Утринска порака од директорката Петрова го запрела протестот во УЈП најавен за денес?
Порака испратена преку електронска пошта од директорката на УЈП Елена Петрова во 7:20 утрово, во која имало најава за можна дисциплинска одговорност, го запрела најавениот протест на вработени во Управата за јавни приходи, објави „Телма“.
Препорачано
Според телевизијата, вработените, кои во организација на репрезентативниот синдикат „Солидарсност“ требаше да протестираат пред регионалните дирекции низ државата со барање за повисоки плати, добиле интерно известување со најава за можна дисциплинска одговорност. Синдикатот тврди дека пораката ја испратила директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, точно два часа пред почетокот на најавениот протест. Според „Солидарност“, вработените во УЈП четврти месец не го добиле зголемувањето од седум проценти, како и усогласувањето со растот на минималната плата, односно дополнителни 1.600 денари.
Синдикатот смета дека Законот за јавни собири дозволува мирен протест во работно време. Петрова, пак, во интерниот допис нагласила дека вработените имаат право на штрајк, но не и на мирни протести во работно време. Претседателот на „Солидарност“, Васе Неданоски, за „Телма“ изјави дека голем број вработени му се пожалиле оти биле предупредени дека таквото делување е недозволено и спротивно на законот.
Тој порача дека синдикатот сака решение, но не ја исклучува можноста за штрајк ако проблемот не се надмине. Од УЈП попладнево соопштиле дека била одржана средба меѓу Петрова и претставниците на двата репрезентативни синдикати, „Солидарност“ и САДУ. На средбата бил отворен процесот за анекс на Колективниот договор со кој треба да се прилагоди пресметката на бодовите, а со тоа и личниот доход. Иако протестот е откажан, незадоволството во УЈП не е стивнато. Синдикатите влегуваат во преговори, а вработените чекаат одговор, пишува „Телма“.


