Интервју| Во училиште треба да има посебен предмет за финансиска едукација, ризиците се големи – вели Анета Крстевска, главна економистка во Народната банка
Финансиската едукација како дел од формалниот образовен процес – како посебен предмет од задолжителен карактер, наспроти досегашната делумна опфатеност во други предмети од изборен карактер, претставува долгорочна инвестиција во човечкиот капитал. Ваквиот чекор ќе обезбеди идни генерации што ќе знаат да управуваат со своите финансии, да избегнуваат прекумерно задолжување, да се заштитат од финансиските ризици и да носат одржливи финансиски одлуки.
Во современи услови на живеење, финансиската писменост станува неопходност, поради што веќе постојат и редовни мерења на нивото на финансиска писменост на населението. Според последната анкета за мерење на финансиската писменост на возрасните во нашата земја, што ја спроведе Меѓународната мрежа за финансиска едукација при ОЕЦД, во 2019 година, населението оствари резултат од 56 проценти од можните бодови. Ова е блиску до просекот за земјите од Југоисточна Европа. Сепак, се забележува значаен јаз во однос на просечните резултати на земјите од ЕУ каде што процентот е 64, како и во ОЕЦД каде е 65.
Препорачано
– При мерењето се оценуваат финансиските знаења, но исто така и однесувањето (редовно плаќање на сметките, споредба на цените), како и ставовите (краткорочни наспроти долгорочни финансиски цели). Следствено, при мерење на финансиската писменост се оценува способноста за ефикасно управување со личните финансии коешто, меѓу другото, подразбира располагање со знаења и способност за планирање на буџетот, рационално трошење, планирање на финансиските средства за идни потреби, располагање со заштедите за неочекувани ситуации, како и разбирање на основните финансиски концепти за штедење и инвестирање на средствата. Во согласност со наведената оцена за нивото на финансиската писменост на возрасното население кај нас, очигледно постои простор за нејзино подобрување, особено што во услови на брз развој и дигитализација на финансиските услуги, потребата за надградба на финансиските знаења забрзано расте – изјави во интервју за „Слободен печат“ Анета Крстевска, главна економистка во Народната банка со која разговаравме за финансиската писменост на населението, нешто што е многу значајно во денешно време.
Народната банка помага за зголемување на финансиската писменост кај младите. Како се прифатени предавањата, има ли интересни прашања?
– Веќе повеќе години наназад, Народната банка презема активности за подобрување на финансиската писменост на населението од сите возрасни групи, со посебен фокус на младите, кои се во фаза на образование. Предавањата се отворени за сите заинтересирани основни и средни училишта, како и за факултети, преку контакт-адреса и формулар објавени на интернет-страницата на Народната банка. Секоја година по неколку илјади ученици имаат можност да слушнат презентации од областа на парите, функциите на Народната банка, штедењето, платежните услуги, а студентите следат специјализирани предавања од областа на монетарната политика и банкарството. Веруваме дека на овој начин значително го надополнуваме формалното образование на младите со аспекти кои се од огромна важност во практиката. Тимот на Народната банка постојано ги осовременува темите на предавањата, како и формите на едукација, со цел да бидат посоодветни за возраста и интересот на младите генерации, кои, општо земено, се посклони за вклучување во современите дигитални текови. Исто така, покажуваат интерес за дигиталните услуги, вклучително и за крипто-средствата, па сѐ до инвестирањето во хартии од вредност, што значи дека во современи услови на широк пристап до информации преку интернет, треба да се посвети задолжително внимание за соодветно едуцирање на младите и нивно правилно насочување во доменот на користење финансиски услуги.
Во Народната банка има одделение и за поплаки на граѓаните во однос на банките и на штедилниците. Колку би се избегнале овие ситуации доколку финансиската писменост би била на повисоко ниво?
– Дирекцијата за заштита на потрошувачи и финансиска едукација при Народната банка, меѓу другото, разгледува и поплаки од физички лица насочени кон одделни банки. Во последните три години во Народната банка просечно годишно се разгледуваат и одговараат по околу 200 поплаки од физички лица (поголем дел од поплаките се решаваат во директна комуникација помеѓу банките и клиентите). Факт е дека би имало помалку поплаки доколку нивото на финансиска писменост на населението се зголеми. Во оваа насока, тоа што може да се препорача е најнапред разгледување и споредба на каматните стапки и на надоместоците на различни банки за одреден вид услуга и правење соодветен избор, внимателно разгледување на договорите што се склучуваат при користење кредит или друг вид услуга, барање на потребните информации и објаснувања при користење на услугите. Од искуствата со поплаките се согледува дека населението има потреба од дополнителни објаснувања во однос на варијабилните каматни стапки (каматни стапки што се врзани со одредена пазарна каматна стапка), но и во однос на користењето на дигиталните банкарски услуги, кои имаат низа предности, но наметнуваат и потреба од заштита од ризици. Со цел подобра информираност, на интернет-страницата на Народната банка се поставени апликации за споредба на основните услови за кредитите и депозитите на банките, како и за споредба на надоместоците за платежни услуги на банките, што овозможува информирање на брз и едноставен начин. Истовремено, Народната банка работи и на зајакнување на регулативата за работењето на банките. Имено, со новите одлуки на Народната банка за заштита на потрошувачите од минатата година, банките се должни да имаат фер и транспарентен однос кон клиентите и обврска за обезбедување на сите потребни објаснувања и информации околу нивните услуги.
Кои се критичните точки на финансиската писменост кај населението?
– За подобрување на финансиската писменост кај населението неопходни се напори како од финансиските регулатори, така и од приватниот и граѓанскиот сектор. Во оваа насока, Народната банка, заедно со другите финансиските регулатори, ја изработи првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија во 2021 година. Стратегијата овозможи зајакната координација и соработка помеѓу финансиските регулатори, приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија, како и систематски пристап на сите вклучени субјекти заради зајакнување на финансиската писменост, финансиската инклузија и обезбедување соодветна заштита на потрошувачите. Во изминатите години бележиме зголемена активност на приватните субјекти и нивна вклученост во различни едукативни иницијативи за населението. Напоредно, зајакнува и регулаторната рамка со која се обезбедува подобра информираност за финансиските услуги, како и заштита на потрошувачите во финансискиот систем.
Дали образовниот систем треба да посвети поголемо внимание на едукацијата на младите? Денес веќе имаме различни инвестициски фондови, платформи за инвестирање, развиен свет на електронски финансии….
– Современото општество се соочува со клучен предизвик за унапредување на финансиската инклузија, при што посебно внимание треба да се посвети на финансиската едукација и на нејзиното соодветно интегрирање во формалниот образовен систем, како би се обезбедила целосна опфатеност на младите. Во согласност со предвидената заложба во Стратегијата за натамошни активности за изучување на финансиската едукација во образовниот процес, во изминатиот период Народната банка беше во редовна комуникација и соработка со Бирото за развој на образование во однос на ова прашање. Веќе е започнат процесот на ревизија на Стратегијата, со цел да се подготви нова, унапредена стратегија, што ќе ги надгради резултатите од изминатиот петгодишен период, вклучително и во однос на оваа активност. Финансиската едукација како дел од формалниот образовен процес (како посебен предмет од задолжителен карактер, наспроти досегашната делумна опфатеност во други предмети од изборен карактер), всушност претставува долгорочна инвестиција во човечкиот капитал. Ваквиот чекор ќе обезбеди идни генерации што ќе знаат да управуваат со своите финансии, да избегнуваат прекумерно задолжување, да се заштитат од финансиските ризици и да носат одржливи финансиски одлуки. За ова, потребен е заеднички напор – на финансиските регулатори и на образовните институции.
Две третини од 15-годишниците веќе користат финансиски производи
Според статистичките податоци на ОЕЦД, младите во денешно време сè порано стануваат корисници на финансиски услуги – истражувањата покажуваат дека повеќе од две третини од 15-годишниците веќе користат финансиски производи, како платежни сметки или платежни картички. Според едно истражување, околу една третина (31 проценти) од младите на возраст од 18 до 21 година во Обединетото Кралство се потпираат на извори на интернет, вклучително на инфлуенсери на социјалните мрежи, за насоки и информации во областа на финансиите, од кои 25 проценти се потпираат главно на Тикток. Во услови кога потребата за финансиска едукација е сè поголема, а младите се постојано присутни на социјалните мрежи, вклучително и за финансиски совети, очигледно е дека динамичните промени во финансискиот систем мора да бидат следени со соодветни промени во образовниот систем, нагласува Крстевска.


