Притвор за мажот што си ја уби сопругата, па „му се сони“ каде е оставена во шумата
Скопскиот Кривичен суд го прифати предлогот и определи 30-дневен притвор против С.Г. осомничен за кривично дело убиство при вршење семејно насилство. Предлогот е прифатен заради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело.
Препорачано
Нови морничави и бизарни детали испливaa од истрагата за жената чие безживотно тело во распаѓање беше пронајдено на 25 јуни годинава во шума во околината на селото Летевци а за чие убиство е обвинет нејзиниот сопруг. Токму тој најнапред ја пријавил за исчезната, а после два дена го „пронашол“ нејзиното тело заедно со уште тројца познаници на кои претходно им кажал дека „на сон му дошла сопругата и го повикала да ја спаси“. Сите со возило се упатиле кон локацијата каде го забележале телото на жената која била почината и пријавиле во полиција.
ОЈО Скопје синоќа донесе наредба за истрага против 51-годишниот маж, кој е осомничен за убиство на жената при вршење семејно насилство.
Обвинителството сподели како било извршено кривичното дело.
На 25 јуни, во атарот на селото Летевци, при вршење семејно насилство, тој со умисла ја лишил од живот неговата сопруга. Осомничениот вечерта со автомобил ја зел жената од нејзиното работно место, ја однел во тешко пристапен терен каде физички ја нападнал. Со дел од неговото тело силно ја притиснал на вратот, а истовремено и ги држел затворени устата и носот за да не може да дише. Жртвата пружала отпор и се бранела, но не успеала да се оттргне и се задушила и починала на лице место. Осомничениот го скрил нејзиното тело под гранки помеѓу дрвја, а утредента во полиција пријавил дека неговата сопруга е исчезната. На 27 јуни, на тројца познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената, бидејќи му се појавила во сон и му кажала каде да оди за да ја спаси. Сите со возило се упатиле кон локацијата каде го забележале телото на жената и пријавиле во полиција, велат од ОЈО.


