Оливер Миланов, Директор на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Миланов за „Слободен печат“ открива: Зошто имињата на млекарниците не се објавени веднаш и што стои зад одлуката на АХВ?

Во интервју за „Слободен печат“ директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов објаснува дека случајот е откриен преку вонредни инспекциски контроли и лабораториски анализи, кои покажале отстапувања во составот на дел од производите.

Слушај ја веста

Скандалот со несоодветно декларирање на млечните производи отвори сериозни прашања за контролата на храната, точноста на декларациите и заштитата на потрошувачите. Во интервју за „Слободен печат“ Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, објаснува дека случајот е откриен преку вонредни инспекциски контроли и лабораториски анализи, кои покажале отстапувања во составот на дел од производите. Тој нагласува дека станува збор за поширок проблем во практиката на дел од индустријата, но не и за небезбедна храна што директно го загрозува здравјето на граѓаните.

Како беше откриен случајот со несоодветно декларирање на млечните масти во млечните производи?

– Случајот беше откриен како резултат на вонредна и целосно насочена инспекциска акција што ја спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство во март 2026 година. Акцијата беше иницирана со налог од директорот на Агенцијата, со цел да се провери реалната состојба на пазарот во однос на квалитетот и составот на храната, особено кај млечните и месните производи. Во рамките на контролата беа земени 91 примерок од различни категории – сурово млеко, млечни производи и производи од месо, и од домашно производство и од увоз. Лабораториските анализи покажаа дека кај дел од производите постојат значајни отстапувања од она што е наведено на декларацијата. Тоа вклучуваше помал процент на млечни масти од декларираниот, намалена содржина на протеини, како и случаи каде е утврдено недекларирано присуство на вода или растителни масти.

Овие наоди се сериозни затоа што директно влијаат врз довербата на потрошувачите и врз фер конкуренцијата на пазарот, но важно е да се нагласи дека станува збор за неусогласеност во квалитетот и декларирањето, а не за директен ризик по безбедноста на храната.

Оливер Миланов- Директор на АХВ

 Дали станува збор за изолирани случаи или за поширока појава во млечната индустрија?

Она што го покажаа досегашните резултати е дека не може да се зборува за изолиран случај ограничен на еден производител или на една серија производи. Напротив, утврдените отстапувања укажуваат на поширок проблем што се однесува на практиките во дел од индустријата.
Сепак, во овој момент е важно да се биде внимателен со генерализациите. Не постојат доволно елементи за да се тврди дека целата млечна индустрија е засегната.

 Зошто АХВ не ги објави веднаш имињата на производителите кај кои се утврдени неправилности?

– Објавувањето имиња на оператори кај кои се утврдени неправилности, не е едноставна административна одлука, туку строго регулиран правен процес. По добивањето на лабораториските резултати, инспекциските служби изготвуваат официјални записници и решенија, по што започнува процедура во која операторите имаат законско право да се изјаснат за наодите.
Тоа значи дека тие можат да побараат дополнителни анализи, суперанализа или да поднесат жалба. Дури по завршување на овие рокови и по правосилност на одлуките, наодите стануваат конечни и тогаш институцијата може да пристапи кон нивно јавно објавување без ризик од правни последици.

Истовремено, мора да се прави разлика меѓу случаи на несоодветно декларирање и случаи на небезбедна храна. Во овој случај станува збор за квалитативни отстапувања, а не за непосредна опасност по здравјето на граѓаните. Кога постои здравствен ризик, Агенцијата постапува веднаш и без одложување ја информира јавноста.
Затоа по завршување на сите постапки, сите релевантни информации ќе бидат јавно споделени.

 Дали ќе има одземање лиценци за повторени прекршоци?

– Законот за безбедност на храната предвидува јасен систем на прогресивни санкции. Тоа значи дека мерките не се применуваат веднаш во најстрога форма, туку зависат од тежината на прекршокот и од тоа дали истиот оператор ги повторува неправилностите.
Во практика, процесот започнува со наредби за отстранување неправилности и со прекршочни казни. Доколку операторот не постапува или повторно ги прекршува правилата, следуваат построги мерки како повлекување производи од пазарот, привремена забрана за работа или ограничување на дел од производството.
Во најсериозни случаи, кога се утврдува континуирано непочитување на законските услови или повторување на прекршоците, Агенцијата има право да започне постапка за укинување на одобрението или бришење од регистарот.

Како граѓаните да препознаат дали купуваат вистински млечен производ?

Оливер Миланов, Директор на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Граѓаните во практика не можат со голо око да утврдат дали производот целосно одговара на декларираните вредности, бидејќи тоа бара лабораториска анализа. Сепак, постојат неколку важни индикатори на кои може да се внимава.
Најважно е внимателно читање на декларацијата, особено составот. Доколку производот содржи растителни масти, тоа мора јасно да биде наведено. Исто така, називот на производот мора да одговара на неговиот реален состав – производи со замена на млечни масти не смеат да се претставуваат како класични млечни производи.
Дополнително, потрошувачите треба да обрнат внимание на процентите на масти и протеини.

Колку пријави добивате од граѓаните?

– Од почетокот на годината до 16 јуни се евидентирани 480 иницијативи за инспекциски надзор. Тие опфаќаат различни области – од хигиенски услови и сомнежи за безбедност на храна, до проблеми со рокови на употреба и неправилно работење на оператори.
Овој податок покажува дека граѓаните се активни и дека системот за пријавување функционира, иако не се покажува секоја пријава како основана. Дел се одбиваат, дел се препраќаат на други институции, а дел се во тек на обработка.

Како ќе ја вратите довербата на потрошувачите?

– Довербата на потрошувачите не се гради преку еднократни мерки, туку преку континуирана работа, транспарентност и доследна примена на законот. Затоа планираме засилени и ненајавени контроли, поголем број лабораториски анализи и јавно објавување на резултатите во рамките на законските можности. Исто така, ќе се применуваат построги санкции за повторени прекршоци и ќе се инсистира на повлекување од пазарот на сите производи што не ги исполнуваат пропишаните стандарди.

Дали има случаи каде што фирми повеле судски постапки против АХВ?

– Не.

Сирење без млеко, одговорност без име

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот