На погребната молитва присуствувале тројца синови на Хамнеи, наследникот не се појавил
Тројца синови на убиениот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи, денеска се молеа покрај неговиот ковчег и ковчезите на четири други членови на семејството, но неговиот син и наследник како врховен лидер, Моџтаб, не се појави. Државната телевизија ги прикажа Мостафа, Мајсам и Масуд Хамнеи како се молат зад ковчезите изложени во пространиот двор на Големата џамија на Имам Хомеини во Техеран, пишува Ројтерс.
Препорачано
Моџтаба Хамнеи, за кој се вели дека бил повреден во нападот на 28 февруари во кој загинаа неговиот татко и други членови на семејството, не е виден во јавноста, ниту е објавена неговаа фотографија од тој настан. Израел и САД тогаш бомбардираа ирански цели. Наводно, лицето на Моџтаба Хамнеи било обезличено и тој претрпел тешка повреда на едната или двете нозе.
Исламската Република организира една недела масовни погребни поворки за Хамнеи, што се толкува како јавно прикажување на лојалност кон теократската држава и револуционерна страст. Откако ковчегот беше изложен во затворен простор за високи ирански и странски функционери, тој вчера беше јавно изложен заедно со ковчезите на неговата ќерка, зет, снаа и 14-месечна внука.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и претседателот на парламентот Мохамад Бакер Калибаф, исто така, се помолија над нивните ковчези.
Огромна толпа Иранци, од кои многумина плачеле и се удирале по градите, се собраа во Мосала, останувајќи преку ноќ. Управата за метро во Техеран објави дека регистрирала седум милиони патувања во текот на изминатата ноќ.
Шестдневна погребна церемонија: милиони Иранци се збогуваат со убиениот ајатолах Хамнеи
По масовната поворка најавена за понеделник во центарот на Техеран, останките ќе бидат транспортирани во градот Ком, центарот на шиитската хиерархија во Иран, каде што церемониите ќе се одржат во вторник.
Оттаму, во среда телото ќе биде пренесено со авион во Ирак за церемонии во шиитските свети градови Наџаф и Кербала, а потоа ќе се врати во Иран во четврток за уште една поворка во Машхад, каде што ќе биде погребан во близина на гробницата на средновековен шиитски имам. Властите планираат да мобилизираат милиони луѓе за поворките во наредните денови, обезбедувајќи им превоз, храна и сместување.
Настаните се одвиваат во контекст на прекин на огнот што ја запре четиримесечната војна. Според договорот со Вашингтон, за кој иранските власти тврдат дека на крајот ќе донесе огромни економски придобивки, Техеран прогласи победа над суперсилата.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за порталот „Аксиос“ дека мировните преговори се прекинати една недела поради настаните поврзани со погребот.


