Горан Алачки/Фото: Приватна архива

„Човекот зад името“ — Горан Алачки: Не живеам во сенка на туѓите очекувања, туку во светлината на сопствениот избор

Денес, зад името го откриваме Горан Алачки, но не како музички виртуоз, туку како човек.

Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името го откриваме Горан Алачки, но не како музички виртуоз, туку како човек.

Кој дел од Вашиот јавен лик толку длабоко се преплете со Вашиот приватен живот, што денес е невозможно да се повлече јасна граница меѓу уметникот и човекот? И како тоа преплетување влијаеше врз Вашата потреба за мир кога сте далеку од очите на јавноста?

– Тоа е музиката и хармониката! Тоа е тој лик за јавноста што е преплетен со приватниот Горан Алачки и ја избриша границата меѓу уметникот и човекот. Уметноста има потреба од јавност. Тоа што го создал уметникот ќе остане ништо ако не се сподели со другите – со јавноста и со публиката. Всушност, јавноста е таа што го вреднува, мери и одобрува она што го открива уметникот. Таа корелација ја прави уметноста целисходна. А мирот, мирот доаѓа како насушна потреба во паузата меѓу две откривања.

Горан Алачки/Фото: Приватна архива

Дали некогаш сте се почувствувале како заробеник на сопствениот талент? Има ли дел од Вас што сонувал да биде нешто сосема друго, но останал во сенка на она што светот очекувал да бидете?

– Никогаш не сум се почувствувал како заробеник на својот талент. Напротив, музиката секогаш била мојата најголема слобода. Точно е дека понекогаш носи големи очекувања од јавноста, но и од самиот себе… Но тоа е дел од секој повик што се работи со љубов. Секако дека во животот сум се прашувал како би изгледал ако тргнев по друг пат. Можеби ќе се посветев на нешто сосема различно, но искрено не верувам дека ќе бев посреќен. Музиката не е само професија, таа е мој начин на живот и поглед на светот. Таа е мој јазик за комуницирање. Она што светот го очекува од мене никогаш не ми било поважно од тоа – да останам свој. Затоа и денес со истиот жар музицирам и создавам. Не чувствувам дека живеам во сенка на туѓите очекувања, туку во светлината на сопствениот избор.

Што времето Ви „изгриза“ од карактерот, од она што мислевте дека сте? И што остана или дојде на тоа испразнето место?

– Не мислам дека времето ми одзело нешто суштинско, туку ме научило што не вреди да носам со себе како товар. Низ годините научив дека најголема мудрост е да ги прифатиш нештата такви какви што се и дека некои нешта не зависат од нас. Наместо тоа, дојдоа мирот, спокојството, благодарноста и комоцијата во сопствената кожа, а тоа е скапоцено!

Што научивте за простувањето – кон другите, но пред сè, кон себеси? Каде е границата меѓу простувањето и заборавањето?

– Сум научил да простувам – не како подарок за оној на кого му простувам, туку како ослободување што си го подарувам себеси. Знам дека мојот мир во душата вреди повеќе од непростувањето. Мислам дека е тоа најголемата и најблагородната победа што можеме да ја извојуваме над самите себе.

Горан Алачки/Фото: Приватна архива

Кој Ваш неуспех во животот би го повториле повторно, затоа што Ве научил нешто што никој друг успех не успеал да Ве научи?

– Неуспехот никогаш не сум го доживувал како крај на нешто, туку како лекција. Некои ситни мигови на неуспех ме научиле на трпение, истрајност и доверба кон себеси. Неуспесите го градат карактерот. Затоа се вели – човек се учи додека е жив!

Кој човек што сте го изгубиле, денес Ве учи повеќе отколку кога беше жив? И кој разговор со него сè уште не сте го завршиле?

– Несомнено, мојот татко Благој Алачки. За големината и човечката грамада на тој лик, кој мене ми беше татко, останаа многу недоречени зборови. За него, во суперлативи сè уште зборуваат луѓето што го паметат. Многу наши разговори останаа незавршени затоа што овој свет го напушти прерано. Беше полн со љубов и животни мудрости чие значење го откривам секој ден, сè повеќе.

Како се менува дефиницијата за „среќа“ кога ќе ја преминете линијата на зрелоста? Што Ве правеше среќен на 20, 30 години, а што Ве прави среќен денес?

– Во овие зрели години, среќата за мене повеќе не се мери со награди, признанија и аплаузи. Среќа ми е кога ќе се разбудам со мир во душата покрај мојата Марина, кога сум со луѓето што ги сакам. Патем, да создавам музика што ќе остане и после мене… Тоа е за мене дефиницијата за среќа – каква што јас ја разбирам.

Горан Алачки и Марина/Фото: Приватна архива

Во што се надевате кога знаете дека надежта е ирационална? Дали токму таа ирационална надеж е она што нè прави луѓе?

– И кога надежта е ирационална, јас не престанувам да верувам во добрите луѓе и во силата на убавата музика. Надежта не секогаш се темели на логиката. Таа нè држи исправени кога разумот нема одговор. Додека можам да создавам музика што остава траги – кај мене има и надеж!

Која е онаа работа што никој никогаш не може да Ви ја одземе, без разлика што ќе се случи? И колку Ве чинеше да ја пронајдете?

– Никој не може да ми го одземе знаењето и искуството што сум го стекнал и музиката што сум ја создал. Мојот опус брои повеќе од 500 композиции. Тоа не се купува, не се наследува и не може да се одземе.

Што е она највредно што сакате да им го оставите на своите блиски, а нема никаква врска со уметноста или кариерата?

– На моите најблиски не сакам да им оставам само материјални добра, туку и некаков свој личен пример како да се живее чесно и достоинствено. Би сакал да се паметат вредностите на доброто, дека и покрај сè, човекот може да остане човек ако е создаден од такво ткаење на својата душа.

Кој е Вашиот внатрешен компас што не Ви дозволува да се изгубите дури и кога ќе Ви свртат грб?

– Мојот компас е мојата совест! Таа ми дава правец каде е север, каде е југ, каде е доброто, а каде лошото. И како човек и како уметник сум научил да ја чувствувам и да ја препознаам енергијата на луѓето, зашто и самиот како лик од сцената, по сите овие години сум научил енергетски да комуницирам со луѓето, со публиката од сите континенти. Тоа се мигови кога емитирајќи ја својата енергија преку музиката, истовремено ја апсорбирате и емоцијата од другата страна, од публиката. Така го мерите и квалитетот на своето дело.

Кога последен пат молчењето меѓу двајца луѓе беше почесно или подлабоко од кој било збор? И што научивте за себе во таа тишина?

– Понекогаш молчите со некого со кого немате што да кажете, а со некого можеш да молчиш и истовремено сè да си кажеш без зборови. И молкот има свој звук и може да биде музика. Може да е молски (тажен), или дурски (среќен). Зависи со кого си молчите…

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот