Огнен Стојаноски, ПР на „Пасворд продукција“ / Фотографија: Петар Стојаноски

Разговор со Огнен Стојаноски за организирањето на „Д-Фестивал“ во Штип: Градиме град во градот

Екипата на „Пасворд продукција“ од 26 до 28 јуни има полни раце работа околу организацијата на „Д-Фестивал“ во Штип, но нивниот гласноговорник Огнен Стојаноски најде време и за читателите на „Културен печат“.

Единствениот мултимедијален фестивал, каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во уникатно доживување, и годинава се одржува во Штип. Во три дена на пет бини на „Д-Фестивал“ во Штип ќе настапат повеќе од 80 музички артисти. Годинава се поставени и камп и „Плоштарт“ со целодневни активности. Организацијата на настан од овој тип е долготраен и сложен процес, но најважно е да има разбирање помеѓу организаторите и домаќините.

Веќе втора година „Д-Фестивал“ се одржува во Штип. Како ве прифатија домаќините во Штип?

– Штип како докажан музички град во Македонија, дом на легендарниот „Дом на млади“ и место каде што пред цел век се има одржано првата опера во Македонија, ги отвори широко своите раце токму онака како што очекувавме. Тоа е неопходно при организирањето настани од ваков вид, со цел нивна успешна реализација. Затоа сме исклучително благодарни што штипјани веднаш ја почувствуваа нашата енергија и се впуштија заедно со нас во организирање на овој фестивал и решавање дури и на некои невозможни барања, народски кажано кога бараме од пиле млеко.

Кои новитети во организацијата ги внесовте годинава?

– Секоја година си носи нови предизвици, а оваа најголемиот предизвик се викаше проширување на фестивалот со новиот камп-простор. Организацијата на еден ваков фестивал, кој е фестивал во вистинска смисла на зборот, со многу активности надвор од музичките, како дебати, базар на рачни изработки, заедничко гледање Светско првенство, театар, ликовни уметности, работилници, учества на невладини организации, во целост 72 часа постојани активности значи дека тие три дена, всушност, градиме град во градот. Тоа носи низа логистички предизвици, како безбедноста, оградување на просторот, струја, вода, заштита од временски услови… Креативниот дел се прави во од со овие логистички играрии, па тоа секогаш ја прави работата интересна и предизвикувачка.

Со цел да биде успешна нашата замисла, поминавме многу време размислувајќи и чувствувајќи како функционира просторот каде што ќе биде фестивал, затоа што целта на фестивалот никако не е да го наруши просторот, туку во тие три дена да им ги открие тајните на локацијата кои, можеби, и самите жители таму не ги знаеле дотогаш.

Во текот на три дена на пет бини во Штип ќе настапат повеќе од 80 музички артисти

Каква стратегија применувате при промоцијата на фестивал со толку многу активности и концерти во текот на трите дена?

– Секоја година имаме слатки маки да ги претставиме сите уметници и активности што се дел од фестивалот, од проста причина што нивниот број е огромен и тешко е на сите да им го посветиш она внимание кое го заслужуваат. Комбинацијата на светски и балкански музички ѕвезди, најголемите локални имиња и нови уметници тукушто на почетокот на нивната кариера е некогаш комплицирана за човек од далеку да ја разбере динамиката на фестивалот. Затоа, ние секогаш ги покануваме сите, од 1 до 111 години да го посетат фестивалот, а посетителите секогаш се уверуваат дека тие 72 часа не им се доволни за да ги видат сите активности на фестивалот. Фестивалот го градиме со идејата да прикажеме како ние сакаме да го гледаме нашето општество секој ден, слободно, сложно и среќно. И успеваме!

Зошто е важно да се присуствува на фестивал од овој формат?

– Како сублимат на сѐ погоре кажано, овие фестивали често им нудат на луѓето токму она што им треба. На младите посетители им даваат важна животна лекција и допир до неформална едукација, искуства на запознавање и дружење, на повозрасните барем три дена да побегнат од секојдневните грижи и да се видат со оние пријатели со кои секојпат оставаат за следната недела или да се уверат дека и кога си повозрасен можеш да запознаеш нови пријатели. А на сите заедно, надеж дека заедништвото е она што ќе нè движи напред.

Како лично влезе во приказната со „Пасворд продукција“?

– Случајно, збунето и неочекувано. A сепак, многу природно. Долгогодишното присуство и волонтирање на што е можно повеќе културни настани – од ликовни изложби, низ театарски и филмски до музички фестивали ми отвори врати одблизу да се запознаам со оние луѓе што од зад сцената се грижат за сè да помине глатко.

Тоа ми беше само пасија и никогаш не помислив на можноста да ми стане и професија. Можноста се појави за време на пандемијата и оттогаш сум подлабоко во овој наш мал „циркус“ наречен македонска култура.

Како однатре го чувствувате значењето на тоа што го правите со „Пасворд продукција“?

– Културата е корен на општеството. Тоа не е некоја произволна реченица, туку максима по која се воделе одамна нашите предци. Во секое село и град, играме и пееме и кога славиме и кога тажиме. Да се грижиме за културата е обврска на сите нас, особено во услови кога чувствуваме дека таа е во криза. Културата е таен премин до душата, тоа го чувствуваме сите, секогаш кога ќе ја пуштиме својата омилена песна, зар не?

Затоа, она што „Пасворд продукција“ го прави веќе 30 години го сметаме за исклучително важно, промоција на светската култура во Македонија, но и силна поддршка на македонската култура да биде препознаена дома и надвор. Тоа е долготраен процес и ние не сопираме.

Горди сме што веќе 16 години го организираме единствениот фестивал од ваков тип во Македонија – „Д-Фестивал“, 28 години најстариот зимски фестивал во Југоисточна Европа – „Таксират фестивал“ и веќе 13 години ПИН-Конференцијата, која е настан на кој ни гостуваат над 500 музички професионалци и над 50 артисти од 20 држави.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот