ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мајка на фудбалерче: Емоциите на родителите од трибините да не им прават притисок на децата
Во семејството Ристови во Скопје, фудбалот не е само најважна споредна работа, туку начин на живот. Откако нивниот син Марко (9) почнал да тренира фудбал, целокупните обврски, планови, секојдневието, сè им се менува комплетно и почнуваат да го адаптираат животот според тренинзите, натпреварите, турнирите на малиот фудбалер.
Препорачано
Адријана Ристова е горда мајка којашто неодамна на Инстаграм отвори профил со наслов „Мајка од трибини“ со цел да им даде поддршка за сите коишто се во истата приказна. Таа таму споделува како изгледа нејзиното секојдневие и што всушност значи да се биде мајка на фудбалерче.
– Нас животот ни се промени комплетно откако Марко почна да тренира, сè ни е поврзано околу фудбал. Многу често пропуштаме многу средби, па дури и важни настани за да бидеме на некој натпревар и сл. Бидејќи мојот син со огромна љубов и желба влезе во овој спорт, без никаков притисок од наша страна, едноставно гледаме дека тој многу сака и ние сме тука да го поддржиме безусловно – вели таа.
Во врска со профилот на Инстаграм, вели дека целта ѝ била да направи една заедница со цел на еден забавен начин да се поддржат меѓусебно, да се насмеат, да се забавуваат, но ѝ да си разменат искуства со родителите на трибините.
– Јас како мајка преку овој профил директно, преку личното искуство, им се обраќам на мајките, но индиркетно и на татковците. Само оние коишто имаат дома фудбалерче или фудбалерчиња ќе ги разберат предизвиците со кои се соочуваме. На трибините има многу емоции, понекогаш солзи радосници, но се случува да има и разочарување, тага, и поразот е дел од спорот. Децата тоа треба да го сфатат што порано, но и родителите исто така. На трибините знае да се направи тензија како да играат Реал -Барса. Ние сме таму да ги поддржиме, а не да им правиме притисок, бидејќи и тренерите тоа го забележуваат и знаат да изреагираат – објаснува Ристова.
Медалите, наградите, пехарите, сето тоа е добрата страна, гордоста на една мајка, но како што вели Ристова, во целата приказна има и друга страна, а тоа се многу непроспиени ноќи, секој ден куп од валкани алишта, песок по дома, повреди, ручеци на нога…
Погледнете го целото интервју на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.


