Филип Поповски за трката од Љубљана до Задар: Нашата дружина е +40, но истрчавме 400 километри за 36 часа како тим
Маратонецот учествуваше во екстремната тимска трка од Љубљана до Задар, долга околу 400 километри, како дел од Еуротрип проектот, каде што заедно со својот тим поминаа 36 часа на патека низ ридовити и планински предели, во вистински тест на издржливост и тимска координација.
Филип Поповски, долгогодишен маратонец од Скопје, е спортско име што се издвојува и надвор од македонските граници. Покрај учеството на големи маратонски настани, меѓу кои и првото издание на сиднејскиот маратон каде што настапи како дел од светската елита, Поповски има и значајна улога во фудбалот, откако беше делегат назначен од УЕФА на шест натпревари на Европското првенство 2024, вклучувајќи го и финалето меѓу Шпанија и Англија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Неодамна, тој учествуваше и во екстремната тимска трка од Љубљана до Задар, долга околу 400 километри, како дел од Еуротрип проектот, каде заедно со својот тим поминаа 36 часа на патека низ ридовити и планински предели, во вистински тест на издржливост и тимска координација.
Светското првенство во фудбал 2026 е во полн ек. Дали успеа да ги проследиш натпреварите и која репрезентација досега најмногу ве воодушеви?
– Како и секое Светско првенство во фудбал, и ова е преполно со изненадувања. Ги гледам натпреварите што се во европско време достапни за сите нас, како и оние рано сабајле пред да одам на трчање. Најмногу ме воодушевија оние помалите, кои не беа фаворити како Курасао, Зелено’ртските Острови, но и Иран и Мароко со нивната доследност и добра игра. Секако тука се и разочарувањата како Турција, Белгија, Босна, Уругвај и Португалија, кои воопшто не наликуваат на оние тимови што сме навикнати да ги гледаме и затоа имавме поинакви очекувања. Сепак има уште многу да се игра и верувам дека ќе има уште доста изненадувања.

Имаш ли свој фаворит за освојување на титулата и кој може да биде најпријатното изненадување?
– Генерално навивам за европските репрезентации, иако по две кола некако станува јасно кои од нив можат да се издвојат. Иако отсега понатаму започнуваат со поинаков ритам и стратегија, останува да гледаме до крај интересен фудбал. Особено во елиминациската фаза. Франција, Германија, Англија, Холандија, Мароко и Бразил се едни од репрезентациите што очекувам да стигнат далеку. Сепак, кога нашата репрезентација не игра на некое од големите завршници, сакам добар фудбал со многу голови и ритам.
Настрана фудбалот, неодамна на трката од Љубљана до Задар истрчавте околу 400 километри. Ајде малку за ова… Кој дел од маршрутата ви остави најсилен впечаток и зошто?
– Ова е веќе вторпат како учествуваме на ваков подвиг на трка, која е дел од т.н. Еуротрип проект и е петто издание. Лани се трчаше од Инсбрук до Љубљана и беше многу поразлично поради теренот што беше повеќе рамен. Овој пат не беше така, имавме многу ридови и нагорнини што истоштуваат особено во вечерните часови. Најсилен впечаток ни остави делот од последната фаза, која трчавме по т.н. Мајсторска улица, искачување на планината Велебит во раните утрински часови, како и спуштањето по истата која се претвори во вистинска бркотница со другите тимови. Адреналинот беше на највисоко ниво токму во овој дел и секако финиширањето заедно со другите членови на екипажот на плажата во Задар.

По завршувањето на оваа трка, што научи за себе како спортист и како човек?
– Токму така, секоја трка претставува нова лекција особено за себе за тоа што било добро, а што треба да се подобри понатаму. Јас сум многу горд на себе како и на другите од дружината што останавме доследни од почетокот на подготовките до самиот крај и враќањето дома. Повеќето од нас имаат свои семејни и работни обврски што секако се приоритет во поголемиот дел од денот. Но, и со тоа време што ни преостанува успеваме да учествуваме на многу трки, особено тренинзите и маратонските трки, како и да ја надминеме секоја тешкотија. Од сето тоа, го променив начинот на живот, научив да ги почитувам другите повеќе, да не брзам, да носам рационални одлуки, да преземам повеќе ризици и да го активирам инаетот онаму каде што е потребно особено во вакви предизвици.
Дали имаше момент кога помисливте дека нема да успеете да стигнете до целта и што ве мотивираше да продолжите?
– Во ниту еден момент. На нашата дружина просечната возраст е +40 и многумина од нас поминале многу во својот живот. Како што реков, повеќето се семејни луѓе, а и другите со многу искуство зад себе. Но, со многу енергија целата приказна да успее. Со самото учество веќе по вторпат докажува за доследноста. Мотивацијата доаѓа од тоа што сите сакаме нови работи, како и предизвици, но и да бидеме дел од овие трки каде што учествуваа повеќе од 45 екипи од Европа и светот. Со тоа ние на тркачката мапа го ставаме нашиот град и државата од која доаѓаме. Дружењето и воспоставувањето контакти е нешто што е непроценливо во денешното живеење.

Колку подготовки беа потребни за да се издржи успешно ваков предизвик?
– За оваа трка, генерално подготовките се состоеја од индивидуални тренинзи. Во текот на годината сите индивидуално некаде учествуваме на многу трки на 10 км, полумаратони, како и маратони дома во Македонија или надвор. Дел од некои долги дистанци неколкумина од нас ги правеа трчањата заедно, како и заедничките трчанки што ние како 091РанКру ги правиме секоја среда низ улиците на Скопје. Сите што учествувавме, сме тркачи или возиме велосипеди и ја имаме подготвеноста да учествуваме на ваков тип трки. Сепак, поради различност на теренот, за следната година планираме да направиме посоодветни заеднички тренинзи во согласност со стратегијата што ќе ја донесеме.
Што беше клучно за добрата координација и доверба меѓу членовите на тимот во текот на 36-часовната трка?
– Од почетокот на подготовките поставивме еден план, на според ситуациите и наложувањата моравме да примениме агилен пристап, односно да се адаптираме на ситуацијата. Како и сѐ во животот и различноста на карактерните особини што сите си ги носиме. Тоа значи дека, освен трчање, возевме велосипед, возевме комбе или кампер, односно се менувавме според ситуацијата. Се координиравме на самото место и не претставуваше проблем за целокупниот успех. Драго ми е што можеме да се прилагодиме на ситуацијата согласно теренот како и можностите. Како резултат на довербата е во желбата да не застанеме, да бидеме дел од приказната и следната година.


