Македонско-грчка граница, ГП „Евозни“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Грција носи итни мерки против гужвите на граница — туристите привремено ќе влегуваат само со пасоши, како порано

Грција ќе отвори нови шалтери и привремено ќе ја суспендира биометриската проверка на граничниот премин „Евзони“ за да ги олесни гужвите, откако новиот систем за влез на Европската Унија предизвика значителни доцнења и долги редици, објави „Катимерини“.

Станува збор за систем кој бара собирање биометриски податоци од државјани на земји надвор од ЕУ, вклучувајќи отпечатоци од прсти и фотографија на лицето.

Поради дополнителните проверки, времето за обработка на еден патник е зголемено од околу 20–30 секунди на две до три минути, што доведе до намален проток на возила и туристички автобуси, особено на преминот Евзони.

За да се избегнат екстремни застои, надлежните привремено ја суспендираат примената на биометриската проверка во периоди на најголем метеж, при што премините функционираат само со стандардна пасошка контрола.

Суспензијата е привремена — може да трае неколку часа — и се дозволува во случаи на долги редици од автобуси и од автомобили.

Паралелно се разгледуваат дополнителни оперативни решенија, меѓу кои отворање нови шалтери, оптимизација на постојните ленти и подобро искористување на расположливата инфраструктура на граничните премини. Дел од мерките опфаќаат и привремено пренаменување на постојни објекти со цел зголемување на капацитетот за обработка на патници и на возила.

ФОТО | Најдобри нудистички плажи во Грција за несекојдневно летно бегство

„Ова е мерка што ја имаме воведено и во часови на пик ја применуваме континуирано. Се обидуваме да ‘исцедиме’ сè што можеме,“ изјави Константинос Гиулекас, заменик-министер за внатрешни работи задолжен за прашањата на Македонија и Тракија.

Колку луѓе влегуваат

Според официјални податоци, Грција во 2024 година примила околу 12 милиони посетители преку патен сообраќај.

Претседателот на Здружението на хотелиери на Пиерија, Харис Цитлакидис, рече дека веќе забележува помал број на туристи во однос на минатите години.

„Туристите од Балканот ја поддржуваат и продолжуваат да ја поддржуваат регијата, особено во тешки времиња. Во време кога расположливите приходи за одмор се намалени и две војни се случуваат во регионот, ние додадовме уште еден проблем,“ рече Цитлакидис, предупредувајќи дека овие туристи може да се префрлат кон поевтини и подостапни дестинации како Албанија или Египет.

Здружението побарало, ако не можат да се преземат подготвителни мерки — како редизајн на влезните пунктови и зголемување на персоналот — владата да ја суспендира мерката до октомври.

ВИДЕО | Почнаа големите гужви кон Грција, на „Евзони“ утрово се чекало и четири часа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот