Африм Гаши / Фото: Фејсбук

Гаши бара одговори од Тирана, МНР ќе го повика Мејдани откако на двајца пратеници им беше забранет влез во Албанија

Од Вреди, партијата чии пратеници еден час биле задржани на граничниот премин Ќафасан, иако имале дипломатски пасоши, информираа дека очекуваат официјална Тирана да објасни зошто се задржани функционерите и дали за нив има забрана за влез во Албанија.

Претседателот на Собранието Африм Гаши бара одговор од Албанија, а во МНР се очекува да биде повикан албанскиот амбасадор во Македонија, Денион Мејдани, дознава „Слободен печат“ од високи функционери од власта, откако вчера, на пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, им бил забранет влез во Албанија.
Од Вреди, партијата чии пратеници еден час биле задржани на граничниот премин Ќафасан, иако имале дипломатски пасоши, информираа дека очекуваат официјална Тирана да објасни зошто се задржани функционерите и дали за нив има забрана за влез во Албанија.

Гаши, реагираше на информациите за задржувањето на пратеници на граничниот премин Ќафасан и бара целосно и транспарентно објаснување од надлежните органи.

-Како претседател на Собранието, изразувам загриженост во врска со информациите за постапувањето кон пратениците на Собранието на Република Северна Македонија на граничниот премин Ќафасан. Пратениците се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат. Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот. Имајќи ги предвид традиционално добрососедските, а пред сѐ братските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, верувам и очекувам целосно и транспарентно разјаснување, кое ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира нашите односи – вели Гаши.

Според нашите извори, се очекува Мејдани да биде повикан во МНР за да ја објасни ситуацијата и причините поради кои пратениците и заменик-генералниот секретар на Владата биле задржани на граничниот премин, а од наша страна ќе биде изразена загриженост поради настанатата ситуација.

Од МНР соопштија дека денеска во Министерството, на нивно барање, била остварена средба со претставник од Амбасадата на Република Албанија.

„Во духот на пријателските односи меѓу двете земји, соседи и НАТО сојузници, на средбата беше побарана официјална информација од албанските власти во врска со настанот што се случи на граничниот премин Ќафасан, кога на државјани од нашата земја, не им бил дозволен влез во Република Албанија“, се вели во соопштението.

Ќоку: Апсурдна ситуација

Координаторот на пратеничката група на Вреди Ќоку, во објава на Фејсбук објаснува дека се соочиле со апсурдна ситуација, бидејќи рутински премин кон Албанија се претворил во апсурдна драма.

– Албанските власти нè оставија да чекаме повеќе од еден час без да ни ги објаснат причините. Потоа ни беше дозволено да го продолжиме патот, но одбивме, бидејќи на еден од нашите придружници, кој беше во вториот автомобил зад нас, тоа не му беше дозволено.
Револтирани од овој метод на дејствување, решивме да се вратиме во Северна Македонија. На шалтерот на кој ги предадовме пасошите, албанскиот полицаец од македонска страна нè информира дека според потврдата на неговиот колега од албанската страна одбивањето за влез важи за нас тројца. Зошто ни дозволија да поминеме, останува загатка – вели Ќоку.

Тој додава дека не добиле никакво официјално известување за причините за оваа акција. Пратениците се сомневаат дека причината за забрана за влез во Албанија можеби е дека јавно ги поддржале неодамнешните протести во Албанија.

– Се надевам дека албанските институции ќе го објаснат овој случај. Транспарентноста не е институционална обврска, туку и услов за одржување доверба меѓу граѓаните и институциите, како и меѓу самите Албанци. Ако навистина излезе дека граѓаните се казнуваат поради поддршка на мирни протести, тогаш Албанија ќе се построи со земјите каде што систематски се потиснува слободата на изразувањето, практика што меѓународните извештаи ја поврзуваат со авторитарни режими. Ја сакаме Албанија затоа што ја наследивме од генерации, а ќе ја сакаат и нашите деца, но фер, демократска, европска Албанија, а не моќта што е ставена во функција на автократијата и неединството на Албанците – вели Ќоку.

 „Црна листа“ поради протестите во Тирана?

Од друга страна, албанскиот портал „ma shqip.com“ пишува дека проблем не биле пратениците, туку лицето што ги придружувало. За порталот, од граничната и миграциската служба велат дека функционерите патувале со уште едно лице, кое имало проблеми со документацијата и не ги исполнувало условите за влез на територијата на Албанија, односно имало забрана за влез во земјата.

Извори во Вреди брифираат дека имале сознанија оти Албанија ставила десетици лица од Македонија на „црна листа“ поради сомнежи за организирање млади лица за учество на протестот на 4 јули во Тирана. Од таму додаваат дека нивни активисти веќе биле задржувани на граничните премини или им бил забранет влез во Албанија.
Од Вреди бараат официјално објаснување од Тирана за задржувањето на граница на нивните функционери.

– Според информациите што неофицијално ги соопшти граничната полиција, против функционерите постои забрана за влез. Сепак, не им е соопштена никаква одлука, документ или оправдување. Вреди бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници – велат од Вреди.

Од владејачката партија додаваат дека меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомневање.
Пратеникот Азизи, пак, вели оти ова е дипломатски апсурд и дека вакво нешто не му се случило ниту на српската граница.

– Причините зошто тоа навистина се случи се голем апсурд. Многу сериозен удар за Албанците, а не за нас како поединци. Четворица дипломати со дипломатски пасоши се задржани повеќе од еден час, и тоа е многу сериозно искуство, бидејќи ние сме Албанци, нашата татковина е Албанија и за таа Албанија сме придонеле – рече Азизи.

Инцидентот со пратениците предивика бурни реакции и дома и во Албанија. Лидерот на пратеничката група на Демократската партија на Албанија, Газмент Барди на социјалните мрежи го осуди однесувањето на албанската полиција.

„Ваквите постапки се неприфатливи и не се совпаѓаат со уставните обврски на Република Албанија да ги штити и почитува Албанците каде и да живеат и го нарушуваат духот на соработка и почитта“, вели тој.

Тој истакнува дека ниту една институција во Албанија нема право на понижувачки однос кон легитимни претставници на Албанците од Северна Македонија.

„Барам полицијата веднаш да даде јавно и транспарентно објаснување за овој настан. Секоја акција направена против законот треба сериозно да се испита и секој одговорен човек треба да одговара, без двоумење. Албанија секогаш треба да биде држава која ги поздравува, почитува и штити Албанците, а не држава во која се чувствуваат навредени или попречени. Ова не е само правна работа, туку и национална морална обврска’, вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот