Фото: Слободен печат - Хари Кацановски

Кинеската компанија „Аерофуџија“ за „Слободен печат“: Планираме да го продаваме летечкото такси и во Европа

Моделот АЕ200 може вертикално да полетува и да слетува, поради што не му е потребна писта. Леталото е предвидено за еден пилот и за пет патници, со дострел до 200 километри и со брзина од околу 230 до 250 километри на час, а главни корисници би биле специјализирани воздухопловни оператори, наместо приватни сопственици.

Кинеската компанија „Аерофуџија“, која работи во рамките на технолошката групација „Џили“, планира своето летало АЕ200 да го понуди и на европскиот пазар откако ќе ја заврши постапката за сертификација. Конечната цена сè уште не е утврдена, но според првичната проценка, едно летало би чинело повеќе од два милиони долари, велат од компанијата за „Слободен печат”.

АЕ200 полетува и слетува вертикално, без писта, може да пренесува еден пилот и до пет патници, има планиран дострел од 200 километри и крстосувачка брзина од приближно 230 до 250 километри на час. Компанијата го развива првенствено за воздушни оператори, а не како приватно возило за поединечни купувачи.

Група македонски новинари го посети седиштето на компанијата „Вофеи Чангконг“ (Wofei Changkong), која меѓународно настапува под брендот „Аерофуџија“ (AEROFUGIA), во Ченгду.

Фото: Слободен печат – Хари Кацановски

На прашањето на „Слободен печат” дали компанијата планира да го продава леталото во Европа и на други пазари, од компанијата одговараат потврдно.

Полетува како хеликоптер, а лета како авион

АЕ200 спаѓа во категоријата е-ВТОЛ (eVTOL) – електрични воздухоплови со вертикално полетување и слетување. Во јавноста честопати се нарекуваат „летечки автомобили“ или „воздушни такси-возила“, иако не се наменети за возење по улиците.

Леталото користи комбинација од крила и од повеќе електрични ротори. При полетувањето, потисокот е насочен надолу и леталото се издигнува вертикално, слично на хеликоптер. Потоа дел од роторите се навалуваат напред и АЕ200 преминува во хоризонтален лет, при што крилата ја преземаат главната улога во создавањето потисна сила.

Производната верзија АЕ200-100 е опишана како воздухоплов од шестседишна класа со флексибилен распоред на кабината. Во презентацијата во Ченгду беше наведена конфигурација со еден пилот и со пет патници. Леталото има осум електрични ротори, од кои четири се навалуваат при преминувањето од вертикален во хоризонтален лет.

Според објавените технички податоци, АЕ200-100 има дострел од околу 200 километри. На презентацијата беше посочена брзина од околу 230 километри на час. Распонот на крилата е приближно 14,5 метри, должината околу девет метри, а висината 4,6 метри.

Четири батериски пакети и резервни системи

Компанијата тврди дека АЕ200 ќе има пониска бучава и значително пониски оперативни трошоци од хеликоптер со сличен капацитет. Бидејќи овој модел е целосно електричен, при самиот лет нема директни емисии од согорување гориво.

Конструкцијата е изработена со голем удел на композити од јаглеродни влакна, со цел да се намали масата, а истовремено да се задржи потребната цврстина.

На македонските новинари им беше прикажан и системот со четири батериски пакети што можат меѓусебно да го пренасочуваат напојувањето. Идејата е дефект на еден дел од системот да не предизвика моментно губење на целокупниот погон.

Претставниците наведоа дека леталото користи повеќекратно обезбедена архитектура и распределен електричен погон.

Во најновите технички информации се посочува и можност за брзо полнење за околу 20 минути, како и компатибилност со дел од инфраструктурата развиена за електрични возила. Компанијата развила и мобилна станица за полнење со капацитет од 264 киловат-часови за локации без постојан полнач.

На прашање на „Слободен печат” дали во иднина соларни панели би можеле дополнително да ги напојуваат батериите додека леталото е во воздух, претставникот рече дека сегашната верзија не поддржува такво решение, но дека може да се разгледува како идеја за некоја идна генерација.

Прво сертификат, потоа пробни комерцијални летови

АЕ200 сè уште не се продава како сериски сертифициран патнички воздухоплов. Компанијата очекува да го добие кинескиот сертификат за тип кон крајот на 2026 година или во текот на 2027 година, по што би почнале ограничени пробни комерцијални операции.

– Прво треба да го добиеме сертификатот за тип. Проценуваме дека тоа ќе се случи до крајот на оваа година или на почетокот од следната – изјави претставникот.

Првиот АЕ 200-100 изработен во конфигурација блиска до идното сериско производство излезе од производната линија во септември 2025 година. Тој треба да помине илјадници проверки и тестови во рамките на постапката за сертификација.

Компанијата нагласува дека, барем во првите години, леталото ќе има пилот. Целосно автономното летање го смета за долгорочна насока, но проценува дека комбинацијата од автоматизирани системи и човечки пилот ќе остане најпрактично решение во следните три до десет години поради безбедноста, регулативите, сајбер заканите и сложениот воздушен простор над градовите.

Специјализирана обука

За управување со АЕ200 ќе биде потребна специјализирана обука.

Од компанијата нагласуваат дека правилата ќе зависат од секоја држава и дека постојните пилотски дозволи нема автоматски да бидат доволни без дополнително запознавање и обука за конкретниот тип на летало.

Цената сè уште не е конечна

Прашани за цената на овие возила, од компанијата појаснуваат дека сè уште не е пресметана и дека веројатно ќе биде повисока од два милиони долари.

Поради цената и регулаторните барања, компанијата не очекува АЕ200 масовно да го купуваат граѓани. Главни клиенти треба да бидат авиокомпании, специјализирани оператори, транспортни центри, туристички компании и институции што организираат медицински или спасувачки летови.

– Воздухопловните компании и операторите ќе можат да ги користат нашите летала во градовите и во пошироките области – објаснуваат од „Аерофуџија”.

Компанијата го позиционира АЕ200 за превоз меѓу градски центри и аеродроми, кратки регионални линии, панорамски туристички летови, итен медицински транспорт и спасувачки операции.

Оттаму тврдат дека веќе има повеќе од 1.000 комерцијални нарачки или резервации, меѓу кои и од кинески авиокомпании и оператори од други азиски пазари.

Од автомобил со крилја до воздушно такси

Во изложбениот простор во Ченгду беше прикажан и „Транзишн“ (Transition), постар концепт на летечки автомобил со крила на преклопување. Возилото можело да се движи по пат, но за полетување и за слетување му била потребна класична писта.

Моделот потекнува од американската компанија „Терафуџија“, која „Џили“ ја презеде во 2017 година. Подоцна програмата беше префрлена во Кина, а компанијата го насочи развојот кон воздухоплови што полетуваат вертикално.

– Претходниот концепт бараше писта, поради што можностите за примена беа ограничени. Затоа беше променета технологијата и преминавме на вертикално полетување и ротори што се навалуваат – објаснуваат оттаму.

„Аерофуџија“ е основана во 2020 година и има седиште во Ченгду. Компанијата е дел од воздухопловната и од нисковисинската транспортна стратегија на „Џили технолоџи груп“ и располага со центри за истражување, тестирање, производство и за обука.

Во јуни 2024 година, развојната верзија на АЕ200 го заврши преминот од вертикален во целосен хоризонтален лет во цел размер и со целосна тежина. Компанијата го опишува тоа како прво вакво достигнување за пилотиран е-ВТОЛ во Кина и второ во светот.

Во февруари 2026 година компанијата обезбеди ново финансирање од речиси една милијарда јуани, наменето за сертификација, производствените капацитети и почетокот на комерцијалните операции. Истовремено се подготвува за можно котирање на кинеската берза „СТАР маркет“.

Што би значело ова за Македонија?

За Македонија, можната употреба на ваков воздухоплов би била пореална преку лиценциран оператор отколку преку индивидуални сопственици.

Дострелот од 200 километри, барем на хартија, би овозможил аеродромски трансфери, туристички летови и поврзување на голем дел од домашните дестинации.

Сепак, кинескиот сертификат сам по себе не би значел автоматско одобрување за комерцијални летови во Европа или во Македонија. Би биле потребни одобренија за воздухопловот и за операторот, обучени пилоти, места за полетување и слетување – таканаречени вертипорти – инфраструктура за полнење и правила за интеграција во постојниот воздушен простор.

Европската агенција за воздухопловна безбедност веќе воспостави посебни технички и оперативни правила за пилотирани летала, кои ги опфаќаат сертификацијата, дозволите на пилотите, воздушниот сообраќај и условите што треба да ги исполнуваат вертипортите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот