Хана Миленковска, театарска режисерка

ИНТЕРВЈУ | Хана Миленковска за претставата „Патот на Баба Јага“: Ограничувањата не ја уништија магијата

Театарската режисерка Хана Миленковска многу искрено и многу длабоко го открива процесот низ кој поминала заедно со целата авторска екипа при создавањето на претставата „Патот на Баба Јага“ во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Театарот за деца и младинци на 24 јуни премиерно ја изведе претставата „Патот на Баба Јага“. Претставата е во режија на Хана Миленковска, според авторскиот текст на Хана Корнети и со музика од Ади Имери. Миленковска, Корнети и Имери, исто така, заедно ги пишуваат текстовите за песните во претставата.

Во претставата играат Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни, со кореографија од Бобан Русески, костимографија од Иван Ивановиќ и сценографија од Кирил Василев.

Режисерката Миленковска го истакнува моментот на праизведба на македонски драмски текст за деца и можноста со авторката Хана Корнети на самата сцена да ја создадат театарската приказна. Идејата и првобитната верзија на текстот Корнети ја имала уште од 2018 година, а сега се појавила ситуација за негово поставување како нејзин прв драмски текст на сцена во режија на Хана Миленковска.

Во Театарот за деца и младинци се одржа праизведбата на текстот „Патот на Баба Јага“ на Хана Корнети, а во твоја режија. Низ каков процес заедно со целата екипа поминавте во текот на правењето на претставата?

– На човечко и уметничко ниво работата на претставата беше впечатливо и интензивно искуство. За жал, тој процес го проследи извесна продукциска немоќ од која успеавме да испливаме и да постигнеме максимум во секој аспект. Ограничувањата не ја уништија магијата, за среќа имав издржлив и отпорен актерски ансамбл кој мечтаеше и градеше со нас до крај. Успеавме да си играме и да го правиме тоа што најдобро знаеме. Крајниот резултат го проследивме без да имаме потреба да се оправдаме поради околностите во кои создаваме, бевме верни на целта и со верба во сработеното.

Меѓу луѓето во нашата професија има тенденција да се идеализира процесот откако ќе се заврши едно дело, од која порано бегав, а сега ја разбирам, затоа што процесот е нашата храна, која потоа ја претвораме во енергија на сцена. Сметам дека сите пораснавме по малку и дека во развој на претстава за деца е добро тоа да се случи. Во овој процес секој од нас имаше своја мала победа и мислам дека тоа влијае врз тоа какво дело создадовме.

Сцена од претставата „Патот на Баба Јага“ во Театарот за деца и младинци во Скопје / Фотографија: Емил Петро

На кој начин двете Хани, авторката и режисерката, се најдовте на иста фреквенција, имајќи предвид дека идејата и самиот текст се појавиле уште во 2018 година?

– Во 2020 година, другата Хана, авторката Хана Корнети, препозна нешто во мојата пракса и прва ми се обрати за соработка, што мислам дека беше одлична одлука. Мене текстот ми се допадна и решив дека ќе го работам еден ден. Оттогаш ние култивиравме еден прекрасен пријателски и професионален однос, кој доведе до тоа да имаме многу лесна и ефикасна соработка.

Кога ѝ кажав дека сакам да одам во насока на некаков хибриден жанр што сака да биде мјузикл, таа храбро се согласи, што само ми потврди дека сме се избрале во вистински момент, ама сме почнале да работиме подоцна од замисленото со причина.

Хана, според мене, е ѕвезда во подем во литературата во регионот, ама и покрај нејзините таленти немаше вишок суета во процесот на доработка и адаптација на делото кој го поминавме заедно пред да почнат пробите. Ме разбра и ми веруваше до крај, што е многу важно за мојата храброст да остане жива до последната проба.

Какво значење за режисерот и за актерската екипа има фактот што авторот на текстот е присутен во процесот на создавање на претставата?

– Во нашиот случај беше многу добра поткрепа присуството на Хана со нас, особено во почетокот на процесот, затоа што можевме во живо да правиме прочит на нејзиниот текст пред неа и да ги следиме нејзините реакции. Иако ѝ е прв драмски текст, имаше апсолутен слух да утврди кога нешто е добро и кога чкрипи, да се согласи кога зборот го запира дејствието и да не се држи грчевито до првите решенија, туку да ги „порасне“ со нас. Тоа ни значеше на сите вклучени во процесот, затоа што се чувствувавме побезбедно да правиме чекори без компромиси.

Колку народното творештво е податливо за ново и современо читање за да биде разбрано и прифатено од младите генерации?

– Пристапот кон народното творештво во оваа претстава беше во насока на инспирација, а не на толкување. Во самиот сценски израз има елементи на магиски обреди, алхемиски симболи, како и звучен пејзаж, кои се збир на повеќе цивилизации. Светот е големо место и со тоа што имаме пристап до информации како генерација на уметници ни отвора нови начини за набљудување на поимот народно творештво.

Осовременувањето на народното творештво во случајов, го гледам како низа назнаки што нѐ потсетуваат на колективното несвесно, а истовремено имаат функција во засилување на потрагата, која е главната мотивација во претставата. Но да, податливо е, кога не е оптоварено со придружни концепти.

Каква порака испраќа претставата што ја поставивте во Театарот за деца и младинци, и кому, всушност, му ја наменивте?

– Овој пат се занимававме со важноста на потрагата по сопствен идентитет и избор. Во сите свои дела се занимавам со прашањето на слободната волја, па и овде некако се провлекува тој концепт. Сметам дека е поважно какви дискусии отвораме отколку тоа каква порака пренесуваме, од причина што времето во кое живееме е густо и преполно со пораки и намери кон децата и младите, а има премалку дијалог. Така што, веројатно пораката е да се влезе во дијалог со детето што ќе стане човек без да му се налага како да се чувствува во врска со себе и светот.

Претставата е наменета за сите на кои им е важно да се прашаат кои се и што сакаат да бидат, а она што би било идеално е да допре до деца од 10 до 14 години, публиката која ја имавме на ум кога го создававме изразот.

Во претставата значајна улога имаат музиката и кореографијата. На кој начин се одвиваше соработката со гитаристот Ади Имери и кореографот Бобан Русески?

– И со Ади и со Бобан работиме веќе неколку години наназад. Ади Имери покрај тоа што е виртуоз во својот домен, е и сериозен уметник и педагог во секоја смисла. Низ работата со него, сите во процесот ги осознаваат своите потенцијали, а тоа во колективна уметност е навистина драгоцено. Тоа е човек што ги разбира моите уметнички каприци како режисер и ги почитува, притоа одржувајќи високи естетски критериуми низ целиот процес. Работата на песните со него ми е секогаш меѓу омилените аспекти во еден процес на работа. Без него ова дело не би било тоа што е.

Бобан е извонреден млад кореограф, кој ненаметливо се впушта во соработка со актерот во согласност со можностите и ограничувањата на секој член. Тоа го прави со голема почит кон колективниот израз и е едно убаво присуство во мракот додека тече пробата. И двајцата се луѓе со одличен вкус и мислам дека затоа избирам да работам со нив повеќепати, меѓу другото.

Какво чувство носи професијата театарски режисер и можноста да се раскажуваат приказни на сцена, и притоа да се соработува со актери, музичари, сценографи, костимографи?

– Јас сум многу среќна со својот избор на професија, иако некогаш се сомневам дека тоа е избор, просто се чувствувам како да морало така. Имав привилегија да растам со театарот и не знам дали можам да одвојам свесна меморија за себе без театар во неа.

Во секој работен ден имам по барем 20 секунди каде што сѐ е совршено. И за тој миг станувам секое утро да го правам одново истото. Театарот е тимски контактен спорт, можноста да дадеш и да земаш секојдневно е прекрасна работа. Работата е сите елементи, сите индивидуални способности, сите релации, па и несогласувања да ги склопиш во едно здраво ткиво кое понатаму низ изведбите треба самото да се регенерира. Сум имала досега среќа или инстинкт, па соработките си ги доживувам како значајни, најчесто.

Во поново време, едно ново ниво на кокреација открив и со уште еден автор, овој пат ликовен уметник и костимограф, Иван Ивановиќ, кој ми докажа дека не треба да се плашам од костимот ако имам кој да го направи тоа најблиску што може до совршенство. Оваа соработка ми ја врати вербата во сопствениот вкус и критериум за визуелен идентитет.

Хана Миленковска: Односот кон јавното, кон системот, кон другиот човек, почнува од односот кон себе

Во пошироката слика, како театарот може да влијае врз чувствата, емоциите, однесувањето, па и воспитувањето и културата на публиката?

– Уметноста има функција, дури и кога е направена без идеја за функцијата. Впросторувањето и расклопувањето на големите идеи, како и на секојдневните човечки битки, е функцијата на театарот денес. Театарот, особено театарот за деца, е клучен за комуницирање на концепти како емоционалната писменост, која е предмет што го нема во ниедно училиште и мислам дека оттаму треба да почнеме кога зборуваме за воспитување и култура во поширок поим. Односот кон јавното, кон системот, кон другиот човек, почнува од односот кон себе.

Низ приказни како оваа, ние дебатираме на теми како сочувство, личен избор, однос кон животната средина истовремено „шетајќи“ се низ сите музички жанрови и сето тоа на еден духовит македонски јазик во боите на времето во кое живееме. Навистина сакав преку комплексноста на ова дело да отклучам нови начини на соработка меѓу генерациите и, можеби ете, тоа да биде претстава што децата и родителите ќе ја следат со ист жар.

Своето искуство го калеше на независната сцена. Каков дом пронајде во Театарот за деца и младинци во Скопје?

– Пронајдов дом со многу цврсти темели, затоа што можам слободно да кажам дека имаме извонреден актерски ансамбл и многу работлив и ефикасен технички тим. Меѓутоа на тој дом му недостигаат основни елементи и технички и човечки ресурси што би го направиле дом, достоен за уметничка креација.

Ние сме еден силен тим уметници кој се преправа дека има дом, а си го носиме во нас, туркаме многу „на мускули“ така што разликата во удобноста која институцијата ја нуди наспроти независната сцена во овој случај и не е толку голема. Таа разлика во најголема мера ја балансираат нашите прекрасни инспициенти, техничката екипа, кои располагаат со малку, а прават да се чувствуваме како да сме на подобра позиција од реалната. Она што знам е дека ваквата позиција зема голем данок врз физичкото, менталното и креативното здравје на еден уметник и дека трошиме залихи на сила од утре, за во вакви услови да создаваме денес.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот