Богданка Кузеска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Богданка Кузеска - Фото: Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Богданка Кузеска: Вратите на СДСМ се отворени, но дебатата за партијата треба да се води внатре

Портпаролката и член на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, во интервју за „Слободен печат“ порача дека партијата останува отворена за разговор со сите членови кои имаат забелешки или предлози за нејзиното функционирање, но смета дека несогласувањата треба да се решаваат во рамките на партиските органи, а не преку јавни настапи.
Таа истакна дека Извршниот одбор повторно ја потврдил определбата за отворен дијалог и ги повикал сите членови да придонесат со идеи за зајакнување на партијата и за поефикасна борба против, како што рече, лошите политики на актуелната власт.

– Партијата е секогаш отворена и вратите никому не му биле затворени. Секој што има идеја како СДСМ да биде посилна и како подобро да се бориме против оваа власт е добредојден да ја каже токму во партијата. Дебатата за тоа што се случува во СДСМ треба да се води внатре, затоа што таму ѝ е местото и таму можат да се носат решенија – вели Кузеска.

Осврнувајќи се на јавните критики што во последниот период ги упатуваат членовите поврзани со Платформа 12.05, Кузеска рече дека не може да се игнорира моментот во кој тие се појавуваат. Според неа, истите забелешки постоеле и претходно, но јавно се отвораат токму во период кога, како што тврди, ВМРО-ДПМНЕ почнува да ја губи довербата кај граѓаните, а реконструкцијата на Владата покажала дека ЗНАМ не ги испорачал очекувањата што владејачката партија ги имала од својот коалициски партнер. Според Кузеска, во исто време ВМРО-ДПМНЕ гледа дека преку ЗНАМ повеќе не може да ја фрагментира опозицијата.

– Ајде временски да ги анализираме работите. Ако овие критики важеле и пред шест, седум или осум месеци, зошто се кажуваат токму сега? Токму сега, кога ВМРО-ДПМНЕ, според сите мерења, почнува да ја губи довербата кај граѓаните. Токму сега, кога со реконструкцијата на Владата се покажа дека ЗНАМ воопшто не го испорача тоа што ВМРО-ДПМНЕ го очекуваше од нив. И токму сега, кога ВМРО-ДПМНЕ гледа дека со ЗНАМ веќе не може да ја дели опозицијата, ги слушаме овие критики. Премногу случајности за да биде случајно. Јас сакам да сум грешка и затоа велам – ајде да разговараме внатре – додава таа.

Кузеска тврди дека со дел од луѓето кои денес јавно ја критикуваат партијата претходно се разговарало, а на некои им биле понудени и партиски функции. Според неа, реформите во СДСМ не се процес што може да се заврши преку ноќ и веќе се спроведуваат промени во повеќе општински организации, додека раководството е постојано на терен.

Богданка Кузеска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Богданка Кузеска – Фото: Слободен печат – Методи Здравев

Во разговорот таа се осврна и на односот кон младите членови, оценувајќи дека не е прифатливо тие да бидат омаловажувани со квалификации дека биле само „носачи на плакати“.

– Промената треба да се доживее како нешто здраво. Не може постојано да зборуваме дека се потребни нови луѓе, а кога тие ќе дојдат да ги нарекуваме „носачи на плакати“. Треба да се препознава нивниот капацитет и да им се даде простор, а не да бидат понижувани. Ако некој носел плакати, ги носел за некој во кого верувал и тоа не смее да биде причина денес да биде омаловажуван – вели Кузеска.

Таа оцени дека јавните конфликти во опозицијата само го одвлекуваат вниманието од, како што рече, слабите резултати на Владата во економијата, растот на цените и корупцијата.

Говорејќи за политичкиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека владејачката партија својата поддршка ја гради преку страв и поделби, наместо преку позитивна политичка визија.

– ВМРО-ДПМНЕ гради политики и наративи кои на луѓето не им кажуваат што да сакаат, туку што да не сакаат. Односно, им кажуваат кого да мразат и од што да се плашат. Им велат: „Овие се предавници, овие го сменија името, овие ќе ги внесат Бугарите во Уставот и ќе исчезне јазикот и идентитетот“. Тоа е политика изградена врз страв и омраза, а не врз визија за иднината – изјави Кузеска.

Исто така, таа призна дека СДСМ направил и сопствени грешки додека бил на власт, но смета дека изборниот пораз не бил резултат само на тие политики.

– Не можеме да кажеме дека сме биле безгрешни. Имало политики што не ги дале очекуваните резултати и тоа никогаш не сме го криеле. Но, не беа наградени подобри политики, туку лагите, лажните ветувања и наративот што го ширеше ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е суштината на она што се случуваше во изминатиот период – додава Кузеска во инбтервјуто за „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот