Мијаците.
Препорачано
Годинашни галички зет и невеста беа Александар Пендароски и Мартина Михајлова. Нивниот избор носи посебна симболика, бидејќи годинава се навршуваат 35 години од првата современа Галичка свадба, на која во 1991 година брачниот завет го дале родителите на младоженецот.
Од емотивното „липање“ на жените додека побратимот го бричеше зетот на култната чешма „Упија“, па сè до мистичното гледање на невестата низ прстен, секој чекор ја правеше приказната посебно искуство, како за учесниците така и за сите постеители.

Ја видовме невестата како достоинствено ја носи тешката невестинска носија од речиси 30 килограми, ја испративме поворката со коњи и застанавме на галичкиот мост каде некогаш се создавале новите семејства.
Она што ја направи оваа година уште поексклузивна беше возобновувањето на два прекрасни, автентични обичаи кои долго време беа заборавени „Китењето на ситото“ и обредното „Замесување на сваќата“ (свадбениот леб) со изворска вода, босилек и паричка за бериќет.

Додека се ежевме на зурлите, тапаните и импресивната изведба на ората „Тешкото“ и „Невестинското“, околу нас стотици посетители со своите телефони ги документираа овие моменти за да ги споделат со светот во реално време.
Токму тука ја видовме најубавата паралела на овој настан. Некогаш, овие обичаи се пренесувале исклучиво преку раскажување, од колено на колено. Денес, благодарение на модерната технологија, тие патуваат преку границите и стигнуваат до нови генерации и луѓе на другиот крај на планетата. Како технолошки партнер на манифестацијата, Македонски Телеком се погрижи оваа врска меѓу вековното наследство и модерната иднина да биде беспрекорна, овозможувајќи му на Галичник да биде виден и слушнат насекаде.

До следниот Петровден и Галичката свадба, ја имате нашата видеорепортажа, па се гледаме догодина таму!









































