Мицкоски: Раст на патничкиот сообраќај, нови авиолинии и можна корекција на цените на горивата
Продолжува политиката на субвенционирање и отворање нови авиолинии, а во изминатите две години се отворени неколку десетици нови линии. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека како резултат на оваа политика се очекува бројот на превезени патници годинава да достигне 3,5 милиони.
Препорачано
Тој посочи дека аеродромите веќе бележат двоцифрен раст на патничкиот сообраќај, при што скопскиот аеродром во одреден период имал зголемување и до околу 30 проценти во споредба со истиот период лани.
Во однос на можноста за продолжување на сезонските линии на „Виз ер“ кон Сардинија и Сицилија, Мицкоски нагласи дека државата ќе продолжи да поддржува дестинации за кои постои интерес, со цел подобро поврзување на граѓаните со европските и светските дестинации. Според него, целта е Македонија да прерасне во регионален авијациски хаб.
Тој се осврна и на енергетската состојба, посочувајќи дека во услови на глобална криза земјата успеала да обезбедува снабдување со керозин и за некои регионални аеродроми.
Во делот на цените на горивата, премиерот изјави дека не очекува поголеми промени во однос на претходната недела, со можност за мало нивелирање од околу половина денар кај безоловниот бензин и дизелот. Тој додаде дека Македонија останува меѓу земјите со пониски цени на горивата.
Мицкоски најави и дека во иднина ќе биде потребна промена на акцизната политика, бидејќи, како што рече, во моментов дизелот е поевтин од безоловниот бензин, што не е вообичаена пракса во споредба со соседните земји. Според него, по стабилизирање на состојбите, ќе се размислува за нивелирање на акцизите меѓу различните видови горива.


