Валентина Ангеловска

Сирење без млеко, одговорност без име

Ако некоја компанија продавала сирење без млеко или со погрешна декларација, граѓаните имаат право да го знаат нејзиното име. Не од желба за казна, туку од потреба за заштита. Сè друго создава простор за повторување на истите злоупотреби.

Во Македонија може да купите сирење со еден процент млечна маст, а на декларацијата да пишува дваесет. Може да купите млечен производ во кој има палмина маст наместо млеко. Може со месеци да бидете измамувани како потрошувач, без да имате јасен увид каде точно се прекршени правилата и кој стои зад тоа. Но не можете да дознаете кој ве измамил, дури ни кога институциите јавно ќе соопштат дека има неправилности. Никој не ги кажува имињата на оние што го пуштиле таквиот производ на пазарот.

Тогаш која е суштината на скандалот што го откри Aгенција за храна и ветеринарство? Ако има утврдени прекршоци, ако има лабораториски анализи, ако има повлечени производи и изречени казни, тогаш логичното прашање е зошто јавноста останува на половина информирана. Зошто се знае што е направено погрешно, но не и од кого?
Инспекторите утврдија неправилности кај десет оператори. Кај едно ситно сирење, наместо декларираните 20 проценти млечна маст, бил пронајден само еден процент. Кај друг производител било откриено користење палмини масти во производ што се продавал како млечен.

Изречени се казни, уништени се стотици килограми производи, но едно останува недопрено- имињата на виновниците.
И така повторно ја гледаме старата формула која се повторува со години, има прекршок, има записник, има казна, но нема целосна одговорност во јавноста. Сè се случува зад административни ѕидови, како потрошувачот да е само статистика, а не директно засегната страна.

Ако државата навистина ги штити потрошувачите, зошто ги крие оние што ги измамиле? Кога веќе постојат лабораториски резултати, кога постојат санкции и повлечени производи, тогаш зошто јавноста не добива објаснување туку одложување на вистината?
Ако се каже вистината, тоа не е јавен линч, туку за заштита на пазарот и граѓаните. Кога потрошувачот знае кој ја прекршил довербата, тој може да донесе информирана одлука. Кога не знае, ризикот се повторува.
Во вакви случаи, улогата на институциите не е само да казнат, туку и да воспостават јасна линија помеѓу исправно и погрешно однесување.
Дополнителен проблем е што граѓаните остануваат без реална можност за обесштетување. Според предупредувањата на Организација на потрошувачи на Македонија, кога нема јавно објавени имиња, потрошувачите практично не знаат кого да тужат.

Не знаат кој производ точно бил спорен, во кој период се продавал и под кои услови. Формално постои прекршок, но практично нема адреса на одговорноста.
Во таква ситуација, правниот систем станува недоволно достапен. Дури и ако некој потрошувач сака да покрене постапка, товарот е целосно на него: адвокат, вештачења, судски такси и години чекање. Тоа создава систем во кој индивидуалната правда е речиси недостижна, а колективната заштита не постои или е недоволно развиена.

Ако нема имиња на прекршителите, сомнежот се прелева врз целата индустрија. Чесните производители, се ставаат во ист кош со оние што прекршиле.
На тој начин, наместо да се заштити пазарот, се создава амбиент во кој секој производител станува потенцијален осомничен, а секој производ станува сомнителен. Тоа не е регулиран пазар, туку пазар во постојана сенка на сомнеж.
Најголемиот проблем не се уништените килограми производ или висината на изречените казни. Најголемиот проблем е системската порака што се испраќа: граѓанинот има право да знае дека бил измамен, но нема право да знае од кого. Тоа директно ја урива идејата за отчетност.

И ако денес се кријат имињата на млекарниците, утре истата логика може да се примени на месо, вода, лекови или детска храна. Моделот е ист: постои проблем, постои интервенција, но нема целосна јавна транспарентност. Со секое ново прикривање, довербата се намалува, а перцепцијата за институционална слабост се зголемува.

Затоа прашањето не е само техничко или административно. Тоа е прашање на принцип: дали јавниот интерес завршува таму каде што започнува корпоративната заштита, или обратно? Дали потрошувачот е навистина во центарот на системот или само декларативно?
Ако некоја компанија продавала сирење без млеко или со погрешна декларација, граѓаните имаат право да го знаат нејзиното име. Не од желба за казна, туку од потреба за заштита. Сè друго создава простор за повторување на истите злоупотреби.

И додека институциите ги кријат прекршителите зад административни формулации, секој потрошувач останува сам пред рафтот во маркетот со едно прашање: дали купува сирење или купува уште една „државна“ тајна?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот