Попкаст со Мартин Богатиноски | Отец Атанасиј: Не градиме култ на смртта, туку ја сведочиме верата во Воскресението
Современиот човек има повеќе отколку што имале многу генерации пред него, но тоа не го направи помирен. Напротив, незадоволството како да расте токму во време кога, барем материјално, има најмногу причини да биде помало.
Препорачано
На ова укажа јеромонахот Атанасиј Арсоски од Скопската епархија, кој беше гостин во „Попкаст со Мартин Богатиноски“.
Во разговорот, отец Атанасиј се осврна на состојбата на денешниот човек, на духовната празнина, на бракот, на љубовта, но и на начинот на кој современото општество гледа на животот и смртта.
„Поединци луѓе гледате незадоволни. Нема време, историско, во коешто кој било можел да има толку колку што има денес. И пак имаме највисок степен на незадоволство. До каде ќе оди тоа?“, вели отец Атанасиј.
Според него, проблемот не е само во тоа колку човекот има, туку што поставува како приоритет. Во разговорот тој посочува дека христијанскиот поглед на животот не завршува со гробот и дека токму тука се прави суштинската разлика во разбирањето на човечкото постоење.
„Чекај малку, види… што е приоритет? Приоритет не ни е гробот. Животот не ни завршува во гроб. Не градиме цивилизација и култ на смртта. Туку на воскресението, на вечниот живот“, истакнува јеромонахот.
Во тој контекст, отец Атанасиј се осврна и на евтаназијата, посочувајќи го значењето на самиот збор и начинот на кој, според него, термините понекогаш се користат за да звучат поприфатливо.
„Евтаназија што значи? Добро умирање. Ама не се преведува. Си има некој термин, така, да звучи интернационално. А тоа е грчки збор. И значи буквално тоа: едно убаво, добро умирање“, вели отец Атанасиј.
Дел од разговорот беше посветен и на бракот. Отец Атанасиј предупредува дека многу бракови уште на почетокот се поставени на погрешни темели, поради што подоцна се јавуваат сериозни проблеми во односите меѓу сопружниците.
„Кога веќе некој влегол во брак, би требало да го гледа тој меѓусебен интерес. Еден со друг, но пак ќе кажам, ќе повторам, дека уште на почеток погрешни се кај многумина тие темели врз коишто го склопуваат бракот“, посочува тој.
Како еден од сериозните проблеми во брачниот живот го наведува и мешањето на родителите. Но, според него, тоа не секогаш доаѓа како насилно наметнување од страна, туку често и како простор што самите сопружници го оставаат отворен.
„Мешање на родителите. Тоа е сериозен проблем. И тоа не е насилно мешање, туку самите овие го дозволуваат мешањето на родителите“, вели отец Атанасиј.
Посебен дел од разговорот се однесуваше на љубовта – збор кој, според него, денес често се употребува, но не секогаш со вистинско разбирање на неговата тежина.
„Потребна е љубов. Е, сега, љубов е далечно нешто, возвишено. Не доаѓа тукутака. И денес тој термин многу се употребува, да кажеме – се злоупотребува. За сѐ нешто: љубов, љубов – ама не е тоа љубов“, вели јеромонахот.
Тој објаснува дека љубовта не е само чувство или збор што лесно се изговара, туку духовна состојба до која се стигнува преку борба, труд и созревање.
„Љубовта е на 30-то скалило. Значи, за да стигнеш до љубовта, треба овие 29 да ги поминеш“, вели отец Атанасиј.
Според него, човекот не треба лесно да тврди дека има љубов, туку треба да има желба да расте кон неа. Тој пат, како што посочува, подразбира и соочување со сопствениот егоизам.
„Полека со тоа: љубов, љубов, љубов. Не дека имаме сите љубов. Но, да имаме желба за љубов и да се бориме за тоа и да растеме во тоа – тоа да. Тоа се тие скалила. Е сега, ама затоа треба овие скалила да се поминуваат, а меѓу нив е, нели малку, и егоизмот да се скроти“, порачува отец Атанасиј Арсоски во „Попкаст со Мартин Богатиноски“.


