„Мајкрософт“ денеска отпушти 1.600 вработени, до декември работа ќе изгубат уште 3.200
Американската мултинационална компанија „Мајкрософт“ соопшти дека ќе укине околу 4.800 работни места, што претставува околу два проценти од вкупниот број вработени во компанијата. Отпуштањата се дел од мерките за намалување на трошоците и големата реорганизација на одделот Xbox, објавија американските медиуми.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Најголемите промени ќе бидат во секторот за видеоигри, каде што во следната фискална година ќе бидат укинати околу 3.200 работни места. Денеска беа отпуштени 1.600 вработени. Компанијата најави дека четири студија за развој на видеоигри ќе бидат издвоени или продадени, додека за петтото студио ќе се одлучува дали ќе биде затворено.
Xbox веќе помина низ неколку бранови отпуштања откако „Мајкрософт“ во 2024 година ја заврши аквизицијата на „Активижн Близард“, вредна 68,7 милијарди долари.
Новите кратења доаѓаат во период кога компанијата вложува милијарди долари во развој на вештачка интелигенција и во изградба на инфраструктура за вештачката интелигенција.
Извршната потпретседателка Ејми Колман изјави дека промените се неопходни бидејќи компанијата се приспособува на брзите промени во индустријата. Таа нагласи дека укинатите работни места не се директно заменети со вештачка интелигенција, иако автоматизацијата го менува начинот на работа.
Директорката на Xbox, Аша Шарма, соопшти дека 1.600 работни места ќе бидат укинати веднаш, а останатите до крајот на фискалната 2027 година. Според неа, работењето на Xbox во моментов е „нездраво“, а профитните маржи се значително пониски од оние на конкуренцијата.


