Ријад Марез/EPA/BOB FRID

Бизарен скандал: Марез предвреме го открил составот на Алжир за да го натера селекторот на промена

Капитенот на Алжир, Ријад Марез, наводно неколку часа пред натпреварот против Швајцарија на Светското првенство ги открил информациите за почетниот состав на својата репрезентација во обид да изврши притисок врз селекторот Владимир Петковиќ да ја промени својата одлука, тврди алжирскиот новинар Дин Ами.

Ами, кој го следи африканскиот фудбал за „Би-Би-Си“ објави дека Марез сакал Алжир да настапи со поинаков систем на игра против Швајцарија. Според неговите тврдења, искусниот фудбалер побарал Зинедин Белаид да биде стартер, а селекцијата да игра со тројца стопери. Воедно, Фарес Шаиби требало да има поофанзивна улога во средниот ред.

Новинарот тврди дека Марез се обидувал да го убеди стручниот штаб да го промени почетниот состав, а информациите за планираниот состав намерно ги пласирал во јавноста за да се создаде медиумски притисок врз селекторот.

Засега, станува збор исклучиво за тврдења на Дин Ами, кои не се потврдени ниту од Фудбалската федерација на Алжир, ниту од Владимир Петковиќ кој според последните информации веќе не е селектор на Алжир.

Петковиќ не попуштил пред наводниот притисок. Алжир го започна натпреварот со четворица играчи во последната линија, додека во средниот ред настапија Рамиз Зеруки, Фарес Шаиби и Набил Бенталеб. Белаид остана на клупата за резерви.

Швајцарија поведе уште во 10. минута преку Брел Емболо, а Дан Ндоје ја зголеми предноста веднаш по почетокот на второто полувреме.

Според Ами, Марез и за време на првата пауза за освежување повторно побарал тимот да премине на формација со тројца стопери и Белаид да добие шанса, но Петковиќ останал доследен на својата одлука.

Промените во одбраната следуваа дури по вториот примен гол. Во 58. минута во игра влегоа Жауен Хаџам и Амин Гуири, но Белаид повторно остана без минутажа.

Алжир го загуби натпреварот со 2:0 и беше елиминиран во шеснаесетфиналето на Светското првенство. По натпреварот, 35-годишниот Ријад Марез соопшти дека тоа бил негов последен настап во националниот дрес.

„Ова беше мојот последен натпревар за репрезентацијата“, изјави капитенот на Алжир.

Тргнал на Мундијал во САД, останал во Барселона — навивач десет дена гледал фудбал без да знае дека го бара Интерпол

Поранешниот фудбалски селектор на Јужна Кореја ја напушти земјата по смртните закани

Голманот Возиња на Мундијалот има повеќе дриблинзи од Роналдо

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот