Тикток Фарлендс - Фото: Принтскрин/ Тиктотк

ВИДЕО | Тие што знаат, се вознемирени – „Би-би-си“ го разоткрива скриениот, морничав агол на Тикток

Зад милионите видеа што секојдневно им се прикажуваат на корисниците на една од најпопуларните друштвени мрежи во светот, Тикток, наводно постои скриен дигитален простор кој ретко кој го гледа. Тикток алгоритмот вообичаено нема да ви го прикаже, тој скриен агол исполнет со чудни, вознемирувачки и дури и морничави видеа. Можно е сето тоа да е само мит, или пак навестување на иднината на интернетот, пишува „Би-би-си“.

Се раскажува дека ако останете будни предоцна, скролајќи со часови додека не ги потрошите вообичаените препораки на Тикток, може на кратко да добиете увид во овој чуден простор. Но корисниците тврдат дека постои начин да се оди уште подлабоко.

Со вистинските „трикови“, можно е да се стигне до овој необичен дигитален простор, кој е многу почуден, потемен и поизобличен од вообичаениот тек што алгоритмот го прикажува. Тој е познат како „Тикток Фарлендс“ (TikTok Farlands) или „Далечните предели на Тикток“ – мистериозен агол на мрежата каде што, според нив, завршуваат видеата што не се вклопуваат во вообичаените правила на платформата.

Најдобар начин да се стигне до тоа, очигледно, е да се додаде низа случајни броеви и букви што друг корисник ги објавил во коментарите на видеото.

„Не можете да стигнете таму само преку алгоритамски препораки – ви треба човек да ве покани“, вели Ајдан Вокер, новинар за интернет култура и истражувач на мемиња, во објава на оваа тема.

@aidanetcetera #farlands ♬ original sound – Aidan Walker

Што се „Далечните предели на Тикток“?

Во последните месеци се појавија бројни дискусии за „Фарлендс“, кои ги спојуваат теориите на заговор и интернет-урбаните легенди со сериозни разговори за моќта на социјалните мрежи.

Корисниците откриле начини да го „хакираат“ алгоритмот на Тикток за да прикажува видеа за кои сметаат дека платформата не сака да ги покаже. Ова не е само мем-тренд, туку и вид дигитално движење. Луѓето се обидуваат да се спротивстават на системот и да ги поместат границите на тоа што им се прикажува.

Во свет полн со вештачки содржини и бесмислено скролање, некои дури велат дека ова им дава поголем оптимизам за иднината на интернетот.

Потонување во „дупката“

Името „Фарлендс“ потекнува од позната стара грешка во видеоиграта „Мајнкрафт“. Во раните верзии на играта, ако играчот патуваше предалеку, се појавуваше грешка што создаваше искривени и хаотични пејзажи полни со тунели и необични структури.

„Фарлендс во ‘Мајнкрафт’ беа работ на светот. Доколку стигнете таму, буквално доаѓате до крајот и не можете да одите понатаму“, објаснува Џесика Медокс, вонредна професорка по медиумски студии на Универзитетот во Џорџија, која се занимава со социјални медиуми.

„Тикток Фарлендс“ функционира на сличен начин. „Тоа е крајот на интернетот, местото каде што работите стануваат чудни. Го напуштате мејнстримот и свртувате во погрешна насока.“

Со помош на коментари оставени под објавите на Ејдан Вокер, истражувачот, авторот на текстот пробал да следи случајни низи од знаци во „празнината“. Откако внел код во пребарувачот, резултатите биле многу различни од вообичаеното искуство на Тикток.

На екранот се појавиле вознемирувачки фигури создадени со вештачка интелигенција, искривени лица со пикселизирана изобличеност, како и сцени со чудни суштества поврзани со кабли, додека тинејџер гледа со гејмпад во рацете.

Голем дел од ваквите содржини биле премногу вознемирувачки за да бидат директно објавени. (И има препорака да не се бараат самостојно.)

Дури и самите кодови – комбинации од букви и бројки – остануваат мистерија. Некои корисници ги користат за да ги означат своите видеа и да ги споделат. Други тврдат дека ги пронашле случајно, со „слепо“ пишување на тастатурата.

Понекогаш истите кодови даваат различни резултати кај различни корисници, што дополнително ја прави ситуацијата нејасна, бидејќи алгоритмот на Тикток не е транспарентен.

Бунт против алгоритмите

Според Вокер, суштината на феноменот е во намерното „надминување“ на платформата.

„Тоа е дел од возбудата. Го користиш Тикток на начин за кој не е наменет“, вели тој. „Ти си надвор од нормалниот Тикток, на граница каде што никој точно не знае што се случува.“

Во коментарите под ваквите видеа често се гледаат пораки како „САКАМ ДА ОСТАНАМ ВО ФАРЛЕНДС“, повторувани во долги низи. Некои корисници веруваат дека ваквото однесување може да влијае врз алгоритмот и да им прикажува слична содржина. Дали тоа навистина функционира – останува нејасно.

Платформата Тикток не дала официјален одговор на овие тврдења.

„Луѓето се обидуваат да ја вратат контролата врз своите фидови и онлајн искуства“, вели Медокс. „Тоа е реакција на заморот од алгоритмите и нивното влијание врз тоа што гледаме.“

„Интернетот е премногу преплавен со содржини. На некој начин, ‘Фарлендс’ претставува надеж дека можеби сте го нашле крајот и конечно можете да застанете.“

Старото станува ново

Идејата за „крајот на интернетот“ е парадоксална.

Целта на пронаоѓање на „Фарлендс“ е откривање тешко достапни видеа. Некои се навистина чудни и создадени од луѓе кои не се грижат за правилата на социјалните мрежи. Други се намерно уметнички или провокативни.

Но дел од овие видеа веќе имаат милиони прегледи, што го доведува во прашање нивниот статус на „скриена содржина“. Со растот на популарноста, некои корисници почнале да создаваат видеа специјално за овој тренд.

Според дел од корисниците, вистинските „Фарлендс“ видеа немаат ознаки, наслови или хаштагови, и до нив може да се дојде само преку упорност и случајност.

Трендот вклучува мешавина од различни интернет-стилови: од стари морничави интернет-легенди (крипипаста), до „длабоко пржена“ естетика на видеа со силно искривени филтри, како и поранешни дискусии за „Дипток“ во 2019 и 2020 година.

„Тоа е мешавина од различни делови од историјата на интернетот – нешто што е чудно и малку морничаво“, вели Вокер.

Ново значење во дигиталната култура

И покрај тоа, се појавува и нов слој на значење. Дел од содржините што се поврзуваат со „Фарлендс“ изгледаат како критика на самите социјални мрежи.

Некои креатори прават видеа што почнуваат како обични рецензии или содржини, но постепено се „распаѓаат“ во визуелно искривени, хорор-слични сцени.

Други создаваат видеа што повеќе наликуваат на дигитална уметност отколку на класична содржина на социјални мрежи.

Вокер смета дека феноменот веќе не е маргинален.

„Веќе е дел од мејнстримот. Дел од луѓето веќе го консумираат редовно“, вели тој.

Сепак, суштината останува истата – обид да се тестираат границите на алгоритмот.

„Тој го крши правилото на тоа што треба да биде ‘добра содржина’“, вели Медокс. „Секоја платформа има што сака да прикажува. ‘Фарлендс’ оди против тоа.“

И покрај тоа, останува фактот дека повеќе време поминато таму значи и поголема ангажираност – што е токму целта на платформите.

Феноменот е дел од поширок тренд: враќање на едноставни телефони, аналогна технологија и растечка критика кон вештачката интелигенција. Можно е да е само краток интернет-експеримент, но можно е и да најавува нешто поголемо за иднината на дигиталниот простор.

Што е „чиа предизвик“? Новиот тикток тренд може да биде многу опасен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот