ФОТО | „Патувај во вечноста…“: Уметницата Дивна Пешиќ му посвети дело на Владо Јаневски
Нашата најдобра стрелачка и уметница Дивна Пешиќ на емотивен начин му оддаде почит на музичката легенда Владо Јаневски, кој минатата недела почина на 65-годишна возраст, по кратко боледување.
Препорачано
Пешиќ преку објава на социјалните мрежи ја изрази својата тага и благодарност кон Јаневски. Таа откри дека му посветува уметничко дело, кое го создала инспирирана од неговиот лик, музика и неизбришливото наследство што го остави зад себе.
Во долгата и емотива објава таа се прости од уметникот, но пред сè и нејзин драг пријател – Владо Јаневски. Покрај објавата може да го видиме и нејзиното уметничко дело на кое главни мотиви се грозјето, чаша вино, булки…
View this post on Instagram
– Посветено на мојот драг пријател, Владо Јаневски.
Постојат луѓе што не можеш да ги сместиш во рамки, затоа што се родени да бидат различни. Таков беше ти. Генијална, нежна, емотивна и бескрајно креативна душа, која не секој умееше да ја разбере. Но токму во таа твоја посебност се криеше магијата што ја претвораше во музика.
На Македонија ѝ остави нешто што не може да се измери со никаква награда, песни што се дел од сите животи, љубови, разделби, спомени и тишини. „Булки“, „Црно Тиквешко“, „Некогаш и негде“, „Полско цвеќе“, „Парче душа“, „Не зори зори“, „Не заборавај да се сетиш на мене“… Тоа не се само песни. Тоа се чувства преточени во стихови, зборови што засекогаш ќе допираат до срцето и душата.
Некои уметници заминуваат, но никогаш не исчезнуваат. Тие продолжуваат да живеат во секоја нота, во секој стих и во секој човек што ќе ја почувствува нивната искреност.
Патувај во вечноста, драг мој пријателе! Ми беше огромна чест што те познавав. Ти благодарам за твојата добрина, за твојата искреност, за музиката што ни ја подари и за трагата што засекогаш ќе остане во македонската култура и светот воопшто!
Луѓето си заминуваат. Легендите остануваат.
Почивај во мир – напиша Пешиќ.
Дивна Пешиќ е уникатна фигура која ја обединува прецизноста на спортската стрелба и експлозијата на апстрактниот експресионизам. Како уметница , сликајќи масло на платно Дивна има 33 години активна кариера со околу 50 самостојни и групни изложби ширум светот.


