Владимир Путин / Фото: EPA/SERGEI ILNITSKY

Путин за недостигот на гориво: Има проблеми, но не е критично

Рускиот претседател Владимир Путин призна дека во делови од Русија има проблеми со снабдувањето со гориво, меѓу кои и на анектираниот Крим, по серијата украински напади врз руски рафинерии и друга енергетска инфраструктура. Сепак, тој тврди дека состојбата не е критична и дека руските сили продолжуваат да напредуваат на фронтот, објави Би-би-си.

Путин на вчера одржал состанок со официјални лица за состојбата со горивото, а потоа за руски телевизиски канал изјавил дека во земјата „во моментов се забележува одреден недостиг“ на гориво, но дека тоа „не е критично“.

Тој проблемот го поврза со нападите на украински дронови врз руските рафинерии, наведувајќи дека ударите „очигледно создаваат проблеми“ и дека „има штета“.

Во Севастопол, најголемиот град на полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, поради недостиг на гориво привремено е запрена продажбата. Во други места продажбата е ограничена, а резерви има „за неколку дена“, рече Путин.

Тој најави дека испораките „и по копно и по море“ ќе бидат зголемени, но не прецизираше како ќе се постигне тоа, со оглед на редовните напади врз бродови со гориво, забраната за движење на танкери преку Кримскиот мост и ограничениот капацитет на траектите во Керчкиот Проток.

Путин, сепак, тврди дека низ Русија „сите оштетени енергетски објекти се обновуваат прилично брзо“.

Според рускиот сервис на Би-би-си, гаснењето пожари по украинските напади со дронови врз рафинерии обично трае најмалку еден ден.

За да се реши недостигот на гориво, рече Путин, потребно е „побрзо да се обновуваат рафинериите, да се обезбеди потребниот обем на увоз и сигурно да се покријат“ рафинериите со противвоздушна одбрана.

За тоа, додаде тој, мора да се подобрат системите за противвоздушна одбрана и да се произведуваат во поголем број, а за тоа е потребно време.

Според Путин, нападите врз рускиот енергетски сектор не се само обид да се предизвика криза во снабдувањето со гориво, туку и да се „присили Русија да го запре, барем накратко, напредувањето на нашите трупи и да се создадат услови за почеток на преговори под услови поволни за нашиот противник“.

„Но, тоа нема да се случи“, тврди Путин.

Според него, ударите длабоко на руска територија немаат влијание врз состојбата на фронтот.

На почетокот на јуни, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека засилувањето на украинските напади далеку во руската територија треба да ги поттикне мировните преговори.

Последните директни разговори меѓу руски и украински претставници, со посредство на Соединетите Американски Држави, се одржаа во Женева оваа зима. Тогаш не беше постигната согласност за нова средба.

Во јуни, на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин рече дека има неформални контакти, меѓу другото и преку рускиот бизнисмен Роман Абрамович, кој во мај годинава го посетил Киев.

„Постојат контакти и тие се воспоставени во повеќе правци, по повеќе линии“, одговори Путин на прашањето дали Москва добила нови украински предлози.

Тој додаде дека „има и нови предлози“.

Путин прецизираше дека „новите идеи“ вклучуваат прекин на ударите длабоко на териториите на двете страни и ограничување на непријателствата на „четирите територии“ во Украина — Доњецката, Луганската, Херсонската и Запорошката област, кои Русија ги прогласи за свои во септември 2022 година, иако не ги контролира целосно или ги контролира само делумно.

Рускиот претседател не кажа кога точно Москва ги добила овие предлози, ниту кој ги доставил.

Од неговите изјави, јасно е дека ги смета двата предлога за неповолни за Русија.

Путин вели дека руските удари длабоко на украинска територија се „многу помоќни, почувствителни и, искрено кажано, подеструктивни“.

Тој смета и дека прекин на борбите низ Украина, со исклучок на Донбас, Запорошката и Херсонската област, би ѝ овозможил на украинската војска да прераспореди сили од други региони и „од одредени делови на државната граница“.

„Со оглед на катастрофалниот недостиг на луѓе, украинските вооружени сили очигледно веруваат дека тоа би можело да биде нивно спасување. Но, спасувањето на киевскиот режим не е дел од нашите планови“, изјави Путин.

Тој додаде дека Москва „внимателно го разгледува секој предлог што доаѓа“ од Киев.

Зеленски во последните недели неколкупати јавно предложи лична средба со Путин, меѓу другото и во отворено писмо, но рускиот претседател го отфрли тоа.

„Сè уште не гледам цел“, рече Путин за можноста за таква средба на форумот во Санкт Петербург на почетокот на јуни.

Путин исто така тврди дека руските сили напредуваат во повеќе правци и продолжуваат да заземаат населени места и градови.

„Патем, се наоѓаме на околу 10,5 километри од Суми“, рече тој, зборувајќи за правците во кои напредува руската војска.

Како уште едно подрачје каде, според него, руската армија има успех, Путин го посочи Купјанск.

„Претставниците на киевскиот режим сакаат да се фотографираат пред овој град, а нашата војска е меѓу 2,5 и 4-5 километри од западниот раб на градот. Непријателот веќе изведе низа контранапади, без успех“, рече Путин.

Овие тврдења се спротивни на проценките на експерти и на изјавите на украински воени претставници.

Зеленски на 16 јуни изјави дека Русија „ја изгубила иницијативата на неколку фронта“, дека руските сили годинава безуспешно се обиделе да напредуваат во 12 правци и дека сега се фокусирани само на две или три приоритетни подрачја, каде напредуваат многу бавно и со големи загуби.

Во мај, украинскиот врховен командант Александар Сирски соопшти дека украинската војска ослободила 100 квадратни километри повеќе територија отколку што изгубила тој месец.

Според украинскиот аналитички проект ДипСтејт, руските сили во мај окупирале само 14 квадратни километри украинска територија.

За споредба, Русија во текот на целата 2025 година окупирала приближно 4.300 квадратни километри.

Купјанск, кој го спомена рускиот претседател, долго време е пример за разликата меѓу состојбата на терен и изјавите на високи офицери на руската војска.

Руски генерали повеќепати тврделе дека градот е заземен, но тој и понатаму фактички не е под нивна контрола, што го покажува и изјавата на Путин во ова интервју, наведува рускиот сервис на Би-би-си.

Путин забрани извоз на бензин од Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот