На Врховен му фалат половина судии, а вработените го тужат и бараат околу 70 илјади евра, покажува ревизорскиот извештај
Највисокиот суд во државава се соочува со сериозен недостиг на судии, финансиски проблеми, но и со тужби од вработени кои во судски постапки бараат 4.280 илјади денари, односно околу 70 илјади евра, покажува конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година на Врховниот суд.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во тек се 28 судски постапки што се водат пред надлежните судови, кои не се завршени и не може да се пресмета за колку пари ќе биде кусок Судот кој обезбедува единствена примена на законите од страна на судовите.
Камбовски: Набрзо ќе биде избран в.д. претседател на Врховниот суд
-Во Врховен суд на Република Северна Македонија, во тек се 28 судски постапки. Судот се јавува како тужена страна врз основа на тужби од вработени по основ на надоместоци и права од работен однос во вкупен износ од 4.280 илјади денари. Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежните судови до денот на ревизијата конечниот исход од истите не е познат при што постои неизвесност за финансиските импликации на Буџетот на Врховен суд во иднина – пишува во ревизорскиот извештај.
И покрај тоа што е забележан позитивен тренд на зголемување на бројот на решени предмети, ревизорите предупредуваат дека ефикасноста е ограничена поради недостиг од судии. Од предвидени 28 судиски места, на крајот на 2024 година биле пополнети само 11, кои подоцна се зголемиле на 14.
– Напоменуваме дека е неопходно пополнување на испразнетите судиски места, кои согласно Одлуката на Судски совет се предвидени 28 места вклучувајќи го и претседателот на судот, а пополнети на крај на 2024 година се 11 судиски места. Ревизијата истакнува дека во месец мај 2025 година зголемен е бројот на судии на 14 вклучувајќи го и претседателот на судот – пишуваат ревизорите во делот на бројот на судии во Врховен.
Дополнителен проблем претставува и нефункционирањето на клучни административни позиции. Врховниот суд од септември 2023 година нема судски администратор, што директно влијае врз организацијата и управувањето со судската служба. Во делот на судската полиција, ревизијата утврдува дека се надминати законските ограничувања за прекувремена работа. Исплатени се 781 час повеќе од дозволениот годишен максимум, што укажува на недостиг на кадар.
-Во актот за систематизацијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија во делот на судската полиција предвидени се 8 работни места, а пополнети се 5 работни места и тоа: командант, командир, заменик командир и 2 лица судски полицајци. Со увид во документацијата утврдивме дека се исплатени часови за прекувремена работа со што е надминат предвидениот максимум од 190 часа годишно по вработен, односно исплатени се 781 часа над предвидениот максимален број на часови за прекувремена работа. Во 2024 година од страна на Министерството за правда со Допис доставено до Судски буџетски совет побарани се податоци за преземање на професионални војници со навршени 45 години возраст и истиот е доставен до Врховен суд. Командирот на судската полиција информира дека обезбедувањето во судот се врши непрекинато 24 (дваесет и четири) часа, согласно Планот за обезбедување на судот и дека бројната состојба на кадровската екипираност на припадниците на судската полиција во судот е непроменета од 2018 година и истиот е во доволен број и со соодветна подготвеност за да одговори на сите предизвици во извршување на тековните работни задачи – пишува во извештајот.
И покрај недостатокот на судски полицајци, Судот доставил известување до судски буџетски совет дека кадровската екипираност на припадниците на судската е во доволен број за извршување на работните задачи.
– Согласност член 117 став 2 од Законот за работни односи прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени и предизвикува исплата на прекувремени часови над предвидениот годишен максимум од 190 часа. Со цел подобрување на работењето во делот на обезбедување на Врховен суд ревизијата смета за неопходно преземање на активности за пополнување на работните места на судската полиција предвидени со актот за систематизација – порачуваат ревизорите.
Сериозни забелешки има и за финансирањето на судството. Буџетот за судската власт во 2024 година изнесувал само 0,3 проценти од БДП, што е значително под законски утврдениот минимум. Дополнително, со ребалансот на буџетот биле намалени средствата за судството, што е спротивно на законските одредби.
-Средствата кои се издвојуваат од Буџетот за 2024 година за финансирање на Судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0.8% од бруто домашниот производ на Буџетот на Република Северна Македонија, односно одобрените средства во износ од 2.647.694 илјади денари претставуваат 0,3% од БДП – се вели во извештајот.
Ревизијата предупредува дека ваквата состојба може да ја загрози независноста и стабилноста на судската власт, како и да го забави спроведувањето на реформите. Инаку, ревизорите констатираат дека финансиските извештаи на Врховниот суд се објективни и точни, но потенцираат дека се неопходни итни мерки за зајакнување на кадровските капацитети и обезбедување стабилно финансирање.
Прашањата кои ги покрива Нацрт извештајот биле дискутирани на завршниот состанок со раководството и одговорните лица на субјектот Врховен суд одржан на ден 30.03.2026 година и 03.04.2026 година за кои дадоа свои коментари и објаснување. Од страна на одговорното лице на Врховен суд не биле добиени забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор.


