Почина Сашо Миленковски, едно од најголемите имиња во македонскиот театар
По долго боледување, почина театарскиот режисер Сашо Миленковски, дознава „Слободен печат“ од извори од семејството.
Препорачано
Роден во Битола во 1963 година, Миленковски беше едно од значајните имиња на македонската театарска сцена. Во речиси четири децении професионална работа, остави препознатлив режисерски печат во домашниот театар, но и на сцените во регионот и Европа.
Неговата кариера започна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица, во периодот од 1988 до 1991 година. Миленковски припаѓаше на генерацијата режисери кои во почетокот на 1990-те години внесоа нова енергија и поинаков естетски израз во македонскиот театар.
Во текот на кариерата режираше повеќе од 50 претстави, поставувајќи дела од класични и современи автори, меѓу кои Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет. Посебно значаен беше неговиот придонес во афирмацијата на современата македонска драматургија.
„Балканот не е мртов“ освои четири награди
Една од неговите најзначајни режии беше праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар во 1992 година. Претставата освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и на „Млад отворен театар“.
Со оваа претстава, како и со „Буре барут“, поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде важен придонес во промоцијата на драмското творештво на Дуковски.
Во неговиот опус се вбројуваат и постановките на „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, „Лични огласи“ од Братислав Димитров, како и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје.
Миленковски беше автор и на драмските текстови „Коледе“, „Гејм оувер“, „Деус екс макина“ и „Ова не е американски филм“, кои ги реализираше и како сценски проекти.
Во 1999 година го основа независниот театар „Бабилон“, со што даде значаен придонес и кон развојот на независната театарска сцена.
Беше директор на Македонскиот народен театар
Од 2006 до 2010 година беше директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година работеше како драматург во Драмски театар – Скопје, каде што учествуваше во креирањето на современиот репертоар.
За својата работа Миленковски доби повеќе награди и признанија. Двапати беше добитник на наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – за „Гејм оувер“ во Народниот театар во Куманово и за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски во Драмски театар – Скопје.
Негови претстави беа наградувани и на фестивали во регионот, меѓу кои и „Злосторство и казна“ и „Ниш експрес“.
Миленковски зад себе остави богат режисерски, драмски и филмски опус, како и трајно влијание врз македонскиот театар.


