Фото: МИА

Ќе се спасуваат фирми од стечај, судот ќе може да им наметне план и на доверителите

Со новиот Предлог-закон за рано предупредување и превентивно преструктурирање на трговските друштва управителите ќе имаат законска обврска веднаш да реагираат ако се појават знаци дека компанијата може да стане неспособна за плаќање, а најдоцна во рок од 15 дена ќе треба да ги известат доверителите и да започнат разговори за финансиска стабилизација.

Слушај ја веста

Компаниите во Македонија ќе добијат можност да се спасат од стечај уште при првите знаци на финансиски проблеми, но истовремено ќе се соочат и со многу построги обврски за навремено реагирање. Тоа го предвидува новиот Предлог-закон за рано предупредување и превентивно преструктурирање на трговските друштва, кој треба да почне да се применува од 1 јануари 2027 година.

Со новиот закон државата првпат воведува систем што треба да овозможи компаниите да се реструктурираат пред да отидат во стечај, а не да се спасуваат дури откако ќе станат неспособни за плаќање. Целта е да се зачуваат работните места, да се заштитат доверителите и да се создаде поефикасен систем за надминување на финансиските кризи во стопанството. Експертите велат дека законот воведува целосно нов механизам што треба да спречи финансиски здрави компании да завршат во стечај поради привремени проблеми со ликвидноста.

– Секое трговско друштво ќе мора да воспостави систем за рано предупредување преку кој континуирано ќе ги следи ликвидноста, солвентноста, готовинскиот тек и исполнувањето на обврските – стои во предлог на законот.

Со законот значително се зголемува одговорноста на директорите и на членовите на органите на управување. Тие ќе мора постојано да ја следат финансиската состојба на компанијата, да обезбедат функционирање на системот за рано предупредување и веднаш да реагираат кога ќе се појават ризици од инсолвентност. Во рок од најмногу 15 дена од утврдувањето на ризикот, ќе треба да ги известат доверителите и да иницираат разговори за можна финансиска стабилизација или започнување постапка за превентивно преструктурирање.

Доколку не постапат навреме, продолжат со работење без реални изгледи за опстанок или преземат дејствија со кои ќе го намалат имотот на компанијата на штета на доверителите, ќе можат да одговараат за причинетата штета. Значајна улога добиваат и сметководителите. Тие ќе бидат должни најмалку еднаш квартално да подготвуваат финансиски извештаи, да изработуваат 12-месечни проекции на готовинскиот тек и писмено да го предупредат менаџментот ако утврдат ризик од инсолвентност. Доколку постапуваат професионално и во согласност со законот, тие нема да одговараат за деловните одлуки што ќе ги донесе управата.

Како ќе се спасуваат компаниите?

Кога компанијата ќе процени дека постои ризик да стане неспособна за плаќање, самата ќе може да поведе постапка за превентивно преструктурирање. Во текот на постапката управувањето останува кај должникот, кој води преговори со доверителите за изготвување план за преструктурирање. Планот може да предвиди репрограмирање на долговите, продолжување на роковите за плаќање, намалување или одложување на обврските, обезбедување ново финансирање и други мерки за финансиско и оперативно закрепнување.

Истовремено, компанијата ќе мора целосно да ги информира доверителите за својата финансиска состојба. Доверителите ќе се групираат според нивната правна положба. Обезбедените доверители ќе бидат во една класа, необезбедените во друга, а ќе се зема предвид и правната природа на побарувањата. Планот ќе се смета за усвоен ако во секоја класа за него гласаат доверители што претставуваат најмалку две третини од вредноста на побарувањата во таа класа.

Една од најзначајните новини е можноста судот да го потврди планот дури и кога сите доверители не се согласуваат со него. Таквата одлука ќе биде можна ако најмалку една класа доверители која би имала право на намирување во стечај го прифатила планот, ако несогласните доверители не се доведени во полоша положба отколку што би биле во стечај и ако планот обезбедува правичен третман за сите доверители. Со ова практично се спречува мал број доверители да го блокираат преструктурирањето на компанијата.

Ако сите доверители се согласат со планот, нема да биде потребна судска постапка. Во тој случај планот ќе го потврди нотар и тој ќе има сила на извршна исправа. Судот ќе интервенира само кога нема согласност од сите доверители, кога се бара мораториум, кога се предлага планот да важи и за доверители што не се согласуваат или во други случаи предвидени со законот.

Пред да донесе одлука, судот ќе побара стручно мислење од стечаен управник за финансиската одржливост на планот, правилноста на распределбата на доверителите и неговото влијание врз сите засегнати страни. Законот воведува посебна заштита за лицата што ќе обезбедат ново финансирање во текот на преструктурирањето. Таквите средства нема да можат подоцна да бидат прогласени за ништовни или штетни за доверителите само затоа што биле обезбедени во периодот на преструктурирање.

Ако преструктурирањето не успее – следува стечај

Доколку компанијата не успее да го реализира планот или во текот на постапката стане неспособна за плаќање, ќе може да се отвори редовна стечајна постапка во согласност со Законот за стечај.
Новите правила нема да важат за банки, штедилници, осигурителни компании, финансиски друштва, брокерски куќи, лизинг-компании и други финансиски институции, како и за државните органи и институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот