НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

НБРСМ: Основната каматна стапка е зголемена за 0,25 процентни поени

На 16 јуни 2026 година, Извршниот одбор на Народната банка одржа редовна седница посветена на монетарната политика, на која беше донесена одлука за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени – од 4% на 4,25%.

Одлуката е заснована на најновите економски податоци и проценки, како и на ефектите од глобалните случувања врз домашната економија. Во првата половина од годината беше забележана зголемена побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што доведе до поинтензивно присуство на Народната банка на девизниот пазар. Сепак, од мај наваму се забележува стабилизирање на побарувачката, додека се зголемуваат очекувањата за смирување на конфликтите на Блискиот Исток, иако геополитичките ризици и понатаму остануваат значајни.

Инфлациските притисоци сè уште се присутни. Во мај, инфлацијата забави на 4,8% на годишно ниво (од 5,7% во април), главно поради побавниот раст на цените на храната и повисоката споредбена основа од минатата година. Сепак, енергетската компонента и базичната инфлација укажуваат на продолжени ценовни притисоци, што создава ризици за пренос на поскапувањата во пошироката економија. Дополнително, се очекува повисока странска инфлација и умерен пораст на цените на енергенсите и дел од прехранбените производи.

Домашната економија покажува релативна отпорност. Во првиот квартал од 2026 година, БДП порасна за 3,1%, додека индикаторите за вториот квартал даваат мешани сигнали – раст во индустријата, но послаби резултати во трговијата. Во монетарниот сектор, депозитите растат во рамките на очекувањата, додека кредитната активност продолжува да расте побрзо од предвиденото, што дополнително ја поттикнува домашната побарувачка.

Девизните резерви на крајот на мај изнесуваат 5.209,7 милиони евра и се оценети како стабилни. Девизниот пазар во текот на мај бил стабилен, без потреба од интервенции од страна на Народната банка.

При носењето на одлуката бил земен предвид и потегот на Европската централна банка, која исто така ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени.

Провизиите „горат“- за водење на сметка во банка 35 денари месечно, за плаќање сметка на шалтер 50 денари

Народната банка останува посветена на одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот кон еврото и ценовната стабилност. Институцијата најавува дека ќе продолжи внимателно да ги следи економските движења и е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот