Profimedia

Пишува едно, во саламата ставено друго- АХВ откри отстапувања кај месните производи

Анализите покажале отстапувања во процентот на вода, протеини и масти, како и неправилности во информациите што задолжително треба да бидат наведени на декларацијата согласно Законот за безбедност на храната и Правилникот за информации поврзани со храната.

По анализите на млечните производи, контролите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се проширија и во месната индустрија. Првичните резултати покажуваат отстапувања во квалитетот и декларирањето на дел од производите. Директорот на АХВ Оливер Миланов за „Слободен печат“ вели дека лабораториските испитувања откриле разлики меѓу декларираниот и реалниот состав кај повеќе примероци, а институцијата најавува дека по завршувањето на постапките јавноста ќе биде детално информирана.

Во рамките на контролите биле земени вкупно 46 примероци од производи и подготовки од месо. Анализите покажале отстапувања во процентот на вода, протеини и масти, како и неправилности во информациите што задолжително треба да бидат наведени на декларацијата согласно Законот за безбедност на храната и Правилникот за информации поврзани со храната.

– Наведените отстапувања во квалитетот се однесуваат на Правилникот за барањата во однос на квалитетот на мелено месо, подготовки од месо и производи од месо. Очекуваме финализирање на постапките и соодветно информирање на јавноста – вели Миланов.

Според него, инспекциските контроли покажуваат дека проблемот не е ограничен само на млечната индустрија. Кај значителен број месни производи се утврдени разлики меѓу декларираниот и реалниот состав, како и недостатоци во означувањето на производите. Дополнително, претходните анализи покажуваат дека вакви случаи биле откривани и во изминатите години. Кај одредени месни производи било утврдено присуство на ДНК од друг вид месо од оној што бил наведен на декларацијата, како и други отстапувања во квалитетот, што отвора сомнежи за несоодветно декларирање.

Од АХВ посочуваат дека инспекциските контроли редовно откриваат случаи на месо и производи со поминат рок, производи без декларација или со неправилно означување. Иако секој случај не значи намерна измама, ваквите прекршоци се регистрираат и санкционираат речиси секоја година.

Детално се контролира увозот

Голем дел од контролите се однесуваат и на увезеното месо. Според Миланов, секоја пратка што влегува во државата минува низ повеќеслојна контрола.
Најпрво се проверува целокупната документација, односно ветеринарно-здравствените сертификати, потеклото на месото и дозволите за увоз. Потоа следува гранична ветеринарна инспекција на инспекциските пунктови, каде што се контролира дали пратката ги исполнува сите законски услови.
Инспекторите вршат и физички преглед на месото, при што се проверуваат условите за транспорт, температурата и ознаките на производите. Доколку е потребно, се прават и лабораториски анализи за присуство на патогени микроорганизми, остатоци од ветеринарни лекови, забранети супстанции или заразни болести. За одредени пратки свинско месо, на пример, задолжително се спроведуваат тестирања за африканска свинска чума.

– Контролите не завршуваат на граница. Официјалните ветеринари продолжуваат со инспекции и кај увозниците, каде што земаат мостри од производите што веќе се пуштени во промет – вели Миланов.

Доколку се утврди дека месото не ги исполнува законските стандарди за безбедност, пратката не смее да стигне до потрошувачите.

– Таа може да биде вратена во земјата на потекло или целосно уништена. Најчестите причини за забрана на увоз се невалидни сертификати, месо од неодобрени производствени капацитети, несоодветна температура при транспортот, ризик од заразни болести како африканска свинска чума или птичји грип, како и присуство на бактерии или недозволени супстанции – вели директорот на АХВ.

Во текот на минатата година биле санкционирани шест оператори од месната индустрија. Изречена е и една привремена забрана за работа со решение, додека во другите случаи биле издадени глоби поради несоодветно означување на производите.
Според директорот на АХВ, постојат индикации дека дел од операторите ги повторуваат истите или слични прекршоци. Токму затоа институцијата размислува за законски измени што би предвиделе значително построги санкции.

– Се разгледуваат измени според кои на оператор што ќе биде фатен еднаш или повеќепати во манипулација со потрошувачите, може привремено да му се одземе дозволата за работа до три години – најавува Миланов.

Со ваквите измени АХВ сака да прати јасна порака дека неточното декларирање, манипулациите со составот на храната и доведувањето на потрошувачите во заблуда, нема да бидат толерирани. Финалните резултати од актуелните анализи на сувомесните производи се очекува да бидат објавени по завршувањето на сите законски постапки.

Скандал со млечни производи: Не може да се тужи без имиња на млекарниците што продавале сирење без млеко

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот