Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Крај на една ера во Техеран, почеток на неизвесна иднина

По погребот на Али Хамнеи, Иран влегува во нова политичка фаза во која старата револуционерна гарда ја заменува генерација што ја водеше војната и сега треба да го води мирот. Режимот е ослабен, но не и соборен, а кревкото примирје со САД и Израел остави отворени прашања што можат повторно да го запалат Блискиот Исток.

Погребот на ајатолахот Али Хамнеи не е само ритуал за последно збогување со човекот што со децении беше врховен водач на Иран. Тој е и видлив знак за длабоката промена низ која минува земјата по војната со САД и Израел, по кревкото примирје и по серијата удари што ја погодија политичката, воената и регионалната архитектура на режимот во Техеран.

Кога американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец во Версај потпиша договор за прекин на огнот со Иран, многумина во тоа видоа иронија. Версај во 1919 година ја прекрои Европа, но и постави репарации што подоцна ја хранеа горчината во Германија. Околу три недели по стапувањето во сила на примирјето, ситуацијата останува кревка. Примирјето сè уште се одржува, но инцидентите околу Ормускиот Теснец продолжуваат, а прашањата што доведоа до војната не се затворени.

Иран, во меѓувреме, се збогува со стариот врховен водач. Али Хамнеи беше убиен пред повеќе од четири месеци во заеднички американско-израелски воздушни напади со кои почна војната и беа отсечени голем дел од клучните структури на режимот.

Погребот затоа доаѓа како симболичен момент: крај на една ера, но и отворање на нова фаза во која на власт е генерација што се разликува од претходната.

Војна што ја прекрои таблата

Вали Наср, професор по меѓународни односи и блискоисточни студии на школата за напредни меѓународни студии „Џонс Хопкинс“, оценува дека значењето на оваа војна е потценето.

– Оваа војна е многу поважна и поголема отколку што досега ѝ даваме признание – вели тој за Би-би-си.

Според Наср, „сите големи војни од ваков обем на крајот ја прекројуваат шаховската табла“, а неговиот заклучок е дека „ова ќе го направи токму тоа за Блискиот Исток“.

Пред војната, впечатокот беше дека Иран е во исклучително ранлива позиција. Во јануари земјата ја потресоа народни протести, а Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предвидуваа дека тие можат да бидат знак за пад на Исламската Република. Иранската економија веќе беше тешко погодена од децении меѓународни санкции, а земјата сè уште ги носеше последиците од дванаесетдневната војна со САД и Израел шест месеци претходно.

Нуклеарната програма на Иран не беше „избришана“, како што тврдеше Трамп, но претрпе значителна штета. Судбината на залихите ураниум, за кои се наведува дека би биле доволни за „10 или 11 атомски оружја“ доколку дополнително се збогатат, останува нејасна. Голем дел од нив се верува дека се наоѓаат во урнатини во близина на нуклеарниот комплекс Исфахан.

Надвор од Иран, серија удари ја ослаби и мрежата позната како „Оска на отпорот“ – лабав сојуз на ирански прокси-групи и сојузници во регионот. Во Сирија, режимот на Башар ал Асад, долгогодишен близок сојузник на Техеран, исчезна за неколку недели на крајот од 2024 година. Во Либан, Израел уби клучни фигури на Хезболах и уништи голем број негови борци преку експлозии на пејџери и воки-токи. Во Газа, Хамас, уште еден ирански сојузник, беше тешко погоден од израелската офанзива што следеше по нападот на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени десетици илјади цивили и разурнат голем дел од енклавата. Во Јемен, Хутите, поддржани од Иран, лансираа балистички ракети кон Израел и почнаа напади врз бродскиот сообраќај во Црвеното Море, по што Израел, САД и Велика Британија возвратија со удари, меѓу другото, врз нивното раководство.

Од сите тие удари, се создаде консензус дека Иран е во најтешка позиција во последните децении. „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп добил повеќе разузнавачки извештаи според кои Иран бил послаб отколку во кој било момент од Исламската револуција во 1979 година. Сепак, Исламската Република опстана. Еден од факторите беше способноста на Иран да го затвори Ормускиот Теснец, еден од најважните водни патишта во светот, со што директно се притисна глобалната економија.

Нова генерација, постара револуција

Трамп често тврдеше дека постигнал „промена на режимот“ во Иран. Но, Вали Наср не ја отфрла целосно таа формулација, иако оценува дека промената, како што се одвивала, му оди во прилог на Техеран.

– Цела нова генерација ја презеде власта. Тие имаат многу јасна агенда. Тие ја водеа војната, а сега ќе го водат и мирот – вели Наср.

Новото раководство, според него, не е составено од фигури што Вашингтон би ги нарекол „замаглени апокалиптични идеолози“. Тие се повеќе фокусирани на опстанокот на државата и се подготвени да дејствуваат поодлучно од претходниците.

Новиот врховен водач Мојтаба Хамнеи има 56 години, три децении помалку од својот татко Али Хамнеи, кој во моментот кога беше убиен се сметаше за физички кревок. Претседателот Масуд Пезешкијан има 71 година, но генерацијата што ја носеше револуцијата од 1979 година веќе ја нема централната улога што ја имаше порано. Во новата поставеност се издвојуваат и претседателот на парламентот и главен преговарач Мохамад Багер Галибаф, како и главниот командант на Револуционерната гарда Ахмад Вахиди, двајцата во шеесеттите години и со силни врски со ИРГЦ.

Санам Вакил од „Четам хаус“ ја објаснува оваа промена како генерациско поместување внатре во системот.

– Тие се деца на револуцијата. Осумдесет и шестгодишник повеќе не го управува бродот на Исламската Република. Големата рачна сопирачка за развојот на системот беше Али Хамнеи – изјави таа.

Со децении, Али Хамнеи ја одржуваше стратегијата што често се опишуваше како „ни војна ни мир“. Неговите наследници покажаа поинаков стил. Тие нападнаа американски воени бази во регионот, а потоа, за неколку недели, прифатија преговори за завршување на војната под услови што на прв поглед не изгледаа понижувачки за Техеран.

Кревко примирје и отворени прашања

Подготвеноста на Иран да напаѓа сојузници на САД во Заливот, да го таргетира бродскиот сообраќај и да го затвори Ормускиот Теснец ја изненади Белата куќа. Со години Вашингтон се обидуваше да го ограничи Иран преку мрежа на воени бази и партнерства со земјите од Заливот. Силниот одговор на Техеран остави впечаток дека таа стратегија не функционира како порано.

Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група, вели дека многу од овие земји се надеваа дека американските воени бази на нивна територија ќе им обезбедат безбедност, а не дека ќе ги направат цел.

Според него, земјите од Заливот сега ја преиспитуваат веродостојноста на американскиот безбедносен чадор и сопствената стратегија за одвраќање.

Затоа повеќе земји од Заливот бараат начин да ги поправат односите со Иран. Саудиска Арабија, која во 2023 година ги обнови односите со Техеран по децении непријателство, според дипломатски извори цитирани од агенцијата Франс прес, подготвува „самит за помирување“ меѓу Иран и неговите заливски соседи. Сепак, Ваез смета дека тие земји не се подготвени да ја прекинат безбедносната врска со САД.

– Тие се премногу зависни од САД за целосно да ги прекинат безбедносните аранжмани. Можат да се обидат да се осигурат на повеќе страни, но на крајот на денот немаат каде подобро да одат – вели тој.

Ваез го опишува моментот како „пластичен момент“, односно како состојба во која се отвора простор за нови можности.

– Чувствувам одредена доза реализам што не постоеше во минатото – вели тој.

Но, за Иранците внатре во земјата, сликата е посложена.

Во јануари Трамп им порача на Иранците дека „помошта е на пат“. Кога на 28 февруари ја започна војната, беше уште подиректен.

– Кога ќе завршиме, преземете ја вашата влада – рече тој.

Но, таа порака остана неисполнето ветување. Новата генерација дојде на власт во Техеран, но досега не понуди јасна перспектива за послободна и попросперитетна иднина.

Шестдневна погребна церемонија: милиони Иранци се збогуваат со убиениот ајатолах Хамнеи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот