Рибата-зајак, лагокефалос/Фото: Wikipedia

Нов напад на риба зајак во Грција: жена била касната на вратот

Необичен инцидент предизвикал тревога во неделата наутро на плажата Плаз во Патра, каде 64-годишна жена пријавила дека била касната од риба зајак додека пливала, објави „Газета“.

Според сведоштвото на жената, таа ја забележала рибата во водата, но немала време да реагира, по што била касната за вратот, на место особено блиску до каротидната артерија.

Жената веднаш била пренесена во Здравствениот центар во Патра, каде лекарите ѝ укажале прва помош.

Според директорот на центарот, таа примила серум против тетанус и антибиотици, а инцидентот бил потврден и од втор пливач кој се наоѓал на местото.

Настанот предизвикал загриженост кај локалната заедница, бидејќи плажата е една од најпопуларните во областа, особено во летните месеци.

Жената подоцна изјавила дека е во шок од она што го доживеала, но засега нема индикации за посериозни здравствени компликации.

Ова е втор случај на каснување од риба зајак, позната и како лагокефалос, откако претходната недела друга жена, исто така, пријавила дека била касната на плажа во Пефкохори, на Халкидики.

Жената раскажала дека имала среќа што рибата ја каснала кај глуждот, односно на место каде што коската спречила забите да навлезат подлабоко во ткивото. И покрај тоа, како што посочила, на ногата ѝ останала голема и видлива рана.

Присутните на плажата ѝ укажале прва помош и успеале да го запрат крвавењето, а жената потоа била однесена во локален здравствен центар.

Грчкиот Црвен крст претходно предупреди на зголемено присуство на рибата зајак во грчките води. Лагокефалосот се смета за еден од најинвазивните видови во Средоземното Море.

Има силни вилици и остри заби, кои можат да предизвикаат сериозни повреди. Експертите сметаат дека сè почестото присуство на оваа риба во Егејското и Јадранското Море е поврзано со промените во температурата на морето.

Колку е опасна рибата што се појави во Грција и во Јадранот?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот