Фото: Скриншот/Икс

ВИДЕО | Ријана се врати на сцената по години пауза: „Малку сум ‘зарѓана’, но повторно сум тука“

Обожавателите на Ријана со години го очекуваат нејзиното големо враќање на музичката сцена со нов албум или концертна турнеја, но пејачката сè уште не открива кога би можело да се случи тоа. Сепак, таа приреди големо изненадување кога ненадејно се појави како специјална гостинка на концертот на Џеј-Зи на стадионот „Јенки“ во Њујорк.

Уште пред почетокот на концертот, Ријана беше забележана како пристигнува на стадионот, облечена во дрес на „Рок-А-Фела“, дискографската куќа што Џеј-Зи ја основа во 90-тите години. Нејзиното појавување веднаш ги поттикна шпекулациите дека ќе му се придружи на сцената.

Раперот викендов одржа три последователни, целосно распродадени концерти. Првата вечер ја одбележа настапот со неговата сопруга Бијонсе, со која ја изведоа песната „Can’t Knock the Hustle“, по повод 30-годишнината од неговиот деби-албум „Reasonable Doubt“. На сцената им се придружија и нивната ќерка Блу Ајви Картер, Нас и Алиша Кис.

Втората вечер беше посветена на 25 години од албумот „Blueprint“, а како гости настапија Еминем и Фарел.


Третата вечер, концертот започна со четиричасовно доцнење поради големиот број посетители кои создадоа застој на влезовите на стадионот. Кога конечно излезе пред публиката, Џеј-Зи им се заблагодари за трпението.

„Го ценам вашето трпение. Ќе си поминеме одлично. Имам нешто посебно за вас, ви ветувам“, рече тој.

Набргу потоа, на сцената му се придружи Ријана, а публиката со воодушевување ја поздрави нивната заедничка изведба на хитот „Run This Town“.

„Малку сум ‘зарѓана’, нели? Помина долго време, но сега повторно сум тука со вас“, им порача пејачката на присутните.


За настапот, Ријана избра кафеава кожна комбинација со повеќе ремени и црни очила за сонце.

Ријана и Џеј-Зи низ годините остварија неколку успешни соработки. Во 2008 година ја освоија наградата Греми за хитот „Umbrella“, а во 2011 година добија уште две Греми награди за песната „Run This Town“, снимена заедно со Канје Вест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот