Серхио Пардо Доња, Шпанец вљубен во македонскиот јазик: Ја научив „Црно и бело“ на Калиопи напамет, без да разберам ниту збор
„Кога првпат ја посетив Македонија и почнав да зборувам македонски, тоа за мене беше како сон“, вели 22-годишното момче од Барселона, кој веќе шест години самостојно го изучува македонскиот јазик.
Љубовта на Серхио Пардо Доња, или Сержи како што го нарекуваат пријателите, кон македонскиот јазик започнала сосема неочекувано, додека како деветгодишно момче гледал Евровизија кај својата баба во Барселона. Македонската претставничка Калиопи и песната „Црно и бело“ оставиле толку силен впечаток врз него, што почнал постојано да ја слуша, иако во тоа време не разбирал ниту еден збор на македонски.
Препорачано
Денес, 22-годишниот студент по лингвистика на Универзитетот во Барселона течно зборува македонски, чита романи, слуша македонска музика и зад себе има неколку патувања низ Македонија.
Во разговор за „Слободен печат“, Серхио ни раскажа како го научил македонскиот јазик без помош од професор, кои зборови и фрази му се омилени, но и како изгледала средбата со Калиопи, жената поради која започнала целата негова приказна со учењето на нашиот јазик.
Серхио, како едно момче од Барселона почнува да покажува љубов кон една мала држава како што е Македонија? Што е она што прво Ве привлече кон македонскиот јазик?
– Првпат слушнав за Македонија во 2012 година, кога имав само девет години. Гледав Евровизија кај баба ми и многу ми се допадна македонската песна „Црно и бело“ од Калиопи. Го запаметив името на песната за да можам да ја најдам на интернет и повторно да ја слушам. Толку многу пати ја слушав, што ја научив напамет, иако не разбирав ниту еден збор. Оттогаш чувствував некаква слепа симпатија кон земја за која речиси ништо не знаев (на крајот на краиштата, бев само дете), а некако таа симпатија остана со мене. Со текот на времето открив дека сум добар со учење јазици, па во 2020 година решив да почнам да го учам македонскиот јазик, бидејќи имав доста слободно време поради пандемијата.
Македонскиот јазик е сосема поинаков од шпанскиот. Што најмногу ви „легна“ додека го учевте, а што ви создаваше најмногу мака?
– Македонскиот јазик можеби делува сосема поинаков од шпанскиот, особено во споредба со други романски јазици како италијанскиот или португалскиот, но сепак го сметам за многу близок јазик. Како студент по лингвистика, редовно се занимавам со секакви јазици што навистина се разликуваат од нашите индоевропски јазици. На пример, моментално ги истражувам јазиците на Борнео, огромен остров поделен меѓу Индонезија, Малезија и Брунеј. Во споредба со нив, македонскиот функционира речиси идентично како шпанскиот или каталонскиот јазик. Во мојот град има продавница со плакат на кој пишува „Nova porta i cuina”. Ќе ми верувате ли ако ви кажам дека тоа значи токму „Нова порта и кујна“ на каталонски и дека се изговара речиси исто како на македонски? Се разбира, ова е редок случај, но не е случајност.
За мене, најлесното нешто во македонскиот јазик е изговорот. Иако има некои звуци што не постојат во моите мајчини јазици, македонскиот јазик ми звучи познато. За разлика од јазици како англискиот, кога читам некој нов збор, веднаш знам како треба да се изговори. Меѓутоа, зборови како „цврст“ или „ноќта“ можат да претставуваат предизвик на почетокот.
Од друга страна, вистинска главоболка ми создаваат глаголите и начинот на кој нивното значење се менува со додавање секакви префикси. „Внесе“, „донесе“, „надонесе“, „испренесе“… Кошмар ми е, но нема роза без трње, нели?
Шест години самостојно го учите македонскиот јазик. Што Ве мотивираше да не се откажете?
– Вистина е дека веќе шест години учам македонски, но не секогаш исто редовно. Во зависност од моите студии и личната состојба, можев да учам поинтензивно или помирно, понекогаш воопшто немав време или мотивација да учам, и тоа е сосема во ред. Веќе стигнав до степен на кој можам да читам цели романи и да разговарам долго на македонски, па засега претпочитам да учам преку практика наместо активно учење.
Многумина, вклучувајќи ме и мене, се чудат што не ја изгубив мотивацијата – искрено, немав доволно значајна причина да го учам токму овој јазик. Мислам дека важен дел од тоа што ме тераше да продолжам беше доброто чувство што доаѓаше од сопствениот напредок. Не можам да објаснам со зборови како се чувствував кога полека го дешифрирав текстот на онаа песна, која од дете ја знаев напамет без да ја разбирам. Исто така, се чувствував многу добро кога првпат ја посетив Македонија и можев да комуницирам на македонски, или кога првпат прочитав цел роман на македонски.
Дали музиката, филмовите и видеата на социјалните мрежи Ви помогнаа полесно да го совладате јазикот? Што најчесто слушате или гледате на македонски?
– Многу ми помогна музиката, не само од Калиопи, туку и од други пејачи и групи како, на пример, Тоше Проески, Ареа или Дупер. Многу ги сакам и македонските народни песни, како „Македонско девојче“ или „Зајди, зајди“. Немам гледано многу македонски филмови, но еден што особено ми се допадна беше „Трето полувреме“. Би сакал да откривам повеќе музика и филмови од Македонија.

Има ли македонски збор или израз што особено Ви останал во срце?
– Има неколку македонски експресивни зборови кои би сакал да станат универзални, како „леле“, „ајде“ и „бе“. Мене сè уште не ми доаѓаат сосема природно, но кога ги слушам, чувствувам како тие зборчиња да ја обојуваат реченицата со препознатлива македонска боја.
Колку јазикот ви помогна подобро да ги запознаете Македонците? Дали денес имате пријатели од Македонија со кои редовно комуницирате?
– Во Барселона знам само двајца Македонци, но да не учев македонски, немаше да ги запознаам ниту нив. Не е лесно да се најдат Македонци овде, можеби кога ќе живеам во Германија ќе имам шанса да запознаам повеќе луѓе од Македонија со кои ќе можам поредовно да го практикувам јазикот. Секогаш би можел да разговарам со Македонци на интернет, но претпочитам да комуницирам лично, во кафуле или на прошетка.
Дали досега сте ја посетиле Македонија? Ако не, дали планирате да дојдете во блиска иднина и кои места би сакале најмногу да ги видите?
– Досега двапати сум бил во Македонија. Првиот пат беше пред четири години. Патував со пријатели низ Албанија со кола, па предложив да ја искористиме приликата да ја посетиме Македонија, дури и само за еден ден. Ним им се виде како добра идеја, па го посетивме Охрид. Сосема се заљубив во охридските куќички и цркви и првпат имав шанса да го практикувам она што го имав учено, иако сè уште не зборував македонски толку добро. Прекратко бев во Македонија, но многу ми значеше.
Вториот пат беше пред две години, кога поминав цела недела во Македонија. За тоа секогаш ќе им бидам благодарен на Ведран и неговото семејство. Ведран е Македонец кој пораснал во Барселона, а никогаш не ја изгубил врската со Македонија и македонскиот јазик. Тој виде на Твитер со каква возбуда пишував за Македонија, па решил да стапи во контакт со мене и да ме покани во август кај своите баба и дедо во Охрид. Оттаму патувавме до Вевчани, Свети Наум, Битола и други места. Отидов и на концерт на Калиопи и ѝ пријдов лично да ѝ кажам дека научив македонски благодарение на неа. Ведран и неговото семејство ме носеа насекаде и ми дадоа да пробам секакви македонски јадења. Во тие денови зборував повеќе македонски отколку во целиот мој живот. За мене тоа беше како сон. Пред да се вратам, го посетив Скопје. Иако првпат бев во главниот град на Македонија, чувствував како веќе да го познавам од она што го имав читано и видено во книги или на интернет. Неколкумина ми кажаа дека Скопје е грд град, но воопшто не се согласувам. Има многу убави места, зачудувачка бруталистичка архитектура и интересни музеи. Покрај тоа, ја искористив приликата да купам книги на македонски.
Сè уште ми остануваат многу места во Македонија, но она што најмногу сакам да го посетам е манастирот Свети Јован Бигорски. Можеби летово ќе се вратам во Македонија и ќе имам можност да го видам.
Што е тоа што најмногу ве воодушевува кај македонскиот јазик, а мислите дека луѓето кои го зборуваат секојдневно понекогаш го земаат „здраво за готово“? Дали мислите дека не си го цениме доволно нашиот јазик?
– Она што најмногу ме воодушевува кај македонскиот јазик е начинот на кој можат да се видат впечатоците што ги оставиле разните цивилизации кои минувале низ Македонија. Јазикот е сведок на историјата на едно место, а тоа не важи само за македонскиот јазик, туку и за сите други, се разбира. Сепак, Македонија е извонреден случај. Во Шпанија, овошната салата се вика „Macedonia“. Тоа се однесува на познатата разновидност на Македонија, во која од антиката до денес живееле најразлични етнички групи. Не можете ни да си го замислите моето изненадување кога, додека учев старогрчки на универзитет, забележав дека веќе го знаев сврзникот „ότι“ (на македонски, „оти“). Воопшто не е необично јазиците меѓусебно да позајмуваат зборови како именки или глаголи, но позајмувањето функционални зборови, како сврзници, се случува многу ретко и покажува извонредно долг и интензивен контакт меѓу цивилизации. Резултат на тој процес е современиот македонски јазик што Македонците секојдневно го зборуваат без да размислуваат за сето она што се случило пред тој да ја добие својата денешна форма.
Мислам дека Македонците, или барем оние со кои имав шанса да разговарам, многу си го ценат својот јазик и јас се радувам за тоа. Сопствениот јазик е многу важен дел од идентитетот, не само за народот, туку и за поединецот. Ако морам да споменам еден аспект во кој мислам дека треба повеќе да си го цените јазикот, тоа се дијалектите. Иако стандардниот книжевен јазик е многу корисна алатка за комуникација што гради единство, дијалектите се вистинско богатство наследено од предците кое треба да се заштити со гордост. Понекогаш добивам комплименти за мојот „чист“ стандарден македонски, а јас би сакал да познавам и некој дијалект. Некој што знае да зборува и стандарден јазик и дијалект секогаш ќе биде покултурен од некого што го знае само книжевниот јазик, без разлика колку „чисто“ зборува.


