Не се знае какви сѐ гасови крие „Вардариште“, уште нема резултати од испитувањата на бушотините
На терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура за одгасување, иако не се стигнати резултатите од мострите што се земаа од двете бушотини кои се испратија на анализа во акредитирана лабораторија
Процесот на одгасување на старата депонија „Вардариште“, која со децении е едно од жариштата на загадување на Скопје, особено поради честите пожари во изминатите години, како што тврди градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се одвива со одлична динамика и согласно предвидениот проект.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Градоначалникот деновиве информира дека на терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од системскиот пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем.
По завршување на целиот процес, овој простор ќе добие сосема нов лик – од депонија ќе прерасне во огромен мега-парк, ново зелено срце и нови бели дробови на главниот град. Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации – тврди градоначалникот, додавајќи дека Скопје заслужува чиста животна средина, уредени простори и визија што се реализира на дело.
Уште во јануари годинава градоначалникот соопшти дека површински се чисти старата скопска депонија „Вардариште“, а во април излезе со нова информација, односно дека по спроведената физибилити студија, започнува процесот на одгасување на депонијата.
ВИДЕО+ФОТО | „Стоп за Вардариште“: Преку глава ни е веќе, сакаме резултат веднаш, а не по изборите
Неговата објава на социјалната мрежа Фејсбук, следеше наредниот ден откако на „Вардариште“, по седум месеци пауза, повторно имаше пожар.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ се заканија дека доколку не се испочитува договореното и не се стави целосен крај на загадувањето од депонијата, ќе бидат принудени да ги активираат блокадите.
Одговорот од градоначалникот, повторно преку Фејсбук, беше дека започнало одјавувањето и дека од бушотината се земаат примероци.
Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови што со години се наталожуваа на ова место. Од сите бушотини ќе се земаат примероци што ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите. Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата – соопшти Ѓорѓиевски.
Во одговор за „Слободен печат“ од Град Скопје објаснија дека од првите две позиции, материјалите се веќе испратени на лабораториско испитување во акредитирана лабораторија. По добивањето на резултатите, требаше да продолжи процесот на одгасување, како и соодветниот третман на депонијата „Вардариште“.
На „Вардариште“ се дупчи и ќе се одгасува депонијата: Која фирма го прави тоа и за колку пари?
По најновата информација од градоначалникот дека тече процесот на одгасување и дека веќе се поставуваат цевки и шахти, значи потребната инфраструктура за овој процес, побаравме одговор дали тоа значи дека е завршена првата фаза во која се земаат мостри од бушотините и се пристапи кон одгасување, но и дали веќе се стигнати резултатите од мострите што уште пред повеќе од два месеци се испратени на анализа и што покажаа тие. Поточно, дали веќе се знае какви гасови има на депонијата и дали при одгасувањето нема да се загадува околината.
Но, од одговорот од Градот се гледа дека сето ова сè уште не е познато, освен дека завршило пробното дупчење и одново ги повторија веќе објавените информации за подготовка на теренот.
ВИДЕО Турбо се работи, Вардариште заминува во историјата, се пофали Ѓорѓиевски
Пробното дупчење е успешно завршено, а во моментов се очекува изведувачот да ги достави резултатите од извршените испитувања. Паралелно со тоа, започнат е процесот на одгасување, кој опфаќа дупчење и поставување цевки, како и изградба на шахти, по претходно расчистување и подготовка на теренот. Сакаме да потенцираме дека станува збор за стандарден технички процес што се спроведува во согласност со предвидените процедури и не претставува никаква опасност за граѓаните – велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека надлежните служби и изведувачот ги реализираат сите активности со почитување на безбедносните стандарди, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на работите.


