Почина Марјан Јованов – Мане, поранешен претседател на Одбојкарската федерација на Македонија
На 58-годишна возраст во Скопје почина поранешниот претседател на Одбојкарската федерација на Македонија, Марјан Јованов – Мане.
Препорачано
Марјан Јованов беше претседател на Одбојкарската федерација на Македонија во периодот од 2007 до 2009 година. Во неговиот мандат беа поставени темелите врз кои подоцна се изградија најголемите успеси на машката сениорска репрезентација на Македонија на меѓународната сцена. Токму во тој период започна создавањето на репрезентација која го направи првиот голем исчекор, со бараж-натпреварот против Чешка за пласман на Европското првенство во 2009 година.
Поради професионалните обврски, по две години на чело на Федерацијата се повлече од функцијата, но зад себе остави јасна визија, стабилна организација и тим на луѓе кои продолжија посветено да работат за развојот на македонската одбојка. Неговиот придонес останува вграден во успесите што македонската репрезентативна одбојка ги достигна во годините што следуваа.
Како искрен спортски вљубеник и долгогодишен спортски работник, Марјан Јованов и по завршувањето на својот мандат остана близок до одбојката, секогаш подготвен да даде поддршка, совет и искрена помош.
Одбојкарската федерација на Македонија изразува искрено сочувство до неговото семејство, роднините, пријателите и сите што имаа чест да го познаваат.
Нека му е вечна слава и благодарност за сè што направи за македонската одбојка.
Погребот ќе се одржи на 30 јуни 2026 година (вторник), со почеток во 11:00 часот, на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.


