Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова на конгрес во Виена/ Фото: ЛДП

На предлог на ЛДП и ЛИБСЕН евролибералите изгласаа итна резолуција против ветата и малтретирањата на ЕУ-границите

На предлог на ЛДП и ЛИБСЕН, Европските либерали изгласаа Итна резолуција против историските вета и малтретирањата на ЕУ-границите

Либерално-демократската партија информира дека е остварена голема  дипломатска победа на меѓународна сцена во директна заштита на достоинството на македонските граѓани и нивната европска иднина. На овогодинешниот Конгрес на партијата АЛДЕ, кој викендов се одржува во Виена, со огромно мнозинство била усвоена Итната резолуција за визионерско проширување на ЕУ и достоинство на границите.

Овој стратешки важен документ беше поднесен од страна на ЛДП, предводејќи ги сестринските партии од Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕН), со што уште еднаш се докажа моќта на либералното сојузништво кога се во прашање државните интереси, соопштија од ЛДП.

Клучниот аспект на оваа резолуција е директниот напад врз понижувачкиот третман што македонските граѓани го доживуваат на границите со Европската Унија, со посебен акцент на т.н. Систем за влез/излез (EES). Во текстот на резолуцијата, европските либерали изразија длабока загриженост поради фактот што овој систем неправедно ги третира земјите-кандидати како обични „трети земји”, што резултира со недозволиви административни тесни грла, деградација и сцени на границите кои сериозно го нарушуваат човековото достоинство. АЛДЕ упати итен повик до институциите на ЕУ и земјите-членки за итна реформа на овие протоколи, со цел да се заштити прекуграничната економија и да се врати европската солидарност на дело.

Истовремено, со оваа резолуција се бара децидно и итно прекинување на практиката на билатерализација на пристапниот процес. Европските либерали испратија кристално јасна порака дека не смее да се дозволи ниту една земја-членка да го злоупотребува правото на вето за билатерални спорови и прашања базирани на историја, кои со години неправедно го кочат македонскиот напредок. Наместо тоа, се бара брза транзиција кон гласање со квалификувано мнозинство (QMV) за сите меѓучекори во интеграцијата, што ќе обезбеди предвидлив процес заснован исклучиво на реални заслуги и исполнети критериуми, информираат од ЛДП..

Вжештена расправа во Собранието за ребалансот на Буџетот — власта најавува инвестиции, опозицијата предупредува на ново задолжување

Резолуцијата исто така јасно дефинира дека фазната интеграција и пристапот до Единствениот пазар мора да бидат исклучиво во корист на граѓаните и бизнисите, со цел забрзување на патот кон полноправно членство во ЕУ, а не создавање на европски граѓани од втор ред.

Додека на домашната сцена се води празна реторика и се троши драгоцено време на дневен популизам, ЛДП испорачува реални и опипливи резултати таму каде што се носат клучните одлуки за иднината на Македонија. Со оваа победа во Виена, извојувана заедно со нашите сестрински либерални партии, испративме силна и обединета порака од срцето на Европа: за либералите Македонија мора да напредува кон ЕУ со крената глава, без уцени и историски кочници, а малтретирањето на нашите граѓани по границите мора веднаш да престане. Човековото достоинство нема цена и ЛДП нема да отстапи од неговата заштита – изјави Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и ЛИБСЕН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот