НАСА - Фото: Инстаграм/НАСА

НАСА започнува спасувачка мисија — испраќа робот да фати телескоп од 1,4 тони пред да падне кон Земјата

Американската вселенска агенција НАСА планира во вторник да започне мисија за спасување на вселенскиот телескоп „Свифт“, кој брзо губи надморска височина поради зголемената сончева активност.

Операцијата за спасување, вредна 30 милиони долари, ќе започне со лансирање на роботизирано вселенско летало кое ќе се обиде да го подигне телескопот „Свифт“ во повисока орбита и да му овозможи да продолжи со научните истражувања, пренесуваат „АП“.

НАСА ја ангажираше стартап компанијата „Каталист спејс технолоџис“ за спроведување на мисијата, чие автономно вселенско летало „Лифт“, опремено со три роботски раце, ќе биде лансирано со ракета „Пегаз“ од авион над Маршалските Острови во Пацификот.

Според планот на мисијата, на вселенското летало ќе му треба околу еден месец за да го стигне и да го фати телескопот, а потоа уште неколку месеци за да ја подигне својата орбита од сегашните 360 на околу 600 километри.

Доколку операцијата е успешна, „Свифт“ повторно би бил во функција во септември.

Вселенскиот брод „Лифт“, со големина на мал фрижидер, има соларни крилја со распон од 12 метри и три роботски раце со држачи што ќе овозможат телескопот да биде прифатен, иако никогаш не бил дизајниран да се сервисира.

Мисијата би можела да послужи како модел за спасување на други вселенски опсерватории, вклучувајќи го и телескопот „Хабл“, кој исто така постепено губи висина поради зголемената сончева активност.

Телескопот „Свифт“, лансиран во 2004 година за набљудување на гама зраци и друго моќно космичко зрачење, брзо губи висина во последните години поради зголемената сончева активност. За мисијата да биде успешна, потребно е телескопот да остане над висина од 300 километри, додека се проценува дека без интервенција би можел да ја достигне таа критична граница веќе во октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот