Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат / Хари Кацановски

ФОТО+ВИДЕО | Репортажа од Пекинг: ранецот те чека таму каде што си го оставил

Фокусот на безбедноста е огромен. Според различни меѓународни процени, Кина има повеќе од 700 милиони камери за видеонадзор, најголемата мрежа од ваков тип во светот.

Пекинг е град на различни времиња. Секое оставило свој белег, а сите заедно се дел од поширока приказна за земја што постојано се преосмислува себеси. Во него има стари храмови, бруталистичка архитектура, огромни згради, но и улички, продавници, раздвиженост, со велосипеди на секој чекор.

За посетител од Балканот, можеби најсилниот впечаток е чувството на ред и на безбедност. Првиот впечаток за градот ми го врежа Меѓународниот аеродром. Високи плафони, огромни стаклени површини, футуристичка естетика. Но, просторот не е студен. Покривот е изведен како голема челична конструкција, со линии и со бои што асоцираат на традиционални кинески мотиви, па целиот објект изгледа како современа верзија на старата кинеска архитектура. Подоцна, низ градот, истиот впечаток постојано се повторуваше.

Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат/Хари Кацановски

Стегнато, но безбедно

Уште на самиот влез во аеродромот, јас и другите новинари од групата требаше да пополниме податоци за да добиеме Кју-ар код што се покажува при граничната контрола. Фокусот на безбедноста е огромен. Според различни меѓународни проценки, Кина има повеќе од 700 милиони камери за видеонадзор, најголемата мрежа од ваков тип во светот. За влез во некои од најпознатите знаменитости, како Забранетиот град (поранешната палата на кинеските императори) и Летната палата (некогашната царска летна резиденција), потребно е да се приложи пасош или друг документ за идентификација.

Според властите, целта е полесна контрола и безбедност поради огромниот број домашни и странски посетители на овие локалитети. Иако ова звучи премногу стегнато за луѓе што доаѓаат од земји каде што ваква практика речиси и не постои, во секојдневниот живот воопшто не е наметливо. Напротив, полицијата не пречи никому, а секој си ја тера својата работа. Во Пекинг можеш да оставиш ранец, куфер или што било, каде било, и најверојатно никој нема да го допре. Секако дека има крадци, како што ги има секаде, но таквиот криминал е исклучително редок. Дел од тоа се должи на масовниот систем на видеонадзор, а дел и на фактот што Кина е речиси целосно безготовинско општество.

Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат/Хари Кацановски

Најголемиот дел од плаќањата се вршат преку „Алипеј“ или „Вичат пеј“, па украдените телефони и други електронски уреди потешко можат да се препродаваат или да се користат без да остават дигитална трага. Исто така, тешко е да се провлечеш со измама. На пример, такси најчесто се плаќа преку апликација. Ако не платиш неколку возења, платформата веќе не ти дозволува да нарачуваш ново возило додека не го платиш долгот, со што се решава проблемот многу елегантно. Таксистот не ти бара пари и не се расправа со тебе.

Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат/Хари Кацановски

Симболиката е врежана во архитектурата

Пекинг е разновиден, но естетските контрасти не се случајни. Архитектурата од времето на императорите, бруталистичките згради и објектите со футуристичка естетика се надоврзуваат едни на други и создаваат визуелен наратив за историјата на градот. Првата туристичка станица што ја посетивме беше Летната палата, некогашната царска летна резиденција на династијата Ќинг, денес една од најпознатите знаменитости во Кина и дел од светското наследство на УНЕСКО. Од една страна има палати, езера, дрвени павилјони, традиционална архитектура и луѓе со чадори и со шапки што изгледаат како насликани во импресионизмот.

Од друга страна, пак, во една од продавниците во комплексот, робот продава сувенири. Кина сака да ја покаже својата големина низ таа симболика, земјата некогаш била една од најмоќните цивилизации во светот, потоа минала низ времиња на понижување и на странски окупации, а денес повторно е светска сила, со технологија што не ја попречува традицијата, туку ја надополнува и ѝ дава просперитет на нацијата. Овие фигуративни значења се изразени во естетиката на големите државни зданија, плоштади и споменици.

На пример, зградата на Музејот на Комунистичката партија на Кина е огромна. Пред неа поединецот се чувствува мал и неважен во споредба со идејата за државата и за нацијата, која во кинескиот политички и културен наратив стои над индивидуата. Внатре е прикажана целата историја на современа Кина. Посетителите се движат низ изложби што хронолошки го следат патот на државата – од револуционерниот период, преку создавањето на Народна Република Кина, до индустрискиот и технолошкиот подем. Има оригинални предмети што му припаѓале на Мао Це Тунг, документи, автомобили во кои се возеле кинеските лидери, модели на ракети, вселенски програми, брзи возови и секакви технолошки достигнувања. Музејот на партијата покажува сѐ што постигнала државата.

Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат/Хари Кацановски

На плоштадот „Тјенанмен“, на пример, од едната страна е Забранетиот град – симболот на вековната царска власт. Од другата страна е мавзолејот на Мао – симболот на комунистичка Кина. Двата „света“ се гледаат еден со друг преку истиот плоштад.

Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат/Хари Кацановски

Ноќниот живот е позабавен од очекувањата

Ноќе градот добива сосема друг лик. Светла на сите страни, луѓе по улиците, а од секој агол мириса на јадење бидејќи улични продавници за храна има речиси на секој чекор. Во Санлитун, модерниот дел на градот, се издигаат облакодери и современи трговски центри. Таму е и центарот на ноќниот живот, со караоке-барови, диџеи и со настапи што ги уриваат стереотипите за Пекинг како строг и затворен град. Градот е жив. Луѓето најчесто возат мопеди и велосипеди, и тоа многу „поопуштено“ одошто сме навикнати. Поминуваат по тротоар, велосипедска патека или по улица, кога како. Не е чудно некој со мопед да ти излета пред патот на тротоар. Речиси се бесшумни бидејќи се електрични, па честопати може да се сепнеш кога ќе те одминат бидејќи не си ги забележал претходно.

По улиците возат претежно домашни, кинески електрични автомобили и хибриди — БИД, „аркфокс“, „шајоми“, „нио“, но и понекој германски автомобил или „тојота“… Инаку, во Пекинг добивањето регистарски таблички за автомобил оди преку лотарија, мерка со која градот се обидува да го ограничи бројот на возила. Летата се влажни и жешки. Воздухот буквално се чувствува на кожата, иако во јужните градови е уште повлажно. Не видов улични кучиња и мачки.

„Кока-кола“ на секоја маса

Првиот ручек го имавме во традиционален кинески ресторан. Тенџере со супа што цело време се загреваше над пламен, морски плодови, месо, зеленчук и повеќе мали чинии со храна. Масата е округла и ротира, па секој може да земе од она што му се допаѓа. Во средината имаше „Кока-кола“ во пластично шише, но не само во тој ресторан. И на следните ручеци, меѓу чиниите со традиционална храна, во средината задолжително имаше „Кока-кола“, а понекогаш и традиционално подготвен чај. Не знам дали тоа мени е специјално подготвено за нас бидејќи сме странци, но некако не одеше со целата естетика. Сепак, кој одбива „Кока-кола“?

Кинеската кујна многу се разликува од она што кај нас се продава како „кинеска храна“. Наместо тешки сосови и пржена храна, има свеж зеленчук, различни видови печурки, морски плодови, риба, пилешко и говедско месо подготвени така што природниот вкус останува во прв план. Речиси секој оброк има баланс меѓу благо, солено, кисело, луто и умами, вкусот по кој е препознатлива источноазиската кујна. На масата секогаш има повеќе јадења што сите ги делат, наместо секој да има своја порција, бидејќи самиот чин на јадење треба да биде заедничко искуство, а не индивидуален оброк.

Пекинг, Кина/Фото: Слободен печат/Хари Кацановски

Кина бара дигитална подготовка

Ако планирате да одите во Кина, заборавете дека Гугл мапс, Инстаграм, Вибер и уште многу западни апликации ќе ви работат нормално. Во Кина интернетот функционира преку т. н. „Голем заштитен ѕид“ – систем на државна контрола и на филтрирање поради кој голем дел од западните сервиси се блокирани или работат нестабилно. Гугл мапс речиси и да не е употреблив, а без навигација и без англиски, бидејќи повеќето не знаат англиски, снаоѓањето може бргу да стане проблем. Затоа, пред да тргнете, инсталирајте ВПН, офлајн мапи, преведувач и алтернативни апликации. Во спротивно, бргу ќе сфатите колку сте неснаодливи без вашите секојдневни дигитални алатки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот