Снежана Матовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Снежана Матовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

МАМАВИЗИЈА | Матовска: Кога ми соопштија дека Цако има Даунов синдром, се чувствував како да сум гледала лош филм

Во денешната епизода на „Мамавизија“ гостинка ни е хероината Снежана Матовска, мајка на познатиот Александар – Цако, лице со Даунов синдром. Матовска раскажува како се почувствувала во првите моменти кога ѝ соопштиле дека нејзиното дете има дијагноза. Споделува како изгледа животот на една мајка со едно атипично и две типични деца и на кој начин успеала да ја воспостави рамноправноста меѓу нив.

Мајка е на Марија (38), Александар -Цако (35) и Бојан (33). Нејзиниот мајчински пат нема да ве остави рамнодушни.

– Цако имаше само два месеци кога ми соопштија дека анализата од кариотипот е класичен Даунов синдром. Не изреагирав никако посебно. Чинам ни изразот на лицето не го сменив, ниту пак добив некое поинакво чувство. Нешто ми беше познато, но не би рекла дека знаев што значи тоа. Во тоа време поимот Даунов синдром не беше познат за јавноста. Се чувствував по малку виновно како мајка, оти нели детето излегува од твојата утроба – се присетува таа на првите моменти.

Откако докторката ѝ објаснила, заминала со автобус дома. Мајка ѝ го чувала Цако. Било време за доење, но нејзината реакција на шокот пристигнала во тој момент.

– Кога мајка ми ми го подаде син ми да го земам, јас вреснав и почнав да викам: „Тргни ми го, не го сакам“. Мајка ми се изненади и ми рече дека таа ќе си го земе. Никогаш нема да заборавам каква шлаканица ми удри, сè уште ја чувствувам – рече Матовска.

Таа смета дека зборовите на сопругот и неговата смиреност се нивната подлога за успешен брак и покрај предизвикот што им го донел животот, или како што вели, „тоа не е предизвик, туку легенда“.

– Како што писателот Пауло Коелјо вели „секој ја има својата легенда“, можеби јас и сопругот сме предодредени за тоа. Цако е нашата легенда. Универзумот ни го дал тоа како задача. Не дека ние како родители ја немавме задачата претходно со Марија и дополнително откако се роди Бојан. Но кажувам за една специфичност каде што се раѓа дете со посебни потреби. Дете на кое му треба многу љубов, многу грижа и истовремено да опстане бракот. И му велам на сопругот: „Сега што ќе правиме?“ Како сега ја паметам таа реченица, вели: „Луѓето кучиња чуваат, мачки чуваат, ние ќе си чуваме дете“ – рече нашата соговорничка.

Снежана Матовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Снежана Матовска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Во емисијата Матовска споделува и за невообичаеното породување два пати.

– На 26 години останав за првпат бремена со Марија. Тоа беше непознат терен за мене. По страшни болки ме однесоа во болница, ме ставија на бокс, со провокации со сè, ме спремаа за породување. Кога на крај излезе дека сум ти била во осми месец од бременоста, тоа било лажна тревога, јас не сум знаела дека постоело нешто такво лажно пукнат воденик. За после еден месец регуларно да одам и многу лесно да се породам – раскажува таа.

Ова е една интересна животна приказна на една храбра мајка, која покрај тоа што ќе ве воодушеви и мотивира, дополнително и ќе ве насмее.

Снежана Матовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Снежана Матовска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

МАМАВИЗИЈА | Зуица Лазова: Имав многу стресна бременост, Господ ја дочува Македонка

МАМАВИЗИJA | Од спонтан абортус до бременост со пет плода – несекојдневна приказна на трудницата Маја од Скопје

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот