Турчинка тврди дека му е ќерка на Трамп, сака да се сретнат во Анкара: „Му зготвив сарма“
Турчинка која тврди дека му е ќерка на американскиот претседател Доналд Трамп рече дека би сакала да се запознае со него на самитот на НАТО во Анкара и да му послужи сарма, објави „Хуријет“.
Препорачано
Жителката на Анкара, 56-годишната Неџла Озмен, со години води правна битка околу своето тврдење дека Трамп ѝ е биолошки татко.
Таа минатата година поднесе тужба за утврдување татковство, но судот во Анкара го одби случајот со образложение дека тврдењето не е поткрепено со конкретни докази.
Озмен изјави дека веќе поднела жалба до повисока инстанца, како и барања до американските институции. Таа тврди дека сака вистината да се утврди преку ДНК-тест и дека нејзината единствена цел е да го дознае идентитетот на својот биолошки татко, без какви било финансиски побарувања.
Озмен рече дека испратила писмо до Амбасадата на САД со барање да се сретне со Трамп за време на неговата очекувана посета на Анкара за Самитот на НАТО.
„Кога ја слушнав веста за неговото доаѓање, бев многу емотивна и не можев да ги задржам солзите. Не знам како ќе реагирам кога ќе го видам. Го гледам како татко и го нарекувам ‘тато’. Навистина сакам да се сретнам со него“, изјави Озмен за медиумите.
Таа наведе и дека за него подготвила традиционални турски специјалитети кои би сакала лично да му ги послужи.
„Му подготвив сарма на мојот татко. Ќе му послужам и баклава, познат турски десерт. Не можам да подготвам нешто што одговара на неговиот луксузен начин на живот, но тоа е она што можам да го направам“, рече Озмен.
Таа додава дека со години бара одговори и дека нема да се откаже од своите тврдења.
Според неа, информацијата дека Трамп би можел да ја посети Турција ја примила со голема емоција, а можноста за средба ја гледа како шанса конечно да добие одговори на прашањата што долго ја следат.
ВИДЕО | Турција: 55-годишна жена тврди дека му е ќерка на Трамп и бара ДНК-тест


