Фото: Слободен печат

Целосно е исчистена оловната згура во Орман, извршена е и ремедијација на почвата

Според она што можевме да го видиме на терен земјиштето каде што беше исфрлена оловната згура е заградено, поставена е рампа за да се спречи недозволено влегување на просторот, како и табла со известување дека е забрането фрлање отпад.

Дивата депонија од оловна згура што пред две и пол години беше откриена на приватно земјиште во село Орман во целост е исчистена, велат од Општина Ѓорче Петров. Како што тврдат, дополнително е извршена и ремедијација на почвата во длабочина од 50 сантиметри, според пропишаните европски директиви во областа на животната средина.

Опасната оловна згура од преработка на акумулаторски батерии беше откриена во октомври 2023 година на плац во близина на селото во количество од 500 до 600 тони, како што беше објаснето тогаш, при редовна обиколка на инспектор за животна средина на Општина Ѓорче Петров. Инспекторот по службена должност започнал инспекциска постапка и при тоа издал решение со кое им се наредува на сопствениците на земјиштето дислокација на опасниот отпад од парцелата во Орман на соодветна локација во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.

Фото: Слободен печат

На крајот на декември истата година, градоначалникот на Александар Стојкоски посочи дека Инспекторатот поднел две кривични пријави за фирмите „Рецикл еко-старт“ и „Сатус“ ДОО за загрозување на животната средина и природата со отпад по член 230 став 2 од Кривичниот законик.

Во постапката веднаш по откривањето се вклучи и Државниот инспекторат за животна средина, од каде соопштија дека на фирмата ѝ е даден рок од 60 дена да го врати отпадот на локацијата на „Рецикл еко-старт“, а во меѓувреме е задолжена да направи и протокол за враќање на опасниот отпад на посочената локација во општината Чучер Сандево.

Пренесувањето на отпадот започна во март 2024 година, но неизвесно беше колку долго ќе трае оваа постапка.

Опасниот отпад целосно е транспортиран во објектот на фирмата „Рецикл еко-старт“ во Општина Чучер-Сандево, каде што требаше да се изврши преработка на опасниот отпад, согласно измените и дополнувањата на нивната А-еколошката дозвола што од претходно ја поседува фирмата „Рецикл еко-старт“ – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Оловната згура се чисти од село Орман и се складира во базени во фирмата „Рецикл еко-старт“

На прашањето дали имаат сознанија дали фирмата го преработила целиот отпад оттаму, велат дека немаат таква информација.

Не поседуваме информации дали отпадот во целост е преработен, но според решението донесено од инспектор од ДИЖС (Државниот инспекторат за животна средина, во чија надлежност се инсталациите со А-еколошки дозволи), во склоп на самата инсталација беше изграден бетонски базен обложен со импрегнирано платно во согласност со стандардите, во кој е пренесен отпадот и кој е наменет за складирање ваков вид отпад до неговата преработка во самата инсталација – велат од Општината.

Оловната згура во Орман според лабораториските анализи што ги направи ДИЖС, содржела речиси 10 отсто олово, како и бакар, кадмиум и други тешки метали, а опасниот отпад „Рецикл еко-старт“ го третирала речиси цела година, иако за тоа немала дозвола. Проширување на А-интегрираната дозвола, со што би ја вклучиле и оваа дејност, побарале од Министерството за животна средина дури во септември 2023 година.

Фото: Слободен печат

Инаку, оловниот отпад, како што беше утврдено, потекнувал од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип, кој го предавал на „Рецикл еко-старт“ од Чучер-Сандево. Оваа компанија имала А-интегрирана дозвола исто како и „Таб-Мак“, но само за преработка на акумулатори, не и за третман на отпадот од тој процес. Тоа значи дека оваа компанија не смеела да прими опасен отпад, а уште помалку да го префрли на друга локација.

Во меѓувреме, „Рецикл еко-старт“ доби измена на А-интегрираната дозвола за преработка на отпадна троска од олово, по што можеше да ја преработува згурата, која од Орман се транспортираше на локација на фирмата, каде што се складираше во бетонски базени со заштитна фолија. Потоа со физички процеси требаше да се направи сепарација на оловото и да се топи во специјални печки.

Со оглед на количеството на отпад што беше складирано во Орман, транспортирањето траело подолго време, но сега просторот е исчистен. Според она што го видовме на терен, земјиштето е заградено, поставена е рампа за да се спречи недозволено влегување на просторот, како и табла со известување дека е забрането фрлање отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот