„Тајно оружје“ против радиоактивниот отпад — научници открија бактерии што јадат ураниум
Еден од најголемите рудници за ураниум во светот во Германија, со години претставува еколошки проблем. Но, во контаминираната вода што го поплави рудникот во меѓувреме, научниците открија микроби кои би можеле да претставуваат решение за деконтаминација, бидејќи се способни да отстранат дури 95 проценти од радиоактивниот метал, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).
Препорачано
Рудникот „Висмут ГмбХ Шлема-Алберода“ беше затворен во 1990 година по повторното обединување на Германија, и оттогаш се во тек скапи и долги напори за рехабилитација. По затворањето, подземниот дел од рудникот беше преплавен со вода, која од тогаш мораше континуирано да се прочистува. Изложеноста на суров ураниум, на пример преку пиење контаминирана вода, може да предизвика сериозна штета на здравјето на луѓето и другите живи суштества.
Сепак, цел екосистем од микроби преживува во вода богата со ураниум. Научниците неодамна открија дека под одредени услови овие микроорганизми можат да го стабилизираат ураниумот и со тоа да го направат помалку опасен.
Истражувањето, чии резултати беа објавени во списанието „Нејчр комуникејшн“, го водеа микробиолози и екологисти од Хелмхолц-Централ Дрезден-Росендорф (ХЗДР) во Германија и Универзитетот во Гранада во Шпанија.
– Истражувањето на нашиот тим веќе покажа дека бактериите можат да користат ураниум растворен во вода за нивниот метаболизам ако глицеролот е достапен како извор на храна. Нашата студија за првпат откри дека бактериите, кога глицеролот се додава како извор на јаглерод, можат да го претворат токсичниот растворен ураниум во стабилно хемиско соединение – објасни микробиологот Евелин Кравчик-Берш од ХЗДР.
Нејзиниот тим започна експерименти со примероци од вода собрани од влезот на пречистителната станица на рудникот.
– Сакавме да создадеме услови што е можно поблиску до природните за бактериската заедница што веќе живее во водата од рудникот, бидејќи во рудникот, на длабочина од околу 2.000 метри, обично има многу малку или воопшто нема кислород – рече микробиологот Антонио Њуман-Портела од ХЗДР.
Кога додале глицерол на бактериите, откриле дека микробите го претвориле ураниумот во пентавалентна состојба. Тоа е невообичаена оксидациска состојба (+5) што го менува начинот на кој ураниумот се врзува со други елементи, олеснувајќи го неговото „заробување“ во стабилни минерали.
– Ураниумот обично се јавува со валентност од 4 или 6. Пентавалентниот ураниум постои, но е редок или само минлив. Досега, бил забележан само како нестабилна оксидациска состојба – објасни Њуман-Портела.
Во присуство на бактерии, пентавалентниот ураниум се комбинирал со железо и кислород и го формирал соединението FeU(V)O4. Научниците веќе знаеле за постоењето на ова соединение, но не знаеле дека може да се појави во природата, а камоли дека бактериите биле вклучени во процесот.
– По 130 дена, само околу пет проценти од ураниумот што бил растворен во водата останал во примероците – рече Њуман-Портела.
Не само што бактериите го вклучиле ураниумот во своите клеточни ѕидови, туку невообичаено висок дел од тој ураниум бил пентавалентен. Ова значеше дека соединението FeU(V)O4 се формирало полесно, особено кога примероците од вода биле сушени и изложени на кислород.
Контаминацијата со радиоактивен ураниум е глобален проблем. Во Соединетите Американски Држави, Индија, Канада, Франција, Јужна Африка и Австралија, нивоата на ураниум во површинските и подземните води понекогаш ја надминувале препорачаната граница од 0,03 милиграми на литар.
Авторите на студијата истакнуваат дека биоремедијацијата, односно употребата на биолошки методи за прочистување, се истражува веќе три децении како економична алтернатива на физичко-хемискиот третман на водата. Ваквите методи покажаа значително намалување на ураниумот без формирање на секундарна, токсична тиња.
Овие бактерии би можеле да станат сојузници во чистењето на нуклеарната контаминација, не само во Германија, туку и низ целиот свет.
– Иако овие процеси произлегуваат од едно геохемиско сценарио, веруваме дека тие се широко применливи и за други контаминирани води – заклучуваат авторите.
Сепак, Кравчик-Берш предупредува на потребата од дополнителни истражувања.
– Сè уште не сме истражиле до кој степен бактериите можат да помогнат во намалувањето на штетноста на ураниумот за време на санацијата – заклучи таа.


